„Gulf oil“ апелира до Владата да ја изедначи акцизата на екстралесното масло со акцизата на дизел горивото.
За да се намали злоупотребата на екстралесното масло се потребни промени во акцизната регулатива за да се спречат штетните ефекти. Во моментот 90% од вкупниот увоз на екстралесно гориво завршува како погонско гориво, наместо гориво за греење, со што нашите граѓани добиваат неквалитетно гориво кое придонесува кон побрза амортизација на нивните возила, а меѓудругото е 100 пати поштетно од дизел горивото, велат од „Gulf oil“.
– Со оваа злоупотреба, не само што се оштетуваат граѓаните и животната околина, туку се оштетува и државниот буџет за огромни суми, кои наместо да се користат за справување со ковид-19 или да се инвестираат во унапредување на нашата земја, завршуваат во нечии џебови. Дополнително се оштетуваат и дистрибутерските компании кои наместо да го унапредуваат своето работење, се приморани да се справуваат со оваа ситуација на најразлични начини кои одземаат и време и ресурси за работа, а тука е секако и нелојалната конкуренција која се создава благодарение на фактичката состојба. Изедначувањето на акцизата значи дека никој нема да има никаква корист ниту мотивација да продолжи да користи екстралесно како погонско гориво, а оваа промена дополнително ќе ја зголеми стабилноста на пазарот и ќе го регулира текот на нафтата и нафтените деривати, но придобивките ќе ги почувствуваат и останатите учесници на пазарот – велат од компанијата.