ХАКИРАН И САЈТОТ НА НАРОДНА БАНКА Интегритетот и доверливоста на податоците не е доведен во прашање
Народна банка, заедно со банките, постојано работи на зајакнување на отпорноста на информативните системи, ги следи новите закани поврзани со дигиталниот простор и континуирано презема мерки во насока на унапредување на сигурносните заштити
Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка и домашните банки, како резултат на ДДоС напад. Ова беше надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите. Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведенa во прашање, информира денеска Народната банка, откако грчките хакери од „Моќната грчка армија“ вечерва на Твитер објавија дека извршиле хакерски напади врз неколку македонски банки. .
– ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата – информира Банката.
Оттаму додаваат дека во согласност со глобалните трендови, Народна банка, заедно со банките, постојано работи на зајакнување на отпорноста на информативните системи, ги следи новите закани поврзани со дигиталниот простор и континуирано презема мерки во насока на унапредување на сигурносните заштити.