ХРВАТСКИ ПРАТЕНИК ИЗВИКА „ЗА ДОМ СПРЕМНИ“ Саборот расправаше за концертот на Томпсон
На младите луѓе што беа на концертот не им е грижа за партизаните, усташите и четниците. Тие дојдоа да изразат радост, среќа, патриотизам. Во име на сите овие млади луѓе, ги поздравувам овие господа со поздравот што тие би сакале да ви го испратат на сите вас, „За дом спремни“, рече пратеникот Дамир Билоглав.
Хрватскиот Сабор денеска расправаше за концертот на Томпсон, кој предизвикува контроверзи поради скандирањата на усташкиот поздрав „За дом спремни“, а пратеникот Дамир Билоглав од десничарската коалиција ДОМиНО од говорницата го изговори поздравот „За дом спремни“.
Милорад Пуповац од партијата на Србите, ги пофали државните и градските служби за сè што направија за време и по големиот концерт и праша „зошто не беше можно да се заштитат уставните вредности и вредностите на ЕУ?“
– Зопто тие вредности не беа заштитени од симболите, пораките, песните и скандирањата што ги величаа членовите на усташкото движење и ја поздравуваа НДХ со официјалниот поздрав ‘За дом спремни’ за време на концертот и по него? Дали ова има цел да го продлабочи и јазот во односите со соседните земји како што се Босна и Херцеговина или Србија. Хрватите надвор од Хрватска ќе претрпат штета, политичката стабилност на односите во регионот ќе претрпат штета – рече Пуповац.
Тој исто така праша дали немало реакција на усташките поздрави со цел да се „дисциплинира“ самата Хрватска, „земјата да се потчини на еден светоглед“, „да се гледа со сомнеж на сите што не биле на Хиподромот и да се прогласат за злонамерни“.
– Се надевам дека не е како што изгледа. Без разлика колку луѓето пеат, зборуваат и молчат, усташите и НДХ на Хрватска ѝ оставија наследство од голем криминал и ужасна потчинетост – рече Пуповац.
Неговиот говор предизвика остри реакции во Саборот.
– ХОС (парамилитарни сили во Хрватска на почетокот од 1990-те) гинеше и ја бранеше Хрватска од овие луѓе како што е Пуповац – рече независниот пратеник Јосип Јурчевиќ.
Нино Распудиќ рече: „500 илјади усташи во Загреб, а ниту еден Србин не изгуби ни влакно од главата. А во Србија, Србите се тепани секој ден, па се покажува дека Србите се побезбедни меѓу усташите отколку меѓу сопствениот народ“.
Дамир Билоглав, кој во одговор на оваа дискусија од говорницата возврати со поздравот „За дом спремни“, рече дека не видел усташи во Загреб.
– На младите луѓе што беа на концертот не им е грижа за партизаните, усташите и четниците. Тие дојдоа да изразат радост, среќа, патриотизам. Од овие собири испраќаат порака до сите нас стари луѓе – ‘ние не се грижиме за вашите приказни, стереотипи. Ние не сме носители на ничии хипотеки, не се согласуваме со ничии уцени, нема да дозволиме да ни ставате лудачки кошули. Родени сме во слободна Хрватска, ќе живееме во таа Хрватска како што сакаме, ќе пееме песни што ги сакаме, ќе се поздравуваме со поздравите што ги сакаме и нема да ни е грижа за вашите глупости’. Во име на сите овие млади луѓе, ги поздравувам овие господа со поздравот што тие би сакале да ви го испратат на сите вас, „За дом спремни“ – рече Билоглав.
Опозицијата бараше реакција од претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, но таа изостана, што дополнително ги зголеми тензиите.
Јандроковиќ рече дека поздравот „За дом спремнни“ има двојна конотација – некои го поврзуваат исклучиво со НДХ, а други го поистоветуваат со Татковинската војна и времињата на одбрана на Хрватска.
– Јас ги осудувам усташките симболи и сметам дека сè што е поврзано со НДХ заслужува осуда, но исто така ќе ја бранам честа на хрватските бранители – рече Јандроковиќ.
Ивица Кукавица од Татковинското движење рече дека младите не доѓле на концертот да предизвикуваат проблеми и да провоцираат, туку да им оддадат почит на вредностите што ги претставува Хрватска.
– Ме растажуваат негативните реакции од политичкиот спектар. Не можеме да ја закопаме Втората светска војна. Ако ХОС, песните и поздравите не беа непријатни за Туѓман и Рачан, зошто ни се непријатни нам 20 години подоцна? Зошто и во чие име го делиме ова општество? Зошто реакциите од нашиот левичарски спектар звучат како во Србија – рече Кукавица и ги повика сите да ги „намалат тензиите“.
Оваа расправа покажа дека темата за поздравот „За дом спремни“ и понатаму длабоко ја дели хрватската политичка сцена, а изостанокот на јасен и недвосмислен став од претседателот на Саборот предизвика дополнителни спорови за односот на државата кон наследството на НДХ и пораките што ги испраќа до јавноста и меѓународната заедница, пишуваат локалните медиуми.
Уставниот суд на Хрватска во март 2020 година објави соопштение дека поздравот „За дом спремни“ не е во согласност со Уставот на Република Хрватска, бидејќи претставува симбол на усташкиот режим на НДХ – режим кој бил тоталитарен, расистички и фашистички. Уставниот суд исто така наведе дека тој поздрав не може да се оправдува дури ни во околностите на Татковинската војна, во која го користеле некои единици на ХОС.
За концерот на Томпсон зборуваше и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ. Тој рече дека е градоначалник, нема да има повеќе концерти од ваков обем.
Причините се безбедноста на граѓаните и квалитетот на живот на жителите на Загреб во тоа време, додаде тој.
– Усташкиот поздрав беше употребен на концертот, на мое големо жалење. Верувам дека граѓаните дојдоа поради патриотизам и концертот, а не за да го поддржат усташкиот режим. Исто така, во центарот на Загреб се пееја усташки песни. Полицијата не го спречи тоа, ниту ги идентификуваше прекршителите – рече тој.