ГРУПАТА ПЕРЕЛА ПАРИ ЦЕЛИ 9 ГОДИНИ, ВКЛУЧЕНИ БИЛЕ И ДРЖАВЈАНИ НА КОСОВО И НА ХРВАТСКА Седуммината уапсени одат во притвор, осомничени се вкупно 13 лица

Според извештајот на Јавното обвинителство лицата биле организирани во група која правела фиктивна трговија со нафтени деривати, а биле вклучени и правни лица кои не поседуваат лиценци за ваквиот тип трговија. За седуммината уапсени во Куманово, Липково и во Желино е прифатена мерката притвор. Поведена е истрага за вкупно 13 лица, меѓу кои 4 косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.

863

Лицата кои беа уапсени во акцијата на 25 август во Куманово, Липково и во Желино се под сомнение дека переле пари во криминална група 9 години, од периодот од 2014 до 2023 година. Јавното обвинителство излезе со детали за случајот на кој му претходела двегодишна предистрага. ОЈО ГОКК повело истрага за 13 лица, меѓу кои 4 косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.

Финансиската полиција во претходно соопштение откри дека досега се уапсени 7 лица, а едно е недостапно за органите на прогонот и дека лицата го оштетиле Буџетот за речиси 7 милиони евра. Јавен обвинител побарал притвор за сите осомничени, додека за седуммината кои досега се уапсени овој предлог е веќе прифатен и им е одреден едномесечен притвор.






„За останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство, наведува Обвинителството.

Според извештајот на Јавното обвинителство лицата биле организирани во група која правела фиктивна трговија со нафтени деривати, а биле вклучени и правни лица кои не поседуваат лиценци за ваквиот тип трговија.

„Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери. Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски“, се вели во написот на ЈО.

Понатаму во текстот, Јавното обвинителство вели дека продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а дека средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација.

„Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување. Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело“.

 

Поврзани содржини