„ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ“ СЕ ЗАЦВРСТУВА НА ПОЛСКИОТ ПАЗАР За една милијарда евра купува мрежен оператор и интернет провајдер
„Фајберхост“ е полски оператор со отворен пристап на фиксна мрежа, додека „Инеа“ обезбедува малопродажни широкопојасни интернет и телевизиски услуги.
„Дојче Телеком“ во понеделник објави дека се согласил да го купи полскиот мрежен оператор „Фајберхост“ (Fiberhost) и малопродажниот телевизиски и широкопојасен интернет провајдер „Инеа“ од австралиската инвестициска банка „Мекквари Асет Менаџмент“ (Macquarie Asset Management).
Тој бизнис вреди една милијарда евра, соопшти германскиот оператор.
Трансакцијата претставува нов чекор во трансформацијата на полската подружница на „Дојче Телеком“, „Т-Мобиле Полска“, од мобилен оператор во провајдер на целосни телекомуникациски услуги, објави германскиот телекомуникациски оператор, истакнувајќи дека трансакцијата сè уште треба да биде одобрена од полскиот орган за конкуренција.
„Фајберхост“ е полски оператор со отворен пристап на фиксна мрежа, додека „Инеа“ обезбедува малопродажни широкопојасни интернет и телевизиски услуги. Со ова преземање, повеќе од 300.000 корисници на оптичката мрежа на „Инеа“ и „Фајберхост“, која опфаќа повеќе од 1,4 милиони домаќинства, ќе се приклучат на бизнисот на „Т-Мобиле Полска“.
– Ова е важна пресвртница во приказната за континуираниот раст на Т-Мобиле Полска. Со комбинирање на силни капацитети во областа на мобилните и оптичките мрежи, создаваме уште подобра основа за обезбедување едноставни и сигурни услуги за нашите клиенти – изјави Доминик Лерој, извршен директор за Европа во Дојче Телеком АГ.