ГРЕШКИТЕ ВО УЧЕБНИЦИТЕ СЕ КАТАСТРОФАЛНИ Финците, Унгарците и Турците се народи од жолтата раса, авторите препишале од Википедија (ФОТО)
Што се однесува до нашиот учебник, буквално како да е препишан од Википедија, која што е најмалку релевантен извор. Кој ги прави рецензиите, дали некој води сметка каков е крајниот производ, што ќе им се пренесе на учениците и до каде тие потоа ќе стигнат во животот, навистина не знам. Па нема секој пари за лични тутори и тоа по секој предмет. Ова што сега се случува во образованието никогаш не било, вели Соња Трајковска, мајка на осмоодделенка.
По секојдневното обелоденување на кардинални грешки во учебниците кои пред крајот на првото полугодие ги добија децата во петто одделение, реакции за грешки стигнуваат и од родители и од наставници на ученици од повисоките одделенија. Дека Македонија на исток граничи со Албанија, а на запад со Бугарија, дека Монт Еверест е висок 29.305 метри, дека Марија Кири е добитничка на Нобелова награда за наука, а не постои Нобелова награда за наука, туку за хемија или за физика, не се последните катастрофални грешки кои ќе мораат да ги „голтаат“ децата, анализира порталот „Фактор“.
Оние во VIII одделение по географија учат дека Финците, Унгарците, Турците се жолта или монголоидна раса.
Откако до редакцијата на медиумот стигнаа низа реакции од родители кои велат дека ова е сосема погрешно, разговаравме со наставничка по географија, веќе во пензија, Стојанка Вуксановиќ, која направила истражување, конкретно за Финска и која вели дека Финците се бела раса.