ХАРТИЕНИТЕ КЕСИ СЕ ПОСКАПИ ЗА 50 ОТСТО ОД ПЛАСТИЧНИТЕ Пекарниците не можат да издржат уште еден товар
Набавка на хартиени кеси чини 50 отсто повеќе од набавката на многу лесните пластични кеси за носење на стока чијашто дебелина е пониска од 15 микрони, и кои претежно ги користевме за пакување на бурек и бели пецива во бурекџилниците.
Секцијата на пекарници при Занаетчиската комора Скопје регаира дека со примената на забраната за употреба на пластични кеси ќе имаат зголемени финансиски трошоци бидејќи ќе мора да купуваат хартиени кеси кои се поскапи од пластичните. Ова, но веќе лошата состојба во секторот предизвикана од пандемијата и енергетската криза и високите цени на репроматеријалите дополнително ќе влијае на нивното работење.
– Набавка на хартиени кеси чини 50 отсто повеќе од набавката на многу лесните пластични кеси за носење на стока чијашто дебелина е пониска од 15 микрони, и кои претежно ги користевме за пакување на бурек и бели пецива во бурекџилниците. Освен тоа хартиените кеси ги нема на пазарот што предизвикува и други проблеми – велат од Занаетчиската комора.
Пекарите предлагаат измена на Правилникот и дозвола да се користат многу тенките кеси чија што дебелина е пониска од 15 микрони без да се наплатуваат од страна на потрошувачите, затоа што за тоа треба да вработат уште едно лице кое што треба да води евиденција на прилив од средства од кеси, што е навистина невозможно за мали занаетчиски дуќани како што се бурекџилниците.
Исто така предлагаат државата да го субвенционира трошокот за набавка на хартиени кеси за занаетчиите, за да можат финансиски да издржат за да ја почитуваат регулативата, во спротивно во овие и така тешки денови за секторот ќе следи затварање на многу занаетчиски бизниси затоа што е невозможно да се издржи овој финансиски товар.
Овој дополнителен трошок на пекарниците, велат од комората доаѓа во период кога сите други трошоци во секторот се зголемени.
-Драстично се зголеми цената на репроматеријалите за пекарски производи (брашно, шеќер, зејтин, и др) – велат од Комората.
Освен тоа, додаваат од Занаетчиската комора, занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги, проблеми со одржување на ликвидноста на бизнисот, недостаток на финансии за исплата на плати и придонеси за вработените, преоптовареност со парафискални давачки и проблеми за опстанок во услови на криза од пандемијата со ковид-19.