ГРУБИ И БАЈРАМИ СИГУРНО СЕ НЕКАДЕ ВО РЕГИОНОТ Ахмети вели дека не е истражен орган за да ја открива нивната локација
Сигурно се наоѓаат некаде во регионот, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на прашањето на ТВ Алсат за тоа, дали знае каде се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кои веќе неколку месеци се во бегство.
Тој додаде дека нема комуникација со нив и дека не е истражен орган за да ја открива нивната локација.
– Не работам ниту во Обвинителството, ниту во истражните органи. Сигурно не се на места далеку од регионот. Немам комуникација со нив и не сум тој што треба да ја откривам нивната локација – рече лидерот на ДУИ.
Министерството за внатрешни работи лани во декември распиша меѓународни потерници по поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и по ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, како осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.