ГРЦИЈА ИМА НАЈГОЛЕМ ДРЖАВЕН ДОЛГ Најголем дефицит има Романија

Јавниот долг во ЕУ пораснал за 0,8 проценти поени во однос крајот на последниот лански квартал, кога изнесуваше 81 отсто, додека во Еврозоната тој бележи квартален раст за 0,6 процентни поени од претходните 87,4 проценти од БДП. 

978

Земјите членки на ЕУ на крајот на првиот квартал од оваа година имаа вкупен јавен долг на ниво од 81,8 отсто од БДП и буџетски дефицит од 2,9 проценти од БДП. На ниво на Еврозоната, пак, долгот достигна 88 проценти од БДП, а дефицитот 2,9 отсто, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција Евростат.

Со ова јавниот долг во ЕУ пораснал за 0,8 проценти поени во однос крајот на последниот лански квартал, кога изнесуваше 81 отсто, додека во Еврозоната тој бележи квартален раст за 0,6 процентни поени од претходните 87,4 проценти од БДП.






Од друга страна, буџетскиот дефицит бележи намалување во однос на последното тромесечје во 2024 година, кога на ниво на ЕУ изнесуваше 3,3, а во Еврозоната 3,2 отсто од БДП.

Во споредба со првиот лански квартал, долгот во ЕУ се зголемил од 81,2 на 81,8, а во Еврозоната од 87,8 на 88 проценти од БДП. Дефицитот пак на годишно ниво бележи намалување во ЕУ од 3 на 2,9, а во Еврозоната од 3,1, исто така, на 2,9 отсто од БДП.

Од вкупниот долг на ЕУ на крајот на март 2025 година, 83,6 отсто отпаѓа на должнички хартии од вредност, 13,9 проценти на кредити, а 2,5 отсто на депозити. На ниво на Еврозоната, пак, структурата на долгот е 84,2 проценти на должнички хартии од вредност, 13,3 отсто на кредити и 2,6 проценти на депозити.

Најголем државен долг на крајот на првиот овогодишен квартал меѓу членките на ЕУ имала Грција во износ од 152,5 отсто од БДП, пред Италија со 137,9, Франција со 114,1, Белгија со 106,8 и Шпанија со 103,5 проценти од БДП. Од друга страна, најнизок долг имала Бугарија на ниво од 23,9 отсто од БДП, пред Естонија со 24,1, Луксембург со 26,1 и Данска со 29,9 проценти од БДП.

Најголем квартален раст на долгот имаат Австрија и Словачка со по 3,5 процентни поени, пред Словенија од 2,9, Италија од 2,5, Литванија од 2,4, Полска од 2,2 и Белгија од 2,1 процентни поени. Најголемо намалување бележи Ирска од 3,7, Летонија од 1,2 и Грција од 1,1 процентен поен.

На годишно ниво долгот најмногу пораснал во Полска за 6,1 процентни поени, пред Финска за 5,1, Австрија и Романија за по 4,1, Франција за 3,6, Италија за 2,9, Словачка за 2,6 и Шведска за 2,0 процентни поени. Најголеми намалувања се регистрирани во Грција од 9,3 процентни поени, Кипар од 8,2, Ирска од 6,1, Хрватска од 3,6, Данска од 3,2, Шпанија од 2,8 и Португалија од 2,7 процентни поени.

Кога станува збор за дефицитот, неговото квартално намалување во ЕУ се должи на растот на приходите за околу 21 милијарди евра во однос на последното ланско тромесечје, достигнувајќи ниво од 46,2 отсто од БДП, што е непроменето во однос на крајот на последниот квартал од 2024 година.

Расходите, пак, се зголемиле за околу пет милијарди евра, што е на ниво од 49,1 отсто од БДП, што претставува намалување од 49,5-те проценти во претходниот квартал.

Во Еврозоната кварталното намалување на дефицитот се должи на растот на приходите за околу 11 милијарди евра во однос на претходниот квартал, достигнувајќи ниво од 46,6 отсто од БДП. На крајот на декември 2024 година приходите во Еврозоната биле на ниво од 46,7 проценти од БДП.

Расходите се зголемиле за околу два милијарди евра, што е на ниво од 49,5 отсто од БДП.

Меѓу членките на ЕУ најголем буџетски дефицит на крајот на првиот овогодишен квартал имала Романија од 7,5 отсто од БДП, пред Франција од 5,6, Белгија од 5,5, Австрија и Полска од по 5,1, Бугарија од 4,6 и Унгарија од 4,2 проценти од БДП. Од друга страна, само седум членки на ЕУ бележат буџетски суфицит, кој е највисок на Кипар од 5,6 отсто од БДП, пред Грција со 4,2, Данска со 3,3, Ирска со 2,3, Малта со 2,1, Португалија со 1,3 и Летонија со 0,2 проценти од БДП.

Според Мастришкиот договор, државите членки на ЕУ треба да „избегнуваат прекумерни буџетски дефицити“, кои на годишно ниво не треба да се поголеми од три отсто од БДП, при бруто јавен долг на ниво од најмногу 60 проценти од БДП.

Поврзани содржини