Првото рочиште за тужбите на туристи против државата Австрија, а поради инфекција со коронавирус ќе се одржи во среда на, 23 септември, во Сојузниот суд во Виена, пишува Слободна Далмација.
Станува збор за добро познатото модерно скијачко одморалиште Ишгл во Тирол, „Алпска Ибица“, од каде што инфекцијата со ковид-19 почна незапирливо да се шири низ цела Европа кон крајот на февруари и во првите недели од март.
Весникот пишува дека од првиот момент, имало јасен недостиг на навремена реакција од одговорните и надлежните, а многумина се убедени дека имало и обиди да се заташка случајот за да не се прекине сезоната и да се изгуби мултимилионска заработка во скијачкиот рај.
Здружението за заштита на потрошувачите од Виена (ВСВ) застана зад заразените и оштетените и откако доби околу 6.000 жалби и ги охрабри да преземат судски чекори.
Илјада од заразените, од 45 земји изјавиле дека се подготвени да поднесат тужба и да бараат отштета на суд, а девет се од Хрватска.
– На крајот на септември ќе имаме шест до осум случаи. Станува збор за жртви од Германија, Швајцарија и Австрија. Во два случаи беше издадено барање за надомест на штета од 100 илјади евра, бидејќи во едниот имаше фатален исход, а во другиот странката беше поврзана со респиратор долго време на болничка интензивна нега, а подоцна и на рехабилитација. Откако ќе видиме како државата Австрија дише и дали има волја да ги компензира жртвите, планираме да бараме правда за другите луѓе, вклучително и Хрватите, преку колективна постапка. Како што стојат работите сега, ќе треба од половина година до една година за тоа да влезе во судската постапка – објасни Петер Колба од Здружението за заштита на потрошувачите од Виена.
Тој е голем оптимист бидејќи, тврди дека сè укажува на тоа дека се направени големи грешки во Тирол.
– Ние ја тужиме Австрија како држава, бидејќи тоа е федералниот министер кој е одговорен за здравјето на сите луѓе на нејзината територија. Ова, се разбира, не ја намалува одговорноста на регионалните власти во Тирол, ниту на општината во која административно се наоѓа Ишгл, но нема упатства и строги мерки од Виена. Администрацијата требаше да предупреди една недела пред или да ги затвори скијачките центри една недела порано, наместо да чека до 13 март. Потоа настана хаос – вели Колба.