📽️ ХРАБРОСТА КАКО КЛУЧ ЗА УСПЕХ Анѓушев говореше за ризиците и глобалната експанзија
Потребно е вешто управување со ризиците, правилно одредување на времето за трошење и штедење. Досега никогаш не сме се соочиле со губење на ликвидноста и посветено работиме тоа да остане така, истакна Ангел Анѓушев во поткастот „Бизнис-клуб“.
За да се освојат нови пазари, потребно е да се преземат ризици. Колку поголем ризик, толку поголем профит. Понекогаш премногу размислување може да доведе до стагнација бидејќи сè изгледа опасно – изјави оперативниот директор на „Грин машинс“, Ангел Анѓушев, во новата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“, во разговор со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
Анѓушев нагласи дека храброста е клучна за успех во пазарната економија. Компанијата „Брако“, чиј дел е „Грин машинс“, функционира според зелената агенда и користи еколошки енергетски решенија, со што успеа да се позиционира на глобалниот пазар. Нивните производи се достапни во десетина држави во САД, како и во Мексико, Европа, Источна Азија, Велика Британија и Блискиот Исток, кои претставуваат традиционални пазари за компанијата.
– Секој менаџер мора во секој момент да знае што се случува со компанијата. Потребно е вешто управување со ризиците, правилно одредување на времето за трошење и штедење. Досега никогаш не сме се соочиле со губење на ликвидноста и посветено работиме тоа да остане така – истакна Анѓушев.
Во подкастот се разговараше и за квалитетот на образовните програми во странство. Анѓушев забележа дека техничките науки имаат повисоко ниво на компатибилност на меѓународно ниво, за разлика од општествените, поради универзалноста на природните закони. Тој ја нагласи потребата младите да имаат решителен став доколку сакаат да успеат како претприемачи.
– Младите кои сакаат да се занимаваат со претприемништво мора да бидат ментално силни, да не се предаваат пред пречките и секогаш да гледаат на предизвиците како можности за раст. Проблемите – било да се технички или меѓучовечки – треба да се прифатат со позитивна енергија и да се решаваат со креативност – потенцираше Анѓушев.
Тој додаде дека успехот доаѓа само со упорност и способност да се носат одлуки под притисок, без да се заплашат од големината на проблемите. Според него, секој млад претприемач треба да се фокусира на решенија наместо на пречките.