ХРВАТСКА ПОДДРЖУВА ДА СЕ ФОРМИРА ПАЛЕСТИНСКА ДРЖАВА Загреб ја повика ЕУ да заземе координиран став
Веруваме дека единственото одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт е она што вклучува создавање на две држави - Израел и Палестина, кои ќе живеат една до друга во мир, безбедност и меѓусебно признавање. Таквото решение мора да дојде преку дијалог, преговори и силна меѓународна поддршка, се вели во соопштението на хрватската влада.
Единственото одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт е создавање две држави, соопшти денеска хрватската влада.
Соопштението доаѓа откако Франција ја објави својата намера да ја признае државата Палестина. Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа објави дека Франција планира да ја признае Палестина на Генералното собрание на ОН во септември.
Во соопштението на хрватската влада не е прецизирано дали Хрватска ќе го стори тоа. Лани Шпанија, Ирска, Норвешка и Словенија ја признаа државата Палестина, а Малта објави дека ќе го стори тоа оваа година.
Хрватската влада нагласи дека внимателно ги следи сите вакви меѓународни иницијативи, вклучително и одлуката објавена од Макрон, и слични активности на други европски земји. Загреб забележува дека потребата од решавање на конфликтот станува сè поитна и е важно прашање во меѓународните односи.
„Веруваме дека единственото одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт е она што вклучува создавање на две држави – Израел и Палестина, кои ќе живеат една до друга во мир, безбедност и меѓусебно признавање. Таквото решение мора да дојде преку дијалог, преговори и силна меѓународна поддршка“, се вели во соопштението на хрватската влада.
Хрватската влада додава дека признавањето на државата Палестина е фундаментално политичко прашање и ја повика ЕУ да заземе координиран став.
Во соопштението, исто така, се потврдува јасната и доследна поддршка на Хрватска за праведен и траен мир на Блискиот Исток. Се нагласува дека цивилните жртви во Газа се неприфатливи и дека хуманитарната помош мора да стигне до сите погодени цивили, особено до жените и децата.