ГРЦИТЕ ТРЕБАШЕ ДА НИ ПЛАЌААТ ОТШТЕТА ЗА ОКТА, А НЕ НИЕ ДА ПЛАЌАМЕ Груевски открива голема тајна операција што се водела во негово време
Во 2016 година, тогашната влада започна една многу голема, тајна и многу корисна финансиско-комерцијална операција, со која наместо да плаќаме штети за ОКТА, нам Хеленик ќе ни плаќаше штети, но новата власт на СДСМ веднаш ја прекина операцијата, а резултатот го гледаме денес, напиша на Фејсбук ескпремиерот Никола Груевски.
Наместо Македонија да добие отштета од грчката компанија „Хеленик петролеум“ од најмалку 150 милиони евра, плус трошоците за ремедијација на земјиштето околу ОКТА, сега уште треба да плаќа тешки милиони и допрва ќе плаќа, пишува ескпремиерот Никола Груевски за информациите дека земјава треба да плати 25 милиони евра во спорот со ОКТА.
Тој на Фејсбук напиша статус во кој вели дека открива нешто што досега не е објавено, а се однесува на овој случај.
„Во 2016 година, тогашната влада започна една многу голема, тајна и многу корисна финансиско-комерцијална операција, со која наместо да плаќаме штети за ОКТА, нам Хеленик ќе ни плаќаше штети, но новата власт на СДСМ веднаш ја прекина операцијата, а резултатот го гледаме денес. И во иднина ќе го гледаме. Операцијата се состоеше во тоа штo Владата која јас ја предводев ангажира домашни и странски правници и консултанти со цел да најдат начин како наместо да плаќаме на фирмата од Грција, на Македонија да ѝ биде плаќано. На чело на експертскиот тим беше поранешен арбитражен судија од Париз, тогаш веќе во својство на адвокат, целта беше да се најде начин државата да се ослободи од обврските креирани и прифатени во овој договор кој меѓународната кризна група го нарече ‘коруптивен договор’. Тогаш беа испитани сите аспекти од договорот и се најде решение.
Последната, односно најлошата варијанта, нешто што не смееше да се случи беше повторно да се оди на арбитража во Париз, бидејќи беше јасно дека државата ќе загуби пред истиот суд“, пишува експремиерот.
Едно од најпроблематичните делови во договорот, наведува Груевски, е обврската да се купуваат 500.000 тони мазут годишно.
„Тимот обезбеди гаранција за правење нарачки за тековната 2016 година и за сите години од 2011 година до 2016 година, така што Македонија купуваше нешто за што однапред имаше обезбедено каде да го продаде, иако знаевме дека Хеленик немаше да може да го испорача мазутот бидејќи веќе 5 години рафинеријата ОКТА не работеше, а тој тип на мазут со тие микро карактеристики/спецификација предвидена во договорот, можеше да се произведе само во таа рафинерија. Зошто се одлучивме на тој чекор!? Прво, рафинеријата ОКТА никогаш немала капацитет да направи 500.000 тони мазут! Второ, како што пишав, мазутот со спецификацијата пропишана во договорот може да се произведува само во рафинеријата во Скопје и трето и најважно, ОКТА не работи од 2011 година, а ги продале и филтрите и другите вредни делови од рафинеријата, со што и да сакаа не можеа да ја стават во функција. За таа цел, Владата и меѓународниот тим подготвија предлог-закон (треба да влезе во закон бидејќи целата зделка претходно е договорена со закон), со кој ќе се направеше нарачка за сите количини за пет години 2,5 милиони тони мазут. Овој закон и целата процедура беа готови до септември 2016 година кога веќе заради изборниот период не беше можно да се оди на Парламентот и затоа, се подготвено со филигрантска прецизност од најдобри експерти во светот во областа, го оставивме на располагање на новата влада на 31 мај 2017 година“, објаснува Груевски.
Наместо новата власт да го започне процесот и државата да се ослободи од обврските кои предвидуваа државата да плаќа за штети по овој договор, посочува експремиерот, таа одлучи да оди на арбитража, каде што тогаш веќе беше јасно дека има 99% шанси да го загуби спорот, што и се случи.
„Со одлука на генералниот секретар на Владата беа разрешени адвокатите и консултантите кои го сочинуваа тимот на големата операција. Дали е тоа намерно направено или од некоја друга причина е работа на потенцијална истрага, но нема одговор на прашањето зошто кога целиот план, процедура и закон кој беше одамна изработен за расчистување на штетен договор се прекина. Според информациите до кои дојде нашиот истражувачки тим и за кој ме информираа Хеленик Петролеум е приватна компанија каде најголемиот дел од акциите преку неколку офшор компании наводно се во сопственост на еден човек по име Спирос Лацис. Доколку се спроведеа процедурите, владата ќе ѝ ги вратеше и рафинеријата и нафтоводот во сопственост на државата и немаше да се плаќаат штети, напротив тие ќе плаќаа штети за неспроведување на договорот. И ќе имавме многу послободен и поконкурентен пазар на нафта и нафтени деривати. И уште нешто многу важно. Покрај оваа голема штета со ОКТА, според моето мислење, но и мислење на неколку експерти со кои сме разговарале сега ни спремаат втора штета со тоа што нафтоводот Солун – Скопје ќе стане продуктовод. Тоа за некого нема значење ама за Хеленик Петролеум и за Република Македонија ќе има големо значење. Имено, можете да замислите како ќе беше ако денес во оваа енергетска криза имавме функционална рафинерија за преработка на сурова нафта во готови нафтени производи. Тоа што ОКТА не работи е огромна загуба за државата, најпрофитабилни вакви компании во светот се оние што се внатрешноста. Хеленик Петролеум не инвестираше ништо во рафинеријата, само презема монопол, кој доколку гасоводот стане продуктовод по кој ќе се пренесува преработена нафта од Хеленик Петролеум“, пишува Груевски.
Покрај ова околу 2.200 транспортери во Македонија кои досега работат транспорт на нафта ќе останат без работа, а тоа се 2.200 семејства, бидејќи транспортот со камиони ќе биде поскап од транспортот со продуктовод, додава тој.
„Да прашам која конкурентска нафтена компанија може да увезе нафта освен ОКТА со продуктоводот и дали ќе биде поевтина од нафтата што се носи преку продуктоводната линија? Такво нешто нема да се случи! Дали тоа значи дека ќе биде уништена и конкуренцијата во Македонија, бидејќи никој нема да може да конкурира на транспортната цена на продуктоводот кој го поседува само една компанија. Да ги прашаме надлежните, дали се свесни дека ОКТА официјално не работи и за евентуално пак да работи треба поправки кои би чинеле најмалку околу 80 милиони евра? За крај да прашам кој преговараше со Хеленик Петролеум и ОКТА за да се блокира процесот кој го изработивме во 2016 и целосно подготвен го оставивме на новата влада која го блокира процесот пред да го започне? За оваа штета треба некој да одговара, независно дали е направен од аматеризам или коруптивни мотиви. Власта има огромен потенцијал за сомнеж за двете. Со овој договор и со чекорите што ги презема оваа власт предводена од СДСМ штетата од договорот со продажбата на ОКТА не е 20 или 40 милиони евра, граѓаните ќе го платат целиот 20-годишен монопол, а сегашните неспособни ќе плаќаат и за следните 20 години, па штета да достигне и до една милијарда евра. Иако немам информации, сега може да се случи грчката компанија да понуди на Македонија, да не им ја плаќа оваа штета, а за возврат да ги добие акциите на државата во нафтоводот и да не плаќа ремедијација на земјиштето, па со тоа да може официјално да ја затвори ОКТА. Ќе им остане пазар на кој друг никој нема да може да им конкурира заради транспортниот трошок и уште побарувања за милионски штети“, објаснува Груевски.