ТРКА ЗА ТРЕТАТА СВЕТСКА ВОЈНА Американците губат, Русија и Кина имаат ас во ракавот

Хиперсоничните ракети летаат пониско во атмосферата од која било друга ракета и затоа се потешки за откривање од другите балистички проектили. Лани во август, Кина тестираше ракета пет пати побрза од звукот во близина на Јужното Кинеско Море. Русија е лидер во оваа област со својата ракета „Циркон“, а и Северна Кореја се приклучи на трката. Само Американците каскаат.

1,055

Светот веќе е во нова Студена војна поради ситуацијата во Украина, но зад наводниот конфликт се крие друга, уште поголема слика. Трите големи сили, САД, Русија и Кина деноноќно се тркаат во создавање на хиперсонично оружје, ракети кои ќе го променат начинот на којшто се војува и со кои реално која било од овие сили ќе може да ја одмрзне студената војна и да ја претвори во вистинска Трета светска војна. А во трката, за првпат, Американците каскаат.

Хиперсоничното оружје е всушност, само една од шест технологии кои се во игра. Но, фактот дека Русија и Кина веќе тестираат свои проектили кои можат да бидат контролирани од земјата и по желба да бидат пренасочувани за да ја погодат целта, а притоа се побрзи во пресретнувањето од кој било денешен антиракетен систем ги става овие оружја на првото место. Дури и Северна Кореја изјави дека поседува вакво оружје, а Американците досега имаа неколку неуспешни тестови.






Како е можно Соединетите Држави, со годишен одбранбен буџет од повеќе од 700 милијарди долари, да не можат да стават во употреба хиперсонично оружје додека руската војска, на која годишно ѝ се доделуваат само 61 милијарда долари, веќе да има две? Одговорот лежи во тоа што Русија работи на своите „Кама“ и „Авангард“ ракети уште од 2017 година, а тие, иако се балистички, се претходници на она што земјата го има денес.

Хиперсоничните ракети летаат пониско во атмосферата од која било друга ракета и затоа се потешки за откривање од другите балистички проектили. Лани во август, Кина тестираше ракета пет пати побрза од звукот во близина на Јужното Кинеско Море. Извештаите тврдеа дека Кина испукала две хиперсонични ракети, иако кинеското Министерство за надворешни работи ги негираше извештаите.

Ракетата е еден вид на „возило“

Овие ракети се наречени „возила“ бидејќи сами по себе се летала кои ја менуваат насоката. Нивната најмала брза е 5 маха. Американските одбранбени функционери беа запрепастени од видеото за кинеската проба. Демонстрацијата покажа дека Кина постигна изненадувачки напредок во технологијата што многу експерти ја поставија многу подалеку во иднината.

Кинескиот тунел JF-22 и пробивањето на звукот

Кина не крие дека има развиено барем еден аеродинамичен ветерен тунел способен да врши тестови за хиперсонично оружје и опрема. Корпорацијата за воздухопловна индустрија на Кина (AVIC) претходно потврди дека тунелот за ветер од 8 маха наречен FL-64 бил завршен и сега има „способност за тестирање“, вклучително и „одвојување и испорака на оружје“. Нивната цел е да бидат 30 пати побрзи од звукот.

Во меѓувреме, Американците развиваат сопствена хиперсонична едрилица во рамките на програмата ARRW, но првата проба во април беше безуспешна.

„Циркон“ е хиперсоничната надеж на Русија

Русите уште во 2019 година ја лансираа својата хиперсонична ракета „Циркон“. Таа е пет пати побрза од звукот. Во ноември, руската војска соопшти дека истрелала ракета „Циркон“ од воениот брод „Адмирал Горшков“ и погодила пробна цел во водите на Русија на Арктикот.

„Циркон“ веќе беше подложен на неколку тестови во последниве години, вклучувајќи уште едно лансирање од Адмирал Горшков од потопена подморница.

Е, тоа е баш „Спутник-момент“

Рускиот претседател Владимир Путин во 2018 година пред целата руска нација се пофали дека „Циркон“ може да погоди цели оддалечени и на 1.000 километри во морето. Русија се смета за лидер во хиперсониката и тоа пред Кина и можеби затоа кога Кина летоска ја лансираше својата ракета, Марк Мили, првиот генерал на американскиот Пентагон рече дека ова е „баш Спутник-момент“.

Генералот со ова алудираше на неверојатното лансирање на првиот сателит во светот „Спутник“ од страна на Советскиот Сојуз во 1957 година, што ја поттикна вселенската трка на суперсилите. Кина подоцна го негираше извештајот, велејќи дека станува збор за рутински тест на вселенско возило за повеќекратна употреба. За разлика од Русите, Кинезите јавно не се пофалија со своите изуми.

Американците ќе имаат една минута да ја пресретнат руската ракета

Во случај на руско-американска војна, американските системи за пресретнување на ракети „Aegis“ бараат 8-10 секунди време на реакција за пресретнување на дојдовните напади. За тие 8-10 секунди руските хипероснични ракети „Циркон“ веќе ќе поминат 20 километри, а ракетите-пресретнувачи на Американците не летаат доволно брзо за да ги стигнат.

Според „Popular Mechanics“, дури и американски брод да открие ракета „Циркон“ од 100 милји, ќе има само една минута да направи нешто во врска со тоа.

И Северна Кореја трча со големите сили

За разлика од Кинезите, една друга земја, обично секогаш се фали со своите ракети. Северна кореја, која со децении ја градеше својата програма за балистички ракети, рече дека извршила втор хиперсоничен ракетен тест токму на почетокот на новата 2022 година.

Лани Северна Кореја изврши голем број тестови на оружје од висок профил, вклучително и балистичка ракета лансирана од подморница, крстаречка ракета со долг дострел, оружје лансирано од воз и, како што тие самите се фалат, хиперсонична летачка ракета.

Војската на Јужна Кореја, која фрли сомнеж на првичните тврдења на Пјонгјанг, рече дека ракетата достигнала хиперсонична брзина и покажала јасни знаци на „напредок“ од претходните тестови.

Севернокорејската ракета прелета 700 километри на височина од околу 60 километри (37 милји) со брзина од 10 маха.

Поврзани содржини