ХИГИЕНА, ГАРАЖИ, ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ Лабудовиќ ги откри трите приоритети за Центар
На првото ТВ соочување, кандидатот за градоначалник на Центар од Движењето ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, најави приоритети за хигиената, нови катни гаражи, енергетска ефикасност и ревизија на деталните урбанистички планови.
Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, на првото телевизиско соочување со своите конкуренти пред гледачите истакна дека се обврзува на посветена и одговорна работа во текот на целиот мандат, а не, како што рече, само неколку месеци пред избори.
– Ако сакате градоначалник кој работи само четири месеци пред избори, на крајот од мандатот, доколку сакате неуредена општина, доколку сакате засилена бетонизација – тоа јас не можам да го понудам. Она што можам да го понудам е работа од четири години и тоа сериозна работа. Можам да понудам општина која ќе биде чиста, општина во која ќе има ред, општина која ќе биде одржана и на крајот од мандатот општина која ќе биде одржлива. Тоа е мојата визија за Центар и верувам дека тоа е визијата на центарци – нагласи Лабудовиќ.
Тој додаде дека сликата што денеска ја гледаат граѓаните на Центар е сосема спротивна од неговата визија и визијата на жителите на општината.
Во дебатата во студиото на ТВ 24, Лабудовиќ ги истакна трите најголеми приоритети за решавање во општината, при што првото место му го додели на хигиената.
– Жално е што во 21 век се уште зборуваме за хигиената, но токму тоа е проблемот кој најургентно мора да се реши. Луѓето се фрустрирани не само од преполните контејнери, туку и од несобраните паднати лисја, наталожениот прав и се останато што дава јасна слика за валкана општина. Општината има механизација, но таа стои паркирана и неупотребена, а во меѓувреме се најавува нова набавка – истакна кандидатот.
Тој најави системско решение за управување со отпадот, со кое граѓаните ќе добијат и корист.
– Ќе иницирам да се направи физибилити студија со која ќе се набави акцелератор. Бидејќи станува збор за проект што не е евтин, во него би требало да учествуваат Градот Скопје и сите скопски општини. Со таквото решение – по примерот на повеќе европски градови, ќе го согоруваме целиот собран смет и од него ќе се произведува енергија што ќе ја користиме за осветлување на јавните површини и за затоплување на јавните објекти, првенствено училиштата – посочи Лабудовиќ.
Во својата програма тој најави изградба на катна гаража кај Буњаковец, како и две монтажни гаражи, во Капиштец и во близина на новата Железничка станица, со што ќе се релаксира проблемот со паркирањето.
Исто така, Лабудовиќ планира поставување на енергетски ефикасни фасади и фотоволтаици на покривите на објектите, со што ќе се намалат трошоците за граѓаните.
– Ќе направиме ревизија на сите детални урбанистички планови и ќе се бориме за зачувување на секоја педа јавна површина, која ќе се користи единствено во интерес на граѓаните – истакна тој.
Посебен акцент стави и на безбедноста на најмладите, најавувајќи вклучување на наставници и други волонтери во проекти за ред и сигурност во училиштата.
На првото телевизиско соочување на кандидатите за градоначалник на Центар не се појави актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Горан Герасимовски. Следната дебата меѓу кандидатите за градоначалник на Општина Центар ќе се одржи задутре на ТВ Телма.