Хипотезата „Не!“
Експериментот, кој ако потоа се покаже успешен, вооедно би го трасирал патот за постепено свенување на корумпираноста и дисфунционалноста, би започнал не со првиот чекор, како што вели Лао Це, туку со првото „не!“. „Не!“ изговорено пред „странските фактори“ претставени од разни „заменици секретари, потсекретарки и вицепотсекретарчиња“, „евро (атлантско) - емисари, чиновници и останатата канцелариска фауна на белгискиот главен град“, а во прв ред од амбасадори, амбасадорчиња и особено амбасадорки (сепак, не смееме да бидеме сексисти). Еве, за почеток тоа „не!“ нека биде кажано навидум несакајќи, тукуречи без причина, или како еден вид уметнички перформанс (патем, на македонски се вика „изведба“), колку да се преброди првичниот страв. Зуцнете „не!“, барем еднаш, ќе ви олесни на душичката...
Човек се прашува – од каде доаѓаат мислите, коишто ги смета за спонтани? Дали како риба сабјарка изнурнуваат без предупредување од океанот на потсвеста (или, не дај Боже, од Ид), што би било некакво фројдовско објаснување, или можеби претставуваат ненадеен отсјај на даден архетип од бројните соѕвездија архетипи, коишто го попрскуваат небото на колективното несвесно, образложение, кое несомнено би му било помило на Јунг? Дали твојата мисла е сал последната алка на вдахновенија, чиј искон лежи во оној ὑπερουράνιος τόπος (како би го превеле – „наднебесното место“, „наднебесниот простор“?), според беседењето на божествениот Платон во неговиот Ијон? Има и такви, кои повикуваат на претпазливост кога станува збор за мисли, чиј извор не го знаеш, оти наводно нивниот вметнувач може да испадне жител на определено географско подрачје, со кое, чинам, Данте беше подобро запознаен… Како и да е, пред извесен број седмици, не знам од каде, туку така, да речеме сосема спонатано, ми се јави цела серија мисли. Долго време се двоумев дали да ги споделам со некого, поради нивната очебијна еретичност. Но како да си голтнал жар, ако не ги кажеш некому, одвнатре те печат. Резултатот на мојата неспособност да го трпам повеќе тоа печење се речениците, кои во продолжение ќе ги прочитате, па еретички биле тие или не. Еве, вие бидете ми Инквизиција, и судете!
Султан Мурат изгледа не е виновен
Помислив:
Ако сретнеме наш човек на улица или во парк, најдобро да е над извесна возраст, па го прашаме: „Кажи ми како согледуваш, чисто лично, од твое искуство, дали сега сме покорумпирани или пред десетина години, дали денес системот кај нас ти изгледа повеќе дисфункционален или можеби пред една деценија?“ – Одговорот не мора особено и да го погодуваме, така? Кога би продолжиле: „А дали пред десет години сме биле покорумпирани и подисфункционални или пред можеби триесет?“ – јасно ни е дека повторно постариот датум ќе биде согледан како понепоткуплив и пофункционален во споредба со поновиот. Во уште поголема мера тоа ќе беше случај ако продолжевме со прашањата до четиреисетина години наназад. Но нема потреба, поентата ја сфативте…
А сега вам ви го поставувам прашањето – контрапункт: Дали денес „странците“ (знаете точно на кои мислам, другпат ќе глумиме лудило), т.е. амбасадите, имаат поголем удел и влијание во „менаџирањето“ на македонцките ни работи или пред една деценија? Понатаму, дали амбасадите пред десет години имале поголема улога во обликувањето на нашата реалност или пред триесет години? А во споредба со пред четириесет..? И овојпат одговорот ни е јасен, колку и да го премолчуваме.
Станува интересно, нели?
Пред да продолжиме, ќе скокнеме малку до иднината. За разлика од сите останати, за коишто иднината претставува terra incognita, ние нејзе веќе одамна ја имаме мапирано. Спротивно од другите, кои не знаат што во утрешнината ги чека, ние точно знаеме дека таму со раширени раце нѐ очекува Таа, русокосата, синооката, со правилно издолжен ариевс…, пардон, нордиски череп, заносната, „сексапил“ Европска Унија. Додуша, конкретниот датум, на којшто дамава ни го закажала судбинското rendez-vous, сеуште не ни е баш познат (впрочем, да го знаевме, веќе ќе беше внесен со црвено во религиозните ни календари, станувајќи повод за весели слави, имендени и останати теревенки), но како и да е, со сигурност знаеме дека тој мора да е таму некаде, прицврстен на определено место од оската на иднината. Со други зборови, ова попладне сме поблиску до Неа од вчерашното, во овој час Таа ни е повеќе на дофат одшто во тој пред него, оваа секунда сме поприпиени до Нејзе од претходната итн (и не, не е ова намек на една од апориите на Зенон).
Од досега размислуваново заклучоците се: 1) „Странците“ и нивните амбасади сѐ повеќе и понепосредно управуваат со нас; 2) Унијата ни е сѐ поблизу; 3) Стануваме сѐ покорумпирани и со сѐ подисфункционален систем.
Сѐ е логично, сѐ се поклопува, сѐ следи едно од друго, така?
Чекај, нели требаше да биде обратно? Зарем корумпираноста и системската дисфункционалност не претставуваат наши вродени особини, безмалку како српеста анемија, генетски наследени од „комунистичкото“ (патем, да се разбереме, ниедна државна творба во историјата нема тврдено за себе дека е „комунистичка“ туку најмногу – социјалистичка), „османското“ и „византиското“ минато? Со други зборови, ако треба некого да обвините за тендерските махинации, неспосбните бирократи и куферчињата à la Louis Vuitton, обвинете ги слободно Јустинијан I, Султан Мурат и Маршал Тито. Нели, вака горе-долу нѐ убедуваа амбасадите и амбасадичките, кои на овој начин го оправдуваа и својот сѐ позадушувачки стисок врз македонското општество, божем како еден вид „терапија“ што ги лекува симптомите на нашите „генетски мани“, без којашто тие природно ќе метастазираат и која затоа е должна да трае вечно.
И без мое потсетување, јасно дека тука го препознавте стариот колонијалистички трик, кога колонизаторот на колонизираните систематски им „набива“ комплекс на пониска вредност, божем одредени девијантни појави претставуваат нивна вродена, неменлива даденост наследена од минатото, кое по самата природа не може да биде променето (дури и кога станува збор за девијации, коишто тој, колонијалниот освојувач, свесно и со предумисла ги промовирал, како што беше алкохолизмот меѓу домородните народи на Америка и опиумската зависност во Источна и Југоисточна Азија), та со ова ја оправдува „самопожртвуваната нужност“ на неговото продолжително управување со човечките и природните „ресурси“ на колонизираните подрачја, за коешто уште очекува да му биде искажана и благодарност од сè срце.
А овде што гледаме? „Комунистичкиот“ период на нашата историја беше прекратен во 1991 год., „османскиот“ период заврши во 1912 год., додека на „византискиот“ му дојде крај уште кон средината на XIV век. Сега ли сме поблиску до 1991 год., 1912 год., XIV век или пред десет, триесет, четириесет години? Ако навистина постојнава корумпираност и дисфункционалност се должи на поредицава „историски мината“, тогаш негативниве појави нужно би требало да бидат посилно изразени кога хронолошки сме биле поблизу до горенаведениве дати. Меѓутоа, спротивното се случува. Фактите установени со голо набљудување укажуваат на следнава корелација: Корумпираноста на македонското општество и дисфункционалноста на системот низ децениите се правопропорционални со засилувањето на влијанието, па и сѐ понепосредното управување, на „странците“ и нивните амбасади врз нашиот општествено-политичко-културно-економски живот, како и декларираното континуирано приближување кон ЕУ.
Пред фактите би требало да замолчат… дури и амбасадорите.
Џемперите и грипот
Корелацијата, секако, сама по себе не докажува и причинско-последичен однос. На пример, ние секоја година наесен можеме да установиме корелација помеѓу зголеменото носење џемпери и зачестената појава на настинки и грип. Ова не значи дека џемперите ги предизвикуваат грипот и настинките, туку студот е тој, кој истовремено изнудува да се носат џемпери, но и прави полесно да настинеме и фатиме грип. Од друга страна, за да се утврди причинско-последичен однос помеѓу две нешта неопходно е првин да постои нивна заемна корелација. Накусо, корелацијата претставува нужен, но не и доволен услов на причинско-последичниот однос. Но секогаш, кога веќе е присутна, корелацијата мора да биде објаснета, барем преку хипотеза…
Така и јас корелацијата помеѓу нашата нараснувачка корумпираност придружена со системска дисфункционалност и подеднакво нараснувачкото влијание и контрола на „странците“, т.е. амбасадите, ќе се обидам да ја објаснам токму како еден вид причинско-последичен однос преку следнава хипотеза:
Вообичаено кога некој претендира да заземе определена јавна функција, ние неговите мотиви за таквиот стремеж ги дефинраме како „желба за власт“. Но впрочем, што е тоа „власт“? На извесен начин неа би можеле да ја согледаме во можноста за креативното моделирање на некој процес или општествена состојба итн. Во таа смисла, колку на прв поглед да ни изгледа парадоксално, власта има нешто заедничко со уметноста. Архитектот има власт над формите да ги подреди и обликува на начин како што смета дека е најумесен за зданието, кое сака да го создаде. Композиторот токму со власта, којашто ја има над звуците и нотите, нив слободно ги подредува во мелодии. Притоа, самиот чин на спроведување на ваквата власт несомнено му носи определено чувство на задоволство на оној, којшто тоа го прави (кој го тврди спротивното, се прашувам колку е искрен). Целта на власта што ја има уметникот е убавината, целта на власта што ја поседува политичарот би требало да биде она, коешто ќе го наречеме „општо добро“ (а за тоа поподробно малку подоцна). Понекогаш како мотив на тој што сака да се вклучи во државната власт служи токму самото тоа чувство на задоволство од владеењето, и тогаш велиме дека станува збор за властољубие. Сврзано со властољубието, секако, е и славољубието, па, така, и желбата за слава може да преставува еден од мотивиарчките чинители за човек да учествува во политичкиот живот. Но ова не мора секогаш да се смета и за толку негативно. Интересно како Аврелиј Августин (354-430) во неговата За градот Божји (De Civitate Dei), говорејќи за Рим, укажува дека, иако славољубието и не е убава работа (барем не од христијанско стојалиште), старите Римјани, макар од желба за слава, твореле несомнено големи и доблесни дела.
Но што се случува кога носителот на државна функција реално бидува лишен од вистинска власт. Таква е ситуацијата кај нас, каде што миц по миц, изнуден договор по изнуден договор, висока дипломатска посета по висока дипломатска посета, постепено варени на тивок оган како пословичната жаба, неосетно и за самите нас, низ децениите грамадниот удел на власта за одлучување им ја препуштивме на „странците“, односно амбасадите. Социјалистичкиот циклус на историјата започна во 1917 год. во Петроград со паролата на Октомвриската револуција – „сета власт на Советите (оние работничко-селанските)“, за кај нас да заврши во последната деценија на истиот век со имплицитното мото – „сета власт на амбасадите!“ Не ни е сега темата да разглобуваме зошто и како се случило ова, ќе се задржиме само на крајниот резултат. Што мислите, како ваквата состојба влијае врз „човечкиот материјал“ на номиналните носители на државни функции? Да бидеш на функција, која по дефиниција подразбира власт и моќ на одлучување, која во реалноста никој не ти ја дава, а тебе притоа ти недостасува смелост сам да си ја земеш, зарем ова не ги извлекува од човека оние особини, коишто Ниче ги подвел под поимот Sklavenmoral? Со тек на времето, бидејќи државната функција станува напуштена кокона, веќе испразнета од можност за владеење и стекнување слава, таа повеќе не ги привлекува ни властољубивите, ниту славољубивите, туку само оние, коишто во својство на „утешна награда“ политичката функција ја разбираат исклучиво како шанса за „материјална надградба“. Мамката за пари изгледа станува клучниот мотив за вклучување во власта.
Не сме во состојба да ја докажеме тезата дека моралниот бродолом, на оние, кои ги зафаќаат високите државни позиции, нужно и каскадно доведува до деморализација (во обете смисли на зборот) на целокупното општество. Менциј (Мѐнг Ци̌’; 372-289 п.н.е.), класичниот кинески философ од конфуцијанската школа, бил уверен дека е така (потсетете ме подоцна да спомнам Менциј и во поинаков контекст):
„Само тие што се одликуваат со човечност треба да бидат поставувани на високи должности. Во спротивно, ако некој што не се одликува со човечност зафаќа висока положба, тој само ќе ја распространи сопствената порочност врз многумина други. Кога надредените го пренебрегнуваат Патот (道: Та̀о), тогаш подредените ќе престанат да ги почитуваат законите. Кога кралскиот двор не верува во Патот, тогаш еснафлиите ќе престанат да имаат довреба во мерите, а кога благородниците постапуваат спротивно на праведноста, тогаш обичните луѓе ќе почнат да ги престапуваат кривичните одредби. Во ваков случај чиста среќа е државата да опстане.“ (Менциј VII, 1 [4А1])
А после ќе каже некој сме немале среќа.
Од оваа перспектива, ви изгледа ли уште толку чудна корелацијата помеѓу нараснувачката моќ на „странците“, т.е. амбасадите кај нас и набабрувачкиот прилив на корумпираноста и дисфункционалноста? Сега, можеби ќе речете – „но сигурно тоа не им била намерата на ,странците‘, туку станува збор за несакана последица, исто како нуспроизвод на лек.“ Згора, би можеле да тврдите дека токму „странците“ се тие, кои се најзаинтересирани за борба против корупцијата, но чудна работа, колку повеќе се борат, толку таа зема сè посилен замав. Парадокс! Парадокс, кој во главни црти уште пред повеќе од два ипол милениума, замислете, го забележал и Лао Це:
„Колку повеќе закони и укази се објавуваат
(= странско спонзорирани „мерки против корупција“),
Толку и разбојниците и крадците се умножуваат.“
(Та̀о Те́’ Џӣнг, 57)
Третата позиција
Топлата вода не сме ја измислиле ние. Уште од антиката смислата на политичката власт била согледувана во обезбедувањето на она што Аристотел би го нарекол „општо добро“, „општа полза“. Станува збор, имено, за доброто што единствено може да биде остварено од страна на заедницата како целина и уживано во заедница, и кое во никој случај не се сведува просто на математички збир составен од индивидуалните добра на нејзините членови. Ова последново, имав можност да го согледам „во живо“, на телевизија, одвај пред некоја година, кога само што бев вратен во Македонија. Стануваше збор за репортажа од протест на група граѓани од една скопска населба, кои беа сопственици на индивидуални куќи, на чие место било предвидено градење на нова станбена четврт, а со планот бил оставен и простор за зеленило, ако не се лажам, и за паркинг места, градинки и слично. Сопствениците беа бесни на тоа што со одвојувањето простор за сево ова тие во просек би добиле помалку квадратни метри во новоизградените станови како компензација за нивните имоти. Помнам како некои од нив гневно скандираа: „Не ни треба зеленило!“ Од аспект на индивидуалното добро, јасно е дека добивањето повеќе квадратни метри во станови е подобро за секого од овие луѓе поединечно. Но уште појасно е дека зеленилото, градинките, паркингот итн., претставуваат општо добро, кое поединец не може сам да го создаде, и во кое ужива како член на заедницата, та чија вредност за него е неизразлива со конкретна сума пари. Кога времето би можело да се забрза со притиснување на fast forward, под претпоставка дека им била исполнета желбата на овие протестанти, па да ги видевме после изминат број на години, по можност во ова годишно време, некаде ноември или декември, немам ни зрнце сомнение како би ги чуле да „мрчат“: „Не се дише, воздухот ни е загаден, каму зеленило, што прави државата? А нема ни каде да паркираме, брука! Како бе тоа да не се наоѓа место во градинките децата и внуците да си ги запишеме, па мора и врски да фаќаме. А бре ,мајката-шајката‘, виновна е градската власт, виновна е владата, нека идат и градоначалник и премиер у…“ Сепак, на мене, кој ова го пишувам, како и на вас, кои ова го читате, очигледно ни е дека ќе си бидат виновни исклучиво самите.
Обезбедувањето на општото добро како цел на државата, а не нечие и нечии индивидуални добра, најмалку на оние што владеат, претставува речиси универзален увид низ цивилизациите. Така, во Книгата на записите (尚書: Ша̀нг Шӯ), најстарото историографско дело во кинеската литературна историја, а кое воедно може да се смета и за прво книжевно остварување од областа на политичката философија (не само во Кина, туку веројатно и во светот), компилирано помеѓу XI и VIII век п.н.е. (но и со некои подоцнежни сегменти), поточно во 22-то поглавје од нејзината т.н. старописна верзија (можеби и не требаше да ве заморувам со овие филолошки подробности) се вели:
„Воспоставувањето на држави и установување на престолнини, востоличувањето на кралеви, кнезови и велможи, ништо од ова не се прави со цел да му служи на спокојот и задоволството на еден човек, туку во полза на добриот ред меѓу народот.“
Варијанта на истата тема е и свеста дека политичката власт треба да има свест за надсветовно Начело, коешто го гарантира општото добро, како што, на пример, напоменува Максим Исповедник (580-662) во своето Писмо до Јован Кувикулариј:
„Цар е оној што владее за Бога, а не за себе, тиранин е, пак, таквиот, кој владее за себе, а не за Бога.“
Како што гледате, доста рано била направена разлика меѓу две можни позиции во однос на политичката власт: 1) кога се владее за општото добро; 2) кога се владее за себе. Во некоја смисла разликата помеѓу овие две позиции ја исцртува меѓата помеѓу легитимната и нелигитимната власт. Сумирајќи ја некако платоновско-аристотелијанската мисла (се надевам не премногу изнасилено) во однос на ова прашање, ги добиваме следниве парови на легитимни и нелегитимни облици на власт: кога власта ја спроведува, пред сè, едно лице заради општото добро, тоа се нарекува монархија, а кога едно лице владее за себе, станува збор за тиранија; кога одреден број на лица ја спроведуваат власта за општото добро, тоа го нарекуваат аристократија, а кога мал број лица владеат за себе говориме за олигархија; кога пошироко граѓанско тело ја спроведува власта заради општото добро, тоа се нарекува политеја, а кога такво пошироко граѓанско тело владее исклучиво за своите поединечни ползи, станува збор за демократија. Последново воопшто да не ве збунува. Нели, пред малку, на нашиов скопски пример, илустриравме како може бројна група на граѓани во искрена желба да си го обезбедат личното добро, да го поткопаат општото, а со тоа во крајна линија и смислата на државата.
Тука редно е да си честитаме сами на себе. Зошто? Како што гледаме, и Платон и Аристотел, како и кинеските мудреци и философи, а верувам и оние од останатите делови на светот, најмногу што можеа да идентификуваат позиции во однос на спроведеувањето на власта беа две, да повториме – владеење за општото добро и владеење за себе. Ние Македонците откривме и спроведуваме трета позиција – владеење, ниту за општото добро, ниту за себе, туку строго за „странците“, односно, амбасадите! Сега никој не може да тврди дека не сме биле иновативни, нели? Ова дури би можело да се смета за наш оригинален придонес во светската политичка пракса, а богами и теорија. Во таа насока, чув неодамна како конкретно на мојата маленкост ѝ ја припишуваат заслугата за именувањето на таквата „трета позиција“, барем онака како што таа е инкарнирана во македонскава реалност – „амбасадократија“. Можеби тоа е и точно, но однапред да ви кажам – не претендирам врз никакви патентни права на овој збор. Сега, како капак на сè, можеби ќе имам малку проблем и со суетата, та час поскоро ќе ми биде потребен Максим Горки да ме потсети дека – „скромноста го краси човекот“.
Поимот „амбасадократија“ сега слободно може да им се придружи на такви класични именувања, како гореспоменатите „монархија“, „аристократија“, „олигархија“, „демократија“, „теократија“ (патем, последниов поим е измислен од римско-еврејскиот историчар од I век Јосиф Флавиј со цел да го дефинира за античката публика политичкото устројство на еврејскиот народ во т.н. епоха на судиите, помеѓу Мојсеј и изборот на првиот нивен цар Саул, уредување што тој го сметал за најсоодветно).
Некој циник во однос на домашниве ни спроведувачи на третава позиција би можел непокането да каже: Да, тие можеби владеат за амбасадите, но крадат за себе! Не знам јас за тоа, но ваквото тврдење би имплицирало дека „странците“, како de facto уживатели на нашиот суверенитет, соочени со избор помеѓу – а) домашна управувачка гарнитура, којашто краде, но им е послушна на амбасадите, и б) домашна управувачка гарнитура што не краде, но не им е послушна на амбасадите, би претпочитале… А што, всушност, би претпочитале?
Како конечен резултат, амбасадократијата тежнее да си создаде еден сосема нов екосистем, во чиј склоп таа се надева да биде овековечена. Како и секој екосистем, така и овој ги фаворизира оние видови живи суштества, коишто најдобро смогнале да му се прилагодат. Во тој поглед еволутивно најуспешните својата еколошка ниша во ланецот на исхрана удобно си ја нашле (или скратено: „се снашле“) во улогата да ја моделираат свеста, мислите, културните норми, локалните интелектуални стандарди итн со цел обезбедување неприкосновена хегемонија (ми се испушти да прозвучам грамшијански) на амбасодократијата врз она што се случува во нашите глави. Природонаучните истражувања покажуваат дека видовите што најумешно се приспособиле да ја извршуваат посоченава функција претставуваат печурки од биолошкиот род Nutricatus Gubernationum Occidentalium, коишто никнале и никнуваат врз плодоносната, хумусна, убаво разгниена почва на амбасадократијата побудни во буен раст под златестиот дождец од грантови што врне од западниот агол на небото. Станува збор за печурки чудесни на вид, од шарени пошарени, од мирисни помирисни, кои со ароматичен шепот намамуваат да ги вкусиш. Оние, пак, што пробале од нив, па им се уарнил тој волшебен вкус, откриле дека тие печурки од нашево поднебје споделуваат една каректиристика со извесна габа, која чинам беше од Мексико, та исто како неа те внесуваат во светот на Лајбниц, оној де – најдобриот од сите можни, каде нема сушна и дождовна сезона, туку грантовите севезден врнат, или барем росат и капат, но што е најважно, не престануваат никогаш, и тоа е доволно нивните уживатели да се убедат дека не само што амбасадократијата е нормална, туку сосем незамисливо, па и непожелно е да ѝ се најде алтернатива. На овој начин, во склоп на екосистемот изнуден од амбасадократијата се роди уште и грантократијата како нова класа (или поскоро каста), можеби не истата, на која има укажано Милован Ѓилас, овојпат повоинствена, во стилот на индиските кшатрии, која е подготвена да ја брани амбасадократијата до гроб, по можност туѓиот.
Доста од габично предизвиканата психоделија, да ѝ се вратиме малку на реалноста. Знаете која особина најмногу иритира кај политичките кадри однегувани во јаслите на амбасадократијата? Не е тоа ниту претпоставеното среброљубие, не е дури ни сервилноста, врз чија разлигавена трага човек се гади дури и случајно да стапне на тротоар, туку смртната здодевност, со којашто тие зрачат. И пред да отворат уста, чиниш однапред знаеш што ќе кажат и како ќе им заврши лесно заборавливиот поток од зборови. Чувствувам искрено состраданние за новинарите, кои по службена должност мора да ги интервјуираат и притоа им е безмалку невозможно да извлечат ништо оригинално или барем духовито од нив. Добро, простете ми ја тука дрскоста да делам совети во туѓа професија, но мислам дека би знаел како, ако веќе не може да се изнуди оригиналност или духовитост од нив, тогаш барем да им се извлече непријатна тишина. И тоа би можело да се смета за еден вид новинарски успех.
Совет бр. 1:
Поставете им го следново прашање: „Која е главната цел / определба на вашата партија / движење / политичка опција?“ Без дилема, рафално, како од калашњиков (или која веќе автоматска пушка е по НАТО стандард) ќе ја изрецитираат фразата: „Зачленување во ЕУ!“ Во наредната секунда треба да настапите со додатното прашање: „А која ќе биде вашата цел (= смисла на постоење) откако ќе станеме членка на ЕУ?“ Тогаш верувам врз студиото ќе слегне лепливата тишина на збунетоста, која единствено би ја разбранувала мелодијата, со којашто почнуваше онаа стара американска тв серија – Зона на самракот.
Совет бр. 2:
Друго прашање, кое можете да им го поставите штом ви „паднат в раце“ е ова: „Откако ќе станете претседател / премиер / министер, чиј интерес ќе го ставите на прво место во случај кога македонскиот интерес би бил различен од оној на нашиот ,стратешки партнер‘?“ Знам дека најпрвин несмасно ќе се обидат да се извлечат со недоветни изјави од типот: „Ние како сојузници што споделуваат исти ,вредности‘ невозможно е да имаме различни интереси.“ Но вие само бидете упорни: „Како можете така да говорите кога сите знаеме дека и со најблиските, со кои живееме под ист кров, се случува да имаме различни интереси (и тоа не толку ретко), згора доаѓа до ситуации кога човек сам со себе има различен интерес, во смисла – противречни интереси, па оттука, како може да кажете дека Македонија апсолутно секогаш, во буквално секој час, минута, секунда, стопроцентно би имала идентичен интерес со некојси таму империјален ,стратешки партнер‘?“ Очекувам во тој миг повторно да настапи гореспомнатата тишина…
Пребледе…
Тишинава ќе ја прекинеме со вознемирувачкото прашање, овојпат за сите нас: А дали онаа трета позиција, т.е. амбасадократијата, може да се смета за легитимен или нелегитимен облик на политичка власт? Владеење за „странците“, сепак, не е исто што и владеење за општото добро, но од друга страна, експлицитно тоа не го ни исклучува. Згора, хорот на славопојци на амбасадократијата, најчесто пополнет од редовите на грантократијата, напротив, унисоно пее дека ние не знаеме, и неспособни сме да знаеме, што е добро за нас самите, та дека амбасадите a priori подобро од нас знаат што е добро за самите нас. Оттука, моралната автономија (сами да дефинираме што ќе сметаме за добро во однос на себе) заслужено треба да ни биде ускратена за сметка на хетерономијата (друг без нас да дефинира што би било добро за нас). Кој да го знае, можеби и навистина треба да биде така…
Дотука арно, меѓутоа како така амбасадократијата не си го кажува чесно името, зошто се затскрива зад друго именување – „демократија“ (не ќе сменеше ништо и ако се криеше зад параванот на „монархијата“, „аристократијата“, што годе…)? Се надевам тука ќе ми позволите да се повикам на Конфуциј (‘Ко̌нг Ци̌’; 551-479 п.н.е.), кој има нешто да каже за општествената улога на именувањата.
За него, лажноста на името сама по себе ја проблематизира легитмноста, та за совладување на таквата состојба тој ја предлага „терапијата“ што се состои во „исправање на имињата“ (正名: чжѐнг ми́нг). Конфуциј верува во нужноста за соодветство на „името“ (名: ми́нг) со „суштественоста“ (實: ши́’). Името никогаш не е случајно, така што од особена важност е нештата да се именуваат со своите вистински имиња. Проблемот настанува кога се прекинува врската помеѓу името и суштественоста. Ако таткото не се однесува како што треба да се однесува татко, дали е тој уште татко? Ако синот не се однесува онака како што прилега на син, дали тој сѐ уште може да се смета за син? Ако владетелот не се однесува онака како што треба да се однесува владетел, дали тој уште е владетел? Ако демократијата не се однесува како демократија, дали таа сѐ уште е демократија? Толерирањето на појавата на такви „лажни имиња“ ја нарушува довербата во јазикот како општествен чин, што за последица го има и разорувањето на ткивото, коешто ги сврзува учесниците во меѓучовечките односи.
Век ипол подоцна Менциј, на кого верувам се сеќавате, теоријата на „исправање на имињата“ на Конфуциј ја радикализира во правец на она што Фе́нг Јо̌ула́н (1895-1990), познатиот философ и историчар, во својата Историја на кинеската философија (1934) го нарекува „морално право на револуција“. Така, на прашањето на кралот ‘Шјуе̄н (вл. 319-300 п.н.е.) од државата ‘Чи́ (во источна Кина) – „дали поданик смее да си го убие својот владетел?“, Менциј го дава следново видување на теоријата за „исправање на имињата“:
„Оној што постапува спротивно од човечноста се нарекува никаквец, додека таквиот, кој постапува спротивно од праведноста се нарекува злосторник. Никаквеците и злосторницте, сепак, не би ги нарекле никако поинаку освен ништожници. Така, јас имам чуено дека ништожникот Чжо̀у (последниот озлогласен крал на династијата Ша̄нг /circa 1600-1046 п.н.е./) бил убиен, но не сум чул дека со тоа бил убиен владетел.“ (Менциј II, 15 [1B8])
За подоцна философот на истиот крал да му посочи:
„Доколку владетелот има големи пропусти, треба да биде укорен, а откако и после многукратни укори, владетелот уште не ги услиши нив, тогаш тој треба да биде соборен од престолот.“
По што, како што е опишано – „кралот наеднаш се стресе и пребледе.“ (Менциј Х, 18 [5B9])
Во својство на куриозитет да спомнеме дека во одредени периоди на кинеската историја, на пример дури и за време на последната династија ‘Чӣнг (1644-1911), во изданијата на делата на Менциј се случувало ваквите и слични пасуси да бидат цензурирани како „потенцијално субверзивни“.
Ние интелектуалците, настрана (напати патетичното) позерство, генерално сме лесно заплашлив сој. Оттука, ни импонира кога ќе наидеме на историски преседан некој властодржец, како во тукушто наведениот случај, ќе пребледе од страв пред зборовите на интелектуалецот. Обично со нас бива обратното, но нејсе, не се раѓаат сите како Менциј.
Семјуел Џонсон ме победи
Да се вратиме сега на главниот колосек на нашето излагање. Како и секоја друга хипотеза, така и оваа што ја поставивме два пасуса претходно е подложна на проверка, експериментална. Експериментот, кој ако потоа се покаже успешен, вооедно би го трасирал патот за постепено свенување на корумпираноста и дисфунционалноста, би започнал не со првиот чекор, како што вели Лао Це, туку со првото „не!“. „Не!“ изговорено пред „странските фактори“ претставени од разни „заменици секретари, потсекретарки и вицепотсекретарчиња“, „евро (атлантско) – емисари, чиновници и останатата канцелариска фауна на белгискиот главен град“, а во прв ред од амбасадори, амбасадорчиња и особено амбасадорки (сепак, не смееме да бидеме сексисти). Еве, за почеток тоа „не!“ нека биде кажано навидум несакајќи, тукуречи без причина, или како еден вид уметнички перформанс (патем, на македонски се вика „изведба“), колку да се преброди првичниот страв. Зуцнете „не!“, барем еднаш, ќе ви олесни на душичката…
Читајќи ја биографијата на Семјуел Џонсон (1709-1784), британски книжевник и автор на првиот лексикон на англискиот јазик, кому дефинитивно духовитоста не му недостасувала, од Џејмс Бозвел (1740-1795), ми го завлече вниманието една изјава на Џонсон од 1775 год. кажана при разговор, во којашто тој посочува дека – „храброста се смета за најважна од сите доблести, зашто ако на човека му недостасува оваа доблест, тогаш тој не ќе е во состојба да сочува ниту една друга доблест“. Си реков – добро, и да прифатиме дека храброста сама по себе може да се смета за доблест, но зошто таа би била позначајна од, да речеме, справедливоста или расудливоста? Згора, храброста умее да биде и морално двосмислена, па и воопшто аморална. На пример, кога вооружен разбојник врши грабеж на банка, притоа ризикувајќи си го животот, тој несомнено е храбар, меѓутоа таа негова храброст ставена е во служба на ни малку доблесна цел. Не знам за вас, но мене често ми се случува кога читам книга, ментално да стапам во спор со нејзината содржина, безмалку како лично да се расправам со авторот (конкретно овде – со предметот на авторот), а така беше и во овој случај. Нејсе, во конкретниов спор на крај победи Џонсон. Го признавам поразот, чесно. Веригата од мисли ме доведе до следниов заклучок: Имено, со цел да се спроведе која и да е доблест на дело, како предуслов потребно е да се поседува минимум храброст за во дадена ситуација човек постапи доблесно. Да бидеш справедлив е невозможно ако ти недостасува тоа „зрнце синапово“ храброст да се однесуваш праведно во мигот кога е потребно. Исто е со сите останати доблести. Храброста е оној напор, свесното напрегање да направиш нешто добро и тогаш кога „не ти се сака“, и тогаш кога непосредната околина не би гледала благонаклоно на таквиот чин, кога поудобно би ти било ништо да не сториш. Храброста претставува подлога, врз којашто сите останати доблести после ќе можат да се исправат. Наспроти неа, моралниот кукавичлук се сведува на мрзливоста на волјата, инерцијата што секогаш ти шепка – „ќути си, трај“, баналната гравитација, којашто неосетно те завлекува да тонеш комфорно, лека-полека во живиот песок на порочноста.
Низ годините, верувале или не, сетилото за мирис ми помогна да сфатам колку Аристотел бил во право. Острата, воедно и сладникава реа на разбабрената гнилежност, распаѓањето на нашето колективно општествено-политичко тело (впрочем, ова е изворното значење на латинскиот збор corruptio), ме помати до степен на халуцинирање, при кое ги здогледав нив двете – Десуверенизацијата и Корупцијата во облик на вљубен пар, коишто држејќи се згрчено за рака, чиниш во нераскинлив rigor mortis, и со заемно вклештен поглед што излачуваше похота, понираа кроце во топлиот жив песок, чиешто секое зрнце во допир со нивните тела им подигаше бран по бран еротска возбуда. А магнентната сила, којашто го спои паров, се состоеше токму во спомнатиот морален кукавичлук да се каже „не!“ тогаш кога требало и на оној на кого требало. Кога првпат се немало храброст да се изусти „не!“, вториот пат било потешко на квадрат, третиот пат – на куб, сѐ така додека не се најдовме овде каде што сме.
Чаре? За системот од јазли ли, сплетени круто од двата конопа на нашето „отсуверенување“ и коруптивноста? Јазли со конкретни идентитети, како – судски јазол, образовен, здравствен, стопански, државостроен јазол, сите заедно заплеткани во еден туморовидно грамадно јазлиште што го узурпирало името „Македонија“ (ненамерно, ова заличи како алузија на насловот на книгата Македонскиот јазол од првиот германски амбасадор кај нас Ханс Лотар Штепан). Притоа, можеби е премината веќе точката кога разрешувањето би можело да се бара во оној, поради пречестата и погрешна употреба, банализиран до немајкаде поим – „реформи“. Не знам, Александар не го реформирал Гордиевиот јазол, нешто друго му направил…
Наспроти нас денес, барем две балкански земји својот политички идентитет во XX век го имаат базирано токму врз чинот да се каже некому – „не!“. Тоа е Грција, каде секој 28 октомври се слави Денот „Не!“ (το Όχι), одбележувајќи го лаконското одбивање во 1940 год. на италијанскиот ултиматум за потчинување доставен до тогашниот грчки премиер (додуша и диктатор) Јоанис Метаксас (1871-1941). Втората е Југославија, која, исто така, во значајна мера своето историско самоосмислување го наоѓаше во чинот на изговарање „не!“, и тоа двапати – на 27 март 1941 год., со општонародното одбивање на пристапувањето кон Тројниот пакт на Германија, Италија и Јапонија (ви ѕунат ли во сеќавањето оние пароли – „боље рат него пакт“, „боље гроб него роб“?), како и во јуни 1948 год., со отфрлањето на резолуцијата на Информбирото инструирана од Сталин, настан за сите што растеле во Југославија познат просто како „Титовото Не!“. Кога бев дете не ми беше ни толку јасно на што конкретно било кажано – не!, меѓутоа пак бев свесен дека да му се каже „не!“ на посилниот мора да претставува нешто само по себе исправно и доблесно.
Вистинското прашање
Тоа дека моралниот кукавичлук е семето, од коешто из‘ртуваат пороците, како личните, така и општествените, сум го осознал, настрана Аристотел, и од сопственото искуство, кога многу од постапките и поведението во животот, од коишто денес се срамам, се должеле не толку на некаква предумисла или зла намера, туку на тоа што сум бил кукавица и сум немал храброст на време во себе да кажам „не!“. Не дека сега сум нешто особено похрабар, зашто, впрочем, има доста работи, во врска со кои сум бил и останал плашлив, но ајде, можеби ќе се променам, тешејќи се со онаа изрека на Латините: „Dum spiro spero! (Дур’ дишам се надевам)“ Така, на пример, едно од нештата, кои уште се плашам да ги зуцнам, е фамозното „вистинско прашање“. Нели, сте забелажале како двете главни политички опции кај нас, кога се во опозиција, вообичаено си го острат реторичкото сечиво со бајковни тврдења дека пролетта на државицава и општеството ни ќе се случи само тогаш кога онаа другата опција ќе паднела од власт, и така едно триесетина години, наизменично; а ние некако уште мрзнеме во зимски студ.
Она, пак, што мене отсекогаш ме чудело е како тоа за сево ова време никому не му текнало да го постави, имено, вистинското прашање: А кога амбасадите ќе паднат од власт? (Боже, не планирав ова јавно да го кажам… мора да станува збор за ненамерност, лапсус, но не фројдовски, онака без причина и намера, спонтан вербален перформанс, постмодерен, лишен од смисла и длабочина, зашто, впрочем, кој при здрава свест во Македонијкава ни би избрборил таков еден очигледен апсурд, реченица што претставува кристализација на злото, изразувајќи мисла, која со самото свое присуство ни ги бербати чистите, тукушто извадени од машина за перење, мозочиња, кои мирисаат на свежина, чиниш глумеле во реклама за детергенти.)
Сон наместо Post scriptum
Се разбудив препотен… Сонував како сум го ставил на продажба мојот глас. Каков глас? – обичен, оној за на избори. И не го продавав за брашно, шеќер, па дури ни за вино (иако злите јазици би тврделе дека ова последново барем би ме ставило во искушение). Ништо од ова. Гласот среде пејзажот на сновидението си го давав во замена за слог, еден единствен. Слог, којшто кандидатот со намера да се стекне со тоа мое никакво гласче, би бил подготвен да го изусти јавно, гласно и пред камера, во лице на веќе пословичните амбасадор, амбасадорче, а особено амбасадорка. И притоа, јазично воопшто не сум пробирлив, слогот слободно нека биде изразен како „не!“, „jo!“, „jok!“ итн. И вие што велите? – Продолжи ти само да сонуваш…