Магазинот „Бука“ од Босна и Херцеговина објави видео спот против говор на омраза насловен „Хејт Словени, уште сте живи?“. Спотот е дел од кампањата против говор на омраза која „Бука“ ја реализира во изминативе неколку месеци.
Видеото е напишано и режирано од загрепскиот режисер и писател Предраг Личина, а во главните ликови играат Северина, Христина Поповиќ и Горан Богдан.
– Водечка нишка на кампањата е поздравот „Хеј, Словени “, кој го преименувавме во „Хејт, Словени“ за целите на нашата приказна, бидејќи омразата, се чини, стана најнормална работа, како „добар ден“ . Преку разговор помеѓу клиенти и работници во супермаркет, видеото покажува колку сме опседнати со говор на омраза, а ние знаеме колку е опасно и какви застрашувачки последици може да има -, вели главниот уредник на Бука, Александар Трифуновиќ .