ХАЗАРИ БИЛ ДОЛЖЕН ДА ЈА ПОТПИШЕ ЛИЦЕНЦАТА, КАКО ТОЈ ГО ЗАПАЛИЛ „ПУЛС“? За Шилегов врв на глупоста е теоријата на каузалитет на Обвинителството

Кој е тој што одлучува каде почнува, а каде завршува каузалитетот? Зошто имаме обвинети поранешни, а не актуелни министри? Зошто имаме пораешни, а не актуелни директори? Зошто не се тука сите вработени во Министерството за економија кои во изминатите години издавале лиценци? Многу едноставно – не се вклопуваат во конструкцијата, рече адвокатот Петре Шилегов во воведниот збор на одбраната на Шофкет Хазари, поранешен вработен во Министерсвото за економија, на судењето за пожарот во Кочани.

254

Одбраната е свесна дека сме во можеби најтешкиот предмет во историјата на македонското правосудтсТво и посакувам никој, со функциите кои ги обавувавме, да не се најде во оваа позиција, рече адвокатот Петре Шилегов во воведниот збор на одбраната на Шофкет Хазари, поранешен вработен во Министерсвото за економија, кој е 26-ти обвинет од вкупно 35 обвинети физички лица за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, во кој загинаа 63 луѓе, а над 210 беа повредени.

Не постои суд во целиот свет, не постои пресуда која може да ги отстрани последиците од овој настан и затоа сите заедно, а Судот најмногу, сме исправени пред предизвикот да се донесе правно одржлива пресуда, која колку толку, ако воопшто може да даде сатисфакција на оштетените во оваа постапка, рече Шилегов. Но, Судот, додаде тој, мора да донесе пресуда која не смее да нанесе неправда на ниту еден од обвинетите.






– Долго размислував дали да ги читам кривичните дела од обвинението, со целосна почит кон Јавното обвинителство, и за жал, ќе морам, бидејќи правно поаналфабетски памфлет немам видено. Ова не заслужува да се нарече обвинителен акт. На Хазари му се става на товар дека бил свесен дека може да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување, и тоа, за кривично дело опишано во член 288 од Кривичниот законик, квалификувано во член 292. Обвинетиот во периодот од 2012 до 2025 година се согласил дека на 16 март ќе има пожар во ноќниот клуб во Кочани – рече Шилегов.

Тој го цитираше делото што се става на товар на Хазари, член 288, кој вели: тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери…

– Тоа е делото што според Јавното обвинителство го сторил обвинетиот Хазари, а со кои средства? Со лиценци за угостителска дејност. За првата лиценца од 2013 година предметот бил изработен и контролиран од вработени во Министерството за економија, а Хазари дал согласност. Лиценците од 2014, 2017 и од 2018 година се изработени и контролирани од вработени од министерствито, а од Хазари биле проверени. Се обидов во описот на кривичното дело да ги најдам зборовите проверена и согласност, но не постојат. Па, нејасно е како може проверка на правен акт-лиценца или давање согласност на правен акт, во временски интервал од 2013 до 2019 во четири различни наврати, да предизвика пожар на 16 март 2025 во дискотека во Кочани? Хазари работел од 2005 до 2020 во министерството, во моментов е пензионер. Дел од работата на вработените, вклучително и на тогашниот државен советник Хазари била да постапуваат по барања доставени од страна на заинтересирани лица, во конкретниов случај, барање за издавање лиценца – рече Шилегов.

Тој посочи дека одбраната ќе докаже дека согласно член 6 од Законот за угостителска дејност за лиценца се поднесуваат 5 документи: самото барање, доказ за платена такса, тековна состојба на барателот, изјава од барателот кој ја има одговорноста дека ги исполнува минималните технички услови неопходни за лиценцата и согласнот од МВР за безбедно паркирање.

– И што е работата на Хазари во таквиот случај? Да провери дали целокупната документација предвидена во законот е поднесена со барањето и дали е во предметот или не е. Ако е во предметот, должен е да потпише дека проверил. Тоа се оние 3-4 потписи на секој документ што го издава државната управа, каде пишува кој го изработил, кој го прегледал и кој го одобрил. Кога добивате предмет кој е комплетен како акт, како барање, вие сте должни тој предмет да го проследите на понатамошна административна постапка. Оттука нејасно е како Хазари предизвикал пожар. Пожарот е непосредно, моментално дело, нешто што настанува во момет и сите можевме да видиме кој е тој момент што го предизвика пожарот. Дел од тие лица се починати и не сакам на тој момент да се враќам, но тоа е тој момент. Не може потпис за кој сте должни да го дадете да е предизвикувач на пожарот – рече бранителот Шилегов.

Второто дело што се става на товар, е соизвршителство, додаде Шилегов, предвидено во член 22 од КЗ и го прочита: Соизвршителство значи ако две или повеќе лица, со учество во дејствие на извршување или друг особен придонес кон извршувањето на делото, заеднички сторат кривично дело, секој од нив ќе се казни со пропишаната казна. Според правната теорија, додаде Шилегов, во соизвршителството учествуваат две или повеќе лица и секој од нив е извршител на кривичното дело.

– За да постои соизвршителство во конкретната ситуација, потребно е да бидат исполнети два услова. Еден од објективна и еден од субјективна природа. Објективниот услов подразбира дека овие 35 обвинети лица заеднички учествувале во извршувањето на кривичното дело. Од субјективна природа соизвршителството подразбира дека кај овие лица постои свест за заедничка соработка во насока на извршување на кривичното дело. Одбраната ќе докаже дека ова е сериозна ступидност, глупост. Во памфлетот наречен обвинителен акт нема докази дека Шофкет Хазари поднел, внел, помогнал, запалил материјали или презел опасни дејствија за да воопшто биде соизвршител. Глупоста на обвинителниот акт е толкава што става на товар дека овие 35 обвинети се познаваат, се договориле и свесно извршиле палење на дискотеката – тоа е соизвршителството. Колку што знам, Хазари прв пат во животот оди во Кочани дента кога е уапсен. Како тоа ја запалил дискотеката? Како тоа помогнал некој да ја запали? – рече Шилегов.

Врвот на глупоста, потенцира Шилегов, е она што Јавното обвинителство го нарекува теорија на каузалитет или причинско-последични врски.

– Многу широко презентирано како теорија, неточна, бидејќи лиценцата е правен акт кој се издава на година дена. Со издавање на секоја лиценца прекинува важноста на претходната. Не може лиценците издадени во 2013, 2014, 2017 и во 2018 година, каде се наоѓа потписот на Хазари, да имаат правна важност за работа на дискотеката. Годишни се. Ако имате прекини, не може да имате континуитет, по дефиниција. Затоа што прекинува да важи. Ако го прифатиме широкото толкување на ЈО, тогаш сериозно недоставуваат многу лица во оваа судница. Кој е тој што одлучува каде почнува, а каде завршува каузалитетот? Зошто имаме обвинети поранешни, а не актуелни министри? Зошто имаме пораешни, а не актуелни директори? Зошто не се тука сите вработени во Министерството за економија кои во изминатите години издавале лиценци? Многу едноставно – не се вклопуваат во конструкцијата – рече Шилегов.

Тој го обвини и самото Јавно обвинителство дека не дејствувало во минатото во врска со дискотеката.

– Обвинителството е независен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон казниви дела. Но, обвинителе, ако постоел тој јавашлук, како што тврдите, што правевте вие овие 13 години? Што правевте? Ако ја прифатиме ваквата теорија, тогаш обвинителот требаше да го слуша, а не да го чита обвинението. Има и друг начин да се фатат виновниците, и тоа за други дела, не за овие. ЈО можело да врши кривичен прогон врз Хазари за злоупотреба, за несовесно работење, бидејќи тие дела би одговарале, ама ако се застарени, што да се прави – рече Шилегов.

Немам зборови со кои можам да ја опишам оваа трагедија, нема суд што може да донесе пресуда којашто не може да ги утеши душите на овие луѓе, додаде тој, на што родителите на загинатите почнаа да му дофрлаат.

– Многу нè жалиш, не ставај сол на рана, од такви како тебе се предизвика ова, не си во парламент – довикуваа родителите, а судијката ги опомена да молчат.

Најголемата трагедија во Македонија не може да се покрие со неправда, со пресуда за невини лица, додаде Шилегов.

-ЈО треба да го повлече предметот и квалитетно да го сработи, па потоа, на правна основа, да постапи. Ако се залагаме сите системот да профункционира, ова е вистинска можност. Судот треба да донесе одлука која е во согласност со системот, а не со желбите и конструкциите, барањето на јавноста и толкувањето на правото од неуката јавност – рече адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шофкет Хазари на денешното рочиште во судницата на Кривичниот суд во Идризово.

Поврзани содржини