📽️ ХАЈДУК ГО „ТЕСТИРАШЕ“ НОВОТО ЗАСИЛУВАЊЕ СО БУРЕК Босанецот веднаш покажа што мисли за бурекот со сирење
Хрватскиот клуб се пошегува со добро познатата босанска „правилна дефиниција“ за бурекот, а реакцијата на новото засилување стана вирална.
Хрватскиот фудбалски клуб Хајдук од Сплит на необичен и духовит начин го претстави своето ново засилување, босанскиот репрезентативец Денис Хаџикадуниќ.
Клубот во промотивното видео се пошегува со една од најпознатите гастрономски „расправии“ на Балканот – што всушност е бурек.
На Хаџикадуниќ му сервирале бурек со сирење, но неговата реакција била доволна за веднаш да биде јасно дека нешто не е во ред.
За многу жители на Босна и Херцеговина, бурек е исклучиво пита со месо. Другите варијанти, како сирење, компир или спанаќ, се сметаат за други видови пита, а не за бурек.
Токму оваа добро позната балканска тема Хајдук ја искористил за претставувањето на својот нов фудбалер.
Видеото брзо привлече големо внимание на социјалните мрежи, а реакцијата на Хаџикадуниќ на „бурекот со сирење“ очекувано предизвика бројни коментари.
Хаџикадуниќ има 28 години и игра на позицијата централен дефанзивец.
Во досегашната кариера настапувал за повеќе клубови, меѓу кои Малме, Ростов, Мајорка, Хамбург, Сампдорија и Трелеборг.
Интересен е и неговиот репрезентативен пат. Хаџикадуниќ ги поминал младинските категории на Шведска, но подоцна одлучил да го носи дресот на Босна и Херцеговина.
Со неговото доаѓање, Хајдук добива искусен дефанзивец, а клубот очигледно решил првиот впечаток кај новото засилување да го направи – со малку фудбал, малку хумор и многу бурек.