ГРУЗИСКИОТ СОН Е ПРИЈАТЕЛСТВО СО РУСИЈА ИЛИ СО ЕУ? Објаснување за протестите и за политичките тензии во Тблиси
Партијата Грузиски сон е на власт од 2012 година и со години ветува дека ќе ја внесе земјата во ЕУ. Сепак, владеењето на партијата беше обележано со развојот на поблиски врски со Москва и со воведувањето голем број репресивни закони кои ги имитираат оние во Русија.
Грузијците петти ден по ред одржуваат масовни протести против нивната влада во главниот град на земјата, Тбилиси.
Зголеменото незадоволство беше разгорено од демократското назадување на земјата под водство на проруската влада.
На парламентарните избори победи владејачката партија Грузиски сон, а за кои многумина веруваат дека беа наместени. Одлуката на владата да го паузира процесот на пристапување на земјата во ЕУ до 2028 година ја прелеа чашата на трпението, се наведува во анализа на Киев индепендент.
- И ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ПРОГЛАСИЈА ПОБЕДА Премногу неизвесност на парламентарните избори во Грузија
- ОРБАН ОДИ ВО ГРУЗИЈА ДА ЈА ПОДДРЖИ НОВАТА ДЕСНИЧАРСКА ВЛАДА Унгарскиот премиер не ја претставува ЕУ
Стотици се приведени, а десетици повредени за време на акцијата која следеше од страна на полицијата.
Партијата Грузиски сон е на власт од 2012 година и со години ветува дека ќе ја внесе земјата во ЕУ. Сепак, владеењето на партијата беше обележано со развојот на поблиски врски со Москва и со воведувањето голем број репресивни закони кои ги имитираат оние во Русија.
Стравот од војната во Украина го чува лозјето?
Партијата е предводена од контроверзниот олигарх и поранешен премиер, Бидзина Иванишвили, најбогатиот човек во Грузија, кој има деловни врски во Русија. Во пресрет на изборите, Грузиски сон водеше кампања во која ги потсетуваше гласачите на војната со Русија во 2008 година, користејќи слики од воено разурнатата Украина како тактика што предизвикува страв за да ги одврати луѓето да бараат поблиски врски со ЕУ.
Поради оваа причина, демонстрантите во Грузија може да се видат со знамиња и со симболи на ЕУ и на Украина, како и со националното знаме на Грузија.
Парламентарните избори во Грузија на 26 октомври предизвикаа нов циклус протести бидејќи опозициските партии тврдеа дека гласањето било наместено. Грузискиот сон прогласи победа и покрај извештаите за полнење гласачки ливчиња, заплашување и за други неправилности.
Опозиционерите одбија да го признаат резултатот од парламентарните избори на 26 октомври и рекоа дека изборите се украдени. Грузиската про-ЕУ претседателка, Саломе Зурабишвили, рече дека нема да ги признае резултатите и ги повика граѓаните да ѝ се придружат на масовните демонстрации.
Сепак, премиерот Иракли Кобахидзе, еден од водачите на Грузиски сон, на 27 октомври рече дека парламентот ќе ја одобри владата.
На Централната изборна комисија на Грузија ѝ беа потребни три недели да ги преброи сите гласови и да ги испита приговорите за нерегуларности пред да објави, на 16 ноември, дека партијата Грузиски сон добила 53,93% од гласовите, што ѝ дава 89 места во 150-члениот парламент.
Ескалираат протестите во Грузија
Демонстрантите ја окупираа фреквентната крстосница во центарот на Тбилиси, на 17 ноември, со шатори, но полицијата ги растера еден ден подоцна. Демонстрантите повторно се собраа на 18 ноември, но полицајците насилно ја растераа толпата, го демолираа кампот и приведоа неколку учесници.
Нова рунда протести уследи по изјавата на Кобахиџе дека интеграцијата на Грузија во Европската Унија може да се одложи до 2028 година, што предизвика гнев кај некои во општеството, кои бараат промени во политичкиот курс на земјата.
Полицијата, наводно, користела водени топови за да ги растера демонстрантите во Тбилиси на 29 ноември. Протестите потоа се проширија во Батуми, Зугдиди, Кутаиси, Телави, Гурџаани и други грузиски градови.
Какви се односите на Грузија со ЕУ?
ЕУ и САД на 27 октомври побараа истрага за нерегуларностите за време на изборите. Европската комисија на 30 октомври објави дека процесот на пристапување на Грузија во Европската Унија е суспендиран поради активностите на грузиската влада од пролетта 2024 година.
– Разговорите остануваат во мирување сè додека Грузија се оддалечува од ЕУ, нашите вредности и од нашите принципи – рече амбасадорот на ЕУ во Грузија, Павел Херчински.
Додека Европскиот совет во декември 2023 година се согласи да ѝ додели кандидатски статус на Грузија, грузиската влада усвои контроверзен закон за странски агенти во мај 2024 година, отфрлајќи го ветото на претседателката Зурабишвили.
Законот, кој го отсликува сличното руско законодавство кое го таргетира граѓанското општество, предизвика масовни протести во Грузија во пролетта 2024 година. Грузиски сон првично го воведе законот на почетокот на 2023 година, но го укина во март 2023 година по широките демонстрации.
Претседателот на грузискиот парламент, Шалва Папуашвили, го потпиша законот во јуни 2024 година и легислативата стапи на сила на 1 август, со која се бара од организациите, кои добиваат странски средства, да се регистрираат во Министерството за правда или да се соочат со парична казна.
Како одговор, ЕУ де факто го запре процесот на пристапување на Грузија и замрзна 30 милиони евра (32 милиони американски долари) од финансирањето на одбранбениот сектор.
– Вашингтон, исто така, ќе паузира помош од над 95 милиони долари за Грузија поради законот – рече американскиот државен секретар Антони Блинкен на 31 јули.
По избувнувањето на масовните протести кон крајот на ноември, тогашниот главен дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, објави изјава за поддршка на грузискиот народ „и на неговиот избор за европска иднина“.
Борел, исто така, истакна дека најавата на Кобахиџе да ги прекине преговорите за пристап во ЕУ „означува промена од политиката на сите претходни грузиски влади и европските аспирации на огромното мнозинство на грузискиот народ, како што е запишано во Уставот на Грузија“.
Како реагираше Русија на протестите?
Јавно, Русија се воздржа од отворено застанување на страната на Грузиски сон, но инсинуираше дека надворешните сили се обидуваат да ја дестабилизираат Грузија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 2 декември рече дека протестите се домашна работа на Грузија, но направи споредба со Портокаловата револуција и со Револуцијата на достоинството во Украина.
Портокаловата револуција во Украина во 2004-2005 година беше предизвикана од масовна измама за време на претседателските избори во 2004 година, во корист на прорускиот кандидат Виктор Јанукович. Масовните протести резултираа со повторување на изборите на кои победи про-ЕУ кандидатот, Виктор Јушченко.
Револуцијата на достоинството во 2013-2014 година избувна откако претседателот Јанукович, кој беше избран во 2010 година, одлучи да не потпише договор за асоцијација со ЕУ.
Грузија и Русија ги прекинаа дипломатските односи по војната во 2008 година, но владата на Грузиски сон го надгледуваше постепеното нормализирање на меѓусебните врски.
Двете земји ги обновија директните летови минатата година, додека, пак, трговските односи меѓу двете земји продолжија да растат, зголемувајќи ја зависноста на јужнокавкаската земја од северниот сосед.
Русија моментално контролира два грузиски региони – Јужна Осетија и Абхазија – кои заедно сочинуваат речиси 20% од територијата на земјата.
Непосредно пред изборите, рускиот претседател Владимир Путин издаде претседателски декрет за проширување на безвизниот влез за грузиските граѓани кои работат или студираат во Русија. Указот беше донесен во моментот кога ЕУ размислуваше за потенцијален крај на безвизниот пристап на Грузија до блокот.