Хипер-канцеларии на иднината – повеќе зеленило, помалку бироа, сѐ е на тач!
„Работникот да излезе од работното место чувствувајќи се подобро отколку кога дошол“. Отприлика вака може да се објасни мотото на проект за иновативна канцеларија кој го работи архитектот Манкин, а ќе го користи компанијата Хана Банка. Проектот вклучува „бесконечен парк“ низ цели 12 катови до кој ќе имаат пристап сите вработени како и креативни јавни простори.
Хибридни зелени канцеларии, каде што ќе се чувствувате исто како дома, сè ќе биде на тач, ќе работите без стресот од формалности, а видеоконференциите ќе бидат нераскинлив дел од вашето време – еве што сè нè очекува во пост-пандемискиот корпоративен свет, наведено е во статијата на Би-Би-Си.
– Прво беше „одам во канцеларија, затоа што тоа го правам за да работам“. Сега сакаме да биде повеќе како: „денес влегувам во канцеларија, бидејќи денес е денот кога ги гледам луѓето“ – вели Џејмс О’Флахерти, деловен директор на корпорација „Адтрак“, англиска компанија која решила да воведе „хибриден модел на работа“.
„Адтрак“ бара од своите вработени да доаѓаат само еднаш неделно, за да направат групен состанок и да остварат личен контакт со другите колеги. Остатокот од времето работат од дома. Ги скратиле бироата од 120 на 70, а додале простории за тимска работа опремени со беспрекорна технологија за правење на скајп или зум видео-повици.
Канцеларијата не како обврска, туку како дестинација
Помалку бироа, а повеќе места за дружење. Нема веќе голема папирологија, бидејќи тука е GoogleDocs и слични апликации. Како да ги привлечеш младите? Со нестандардна структура. Канцеларијата е место кај што се оди, а не некаква обврска.
– Имаше еволуција на работното место што веќе беше во тек – објаснува архитектот Роберт Манкин, партнер во архитетонското биро NBBJ во Лос Анџелес, кој ги следи меѓународните практики на компаниите.
Во последните 16 месеци, младите мораа да седат дома „ограбени од можноста да учат и да бидат под менторство“. Сега, кога газдите треба да ги намамат вработените да се вратат – мораат да смислуваат разни конференции, дружења и настани каде што менторството ќе биде забавно, но и ќе изгледа здраво.

Подвижен мебел и креативни шкафчиња
Корпорациите во Америка и Англија размислуваат да нема посебно работно место за секој вработен, туку тие да ги делат просториите. А простории, да има многу. Дури и во самите простории да има мебел кој ќе биде повеќенаменски и доволно флексибилен за да ја „издржи“ променливоста на времињата во кои живееме.
Што ако утре има нова пандемија? Мебелот мора да е доволно лесен за да се приспособи на новите околности. Се размислува и стандардните шкафчиња за документи и класери кои ги добиваат вработените отсега да служат и како места преку кои вработениот ќе се чувствува поповрзан со канцеларијата складијраќи негови лични работи. Наместо расфрлани по бирото, сега тие ќе се складираат во шкафче. Така, празните бироа ќе бидат полесни за чистење.
Здравјето веќе не е тема, туку приоритет број еден
„Работникот да излезе од работното место чувствувајќи се подобро отколку кога дошол“. Отприлика вака може да се објасни мотото на проект за иновативна канцеларија кој го работи архитектот Манкин, а ќе го користи компанијата Хана Банка. Проектот вклучува „бесконечен парк“ низ цели 12 катови до кој ќе имаат пристап сите вработени како и креативни јавни простори.
– Здравјето беше зголемена тема на работното место пред пандемијата, но тоа беше повеќе околу вежбање и пристап до природата – вели Манкин. – Сега тоа е од нешто што се дискутира на нешто фундаментално, и вклучува физичко здравје, ментално здравје и целата благосостојба на работникот.

Сè е на тач
Наместо да стискате разни копчиња и да се триете од разни машини, во иднината сè ќе биде на тач. Тоа ќе ја намали нервозата. Секако, за да влезете во канцеларијата ќе треба софтвер да го препознае вашето лице (face recognition) и тоа е добро бидејќи нема веќе да куцаме гломазни картички за присуство, кои потоа треба уредно да ги чуваме во паричникот. Оваа технологија може да се искористи и кај подвижниот мебел. На пример, со скенирање на QR код, софтверот ќе види која е вашата висина, за да го приспособи бирото, кое е подвижно, токму за вас.

Најважни ќе бидат видеоконференциските сали
Но, и покрај сите овие технолошки гаџети, најважното нешто во пост-ковид канцеларијата ќе биде канцеларијата во која тие што работат од дома и тие што се на работа ќе зборуваат онлајн. Со други зборови, салите за видеоконференции ќе доживеат револуција и модернизација.
„Мајкрософт“ на пример, воведува посебни закривени конференциски маси, опремени со микрофони и проектори од повеќе страни, што прави да се чувствувате дека во собата се присутни сите – и тие што не се таму. Гугл, од друга страна, проба да оди на зголемена приватност. Просториите се празни, а кога сакате да имате приватност, вклучувате робот кој надувува ѕидови од целофан за да создаде преградни простории.
Никој не знае со сигурност како ќе изгледа канцеларијата од 2022 година. О’Флахерти, директор за деловно работење во Нотингем, е првиот кој призна дека моделот што го смисли за својата агенција за дигитален маркетинг веројатно нема да работи на долг рок.
– Во текот на првите неколку недели ќе разгледаме и ќе рафинираме, но треба да ги добиеме сите повратни информации; треба да знаеме: дали овој нов дизајн работи? – вели тој.