ГРУПАЦИЈАТА 4iG И SPACE X СКЛУЧИЈА ПРВ ДОГОВОР ВО ЕВРОПА Се воведуваат Starlink Mobile и Sovereign Solutions
Групацијата 4iG планира да ја воведе во комерцијална употреба првата генерација на Starlink Mobile. Во иднина ќе следува технологијата од следната генерација Starlink Mobile V2, која ќе ги користи глобалните права на SpaceX за спектарот од 2 GHz, овозможувајќи можности за нетерестријална 5G мрежа.
Групацијата 4iG и SpaceX потпишаа значајни договори за обезбедување сигурна и отпорна поврзаност во Европа. Starlink Mobile ќе ги зајакне телекомуникациските услуги на Групацијата 4iG во Унгарија и на Западен Балкан, додека договорот за Sovereign Solutions ќе го поддржи развојот на суверени и безбедни капацитети за сателитска комуникација на национално ниво.
Двете компании заеднички создаваат единствен модел на соработка во Европа, кој ја обединува комерцијалната сателитско-мобилна поврзаност со сателитската технологија за комуникациите во рамки на Sovereign Solutions.
Договорот е целосно усогласен со постојниот профил на Групацијата 4iG, кој ги опфаќа телекомуникациите, вселенските и одбранбените технологии, и претставува иновативен исчекор за Групацијата.
– Овој исчекор ја нагласува важноста, поврзаноста да стане сеприсутна и достапна за сите. Групацијата 4iG и SpaceX развија модел прв од ваков вид, кој опфаќа комерцијална услуга базирана на сателитско-мобилната технологија на Starlink и воспоставување на првите Sovereign Solutions во Европа. Горди сме што ја предводиме оваа визија во Европа и поставуваме нов глобален стандард за тоа што е возможно – изјави Гелерт Јасаи, претседател и главен извршен директор на Групацијата 4iG.
– Проактивната одлука на Групацијата 4iG да го воведе Starlink Mobile, вклучително и нашата констелациска технологија од следната генерација V2, ќе им обезбеди на луѓето ширум Унгарија и Западен Балкан сигурна директна поврзаност со нивните уреди. V2 ќе овозможи широкопојасен интернет со голема брзина директно на мобилните телефони и ќе го усогласи спектарот од 2 GHz што ќе го користиме ширум светот. Со задоволство ја воспоставуваме оваа соработка со Групацијата 4iG, со која Унгарија се позиционира меѓу првите земји во Европа што ќе ги воведат Sovereign Solutions – изјави Гвин Шотвел, претседателка и главна оперативна директорка на SpaceX.
Надополнување на мобилните мрежи на ONE HUNGARY
Starlink, најголемата светска сателитска констелација во ниска Земјина орбита за директно поврзување со мобилни уреди, овозможува директна врска со мобилни телефони компатибилни со LTE, без потреба од посебна сателитска опрема. Надополнувајќи ги терестријалните мобилни мрежи, сателитската поврзаност ги прави мобилните комуникации достапни во подрачјата каде што покриеноста со конвенционална мрежа е ограничена или воопшто ја нема.
Групацијата 4iG ќе ја воведе комерцијалната услуга во Унгарија и Албанија. Овие две земји ќе им се придружат на повеќе други пазари ширум светот, каде што услугата денес им е достапна на милиони луѓе на шест континенти. Технологијата ја подобрува достапноста на мобилните комуникации, особено во планинските подрачја и крајбрежните води. Динамиката на воведување ќе зависи од регулаторните, техничките и комерцијалните услови на секој пазар.
Сигурната и отпорна поврзаност на Starlink Mobile, исто така, ќе им биде поддршка на корисниците на Групацијата 4iG во итни случаи и при привремени прекини, а ќе овозможи и комуникација за јавните служби и функционирање на критичната инфраструктура.
Во иднина, соработката ќе го вклучи Starlink Mobile V2, технологија од следната генерација која ги користи глобалните приоритетни права на SpaceX на спектарот од 2 GHz. Услугата ќе биде воведена во Унгарија, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија. Групацијата 4iG го отвора патот за унапредување на терестријалните и сателитските мобилни комуникации во ЕУ, овозможувајќи им на милиони луѓе пристап до сигурна и отпорна поврзаност во оддалечените и недоволно покриените подрачја.
Со воведувањето на услугата во повеќе земји, Групацијата 4iG е на пат да стане еден од европските предводници во примената на услугите на Starlink Mobile.
Безбедни сателитски комуникации
Преку Sovereign Solutions, 4iG S&D и SpaceX ќе развијат интегрирана услуга со унапредени сателитски комуникации и целосно заштитена размена на податоци. Предвидена за воведување следната година, услугата ќе обезбеди широкопојасна поврзаност и безбедна суверена мрежна инфраструктура.
Групацијата 4iG е најголемата унгарска холдинг-компанија на пазарот на капитал, активна во областите на технологијата, инфо-комуникациите, дигиталната инфраструктура и вселенската и одбранбената индустрија, а нејзините акции котираат на Будимпештанската берза. 4iG го гради своето присуство преку интегриран пристап што опфаќа мрежи со висок капацитет, центри за податоци и меѓународна инфраструктура за пренос на податоци, технолошки системи, како и индустриски и одбранбени решенија, услужувајќи физички лица, деловни субјекти, државни институции и меѓународни клиенти. Со повеќе од 11.000 вработени, стратешката цел на Групацијата е преку долгорочни инвестиции, иновации и меѓународни партнерства да придонесе за дигиталниот, технолошкиот и индустрискиот развој на Унгарија и на регионот.