ХАОСОТ И ИТНОСТА ВО КОВИД КРИЗАТА, ИДЕАЛНИ ПАРАВАНИ ЗА КОРУПЦИЈАТА Антикорупциска најде системски слабости во јавните набавки, но крена раце од отворање случаи
Во анализираните постапки ДКСК не можеше да потврди дека постојат коруптивни активности, иако е возможно, зашто секогаш постои воено профитерство, но битно е што треба да направиме во иднина за да не ни се случи истото - рече Катица Николовска, член на ДКСК.
Најголем дел од јавните набавки за стоки и услуги во време на ковид-пандемијата биле спроведени со преговарање, без објавување оглас, и тоа поради итност. Антикорупциската комисија, која по сопствена иницијатива отвори предмет, денеска на седница одлучи да го запре постапувањето со заклучок дека корупција не може да се потврди поради тоа што слабостите се должат пред се на немање ефикасен систем за набавки во вонредни услови и дека пандемискиот период бил „хаотична ситуација“ во целиот свет.
Катица Николовска, член на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), образложувајќи го предметот соопшти дека во нивната анализа избрале одредени јавни набавки на неколку институции – Владата на РСМ – Генерален секретаријат, Град Скопје, ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“, Институт за белодробни заболувања кај деца Козле, ЈЗУ Клиничка болница Штип, Министерство за внатрешни работи, Министерство за здравство, Општина Бутел, УКИМ – Медицински факултет.
Од нив побарале и добиле документација за набавките, а од Државниот завод за ревизија побарале ревидирање на постапките за да се утврди незаконитост при спроведувањето и ДЗР го објавил извештајот на неговата веб-страница.
Извештајот нотира бројни слабости при реализација на договорите за набавките и не е обезбедена задоволителна транспарентност, посочи Николовска. Поради итност на набавките не е вршено квалитетно планирање на набавките и покани за преговарање се доставени до помал број економски оператори и без анализа на количините на средства и опрема што се потребни. Дел од тендерските документации не им обезбедувале на економските оператори целосни и прецизни информации во врска со начинот на спроведување на постапките и не е обезбедена конкурентност за економските оператори.
При анализата ДКСК предвид ги имала и полугодишните извештаи од мониторингот на јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации кои, како што рече Николовска, постојано укажуваат на огромни разлики во цените за набавка на ист производ.
– Проценетите вредности на набавките и натаму се многу високи од цените добиени на тендерите што може да упатува на ризик од намерно оставање простор за склучување договори по висока вредност за да има доволно место за коруптивни елементи. При набавка на реагенси, посебно во здравството, постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата, што, пак, содржи ризик од плаќање високи цени за реагенси и можности од корупција. Овие наоди и состојби тешко дека можат да се поврзат со коруптивно постапување или да се квалификуваат како злоупотреба на службена должност туку упатуваат на системски слабости во законите, но и на неспособност на државните органи, пред се на Владата и Министерството за здравство, да воспостават систем на ефикасни јавни набавки за време на посебни услови – истакна Николовска.
Таа посочи на вонредните услови во кои се правеле набавките и пречките со кои се соочувале економските оператори.
– Во една таква хаотична ситуација која владееше не само во Македонија, туку во целиот свет, кога побарувачката за овие стоки беше изместена од нормала на светско ниво, сметам дека е прилично големо постигнување да се обезбедат потребните средства, па дури и во поголеми количини за да се спасат човечки животи – рече Николовска.
Постојниот закон за јавни набавки предвидува спроведување централизирани јавни набавки преку одредено тело – механизам кој не бил искористен во услови на вонредна состојба. Не е искористена можноста Министерството за здравство да биде тело за централизирани набавки или да изготвува единствени технички спецификации со утврдени норми за квалитет за заштитни маски, мантили, скафандери, визири, ракавици, каљачи, средства за хигиена за сигурност на персоналот, спецификации што ќе се користат од сите јавни здравствени установи.
– Се увидоа слабостите во Законот за јавни набавки и нужно се наметна потребата од дополнување и измени, но и одредби кои ќе ги дефинираат постапувањата на органите во време на вакви големи ситуации. Од сето ова произлегува дека во анализираните постапки ДКСК не можеше да потврди дека постојат коруптивни активности, иако е возможно, зашто секогаш постои воено профитерство, но битно е што треба да направиме во иднина за да не ни се случи истото – рече Николовска.