ХИПИ СЕКТА ИЗВЕДУВА РИТУАЛИ СО ПАЛЕЊЕ ОГАН Сместена е на ливада кај Леуново
Според портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, локацијата била избрана поради лесната пристапност, во случај на некаков инцидент или пожар, пишува МКД.мк.
Неколку стотини лица, главно странци од повеќе држави, веќе неколку дена кампираат покрај Мавровското езеро во близина на село Леуново, палејќи логорски огнови и изведувајќи свои ритуали. Групацијата позната како Rainbow Gatherings, традиционално изведува повеќедневни собири на разни локации низ светот, пропагирајќи ги идеалите на некогашното хипи-движење во модерни услови, при што се кампува на отворено, во природа, а луѓето се собираат околу огнови, приготвуваат храна и се дружат, објави порталот МКД.мк.
Локалното население реагира дека, во ек на сезона на опасност од шумски пожари полицијата и надлежните од Национален Парк Маврово го толерираат овој собир и палењето огнови и тоа на приватен имот на граѓани, кои за тоа не дале согласност.
– Овие лица ја запоседнаа локацијата Црн Камен крај село Леуново, и сместени се на ливада која е во моја сопственост, и тоа со знаење и одобрение од Национален парк Маврово – вели Владо Лазаревски, кој е и претседател на месната заедница во селото.
Од СВР Тетово за МКД.мк информираат дека се работи за пријавен собир на луѓе од странство, за кој тие се информирани, а дозволата за користење на локацијата ја издал Национален парк Маврово, како и тоа дека се работело за државно земјиште. Според портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, локацијата била избрана поради лесната пристапност, во случај на некаков инцидент или пожар.