ГРАНИЦАТА НЕ МОРА ДА БИДЕ ЅИД, МОЖЕ ДА БИДЕ ЗАЕДНИЧКИ МОСТ Мицкоски на стартот на заедничката контрола на преминот Долно Блаце – Елез Хан
Граничниот премин Блаце е еден од најфреквентните во државава и годишно го користат преку 4,3 милиони патници. Тој е значаен за македонските и косовските граѓани, но и за меѓународниот транзит на луѓе и стоки.
Профункционира заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на граничниот премин Долно Блаце – Елез Хан, каде е изградена нова физичка и дигитална инфраструктура со која е воспоставен функционален систем кој овозможува само едно застанување и една пасошка контрола. Премиерот Христијан Мицкоски, на свеченоста по повод пуштањето во употреба на системот истакна дека осовременувањето на граничниот премин е отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и за регионот.
Границата која досега значеше пречка, посочи Мицкоски, денес станува симбол на модерноста, интеграцијата и регионалната зрелост и нема повеќе да се чека со часови.
– Денес симболично, но и суштински ја поместуваме границата помеѓу проблемите и решенијата, помеѓу застојот и движењето, помеѓу бирократијата и ефикасноста. Заедничкиот премин организиран според системот Оне стоп шоп значи едно застанување наместо две, едно чекање наместо две, еден увид наместо две одделни контроли, а за граѓаните тоа значи повеќе време за семејството, за работа, за живот. На најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид, границата може и треба да биде наш заеднички мост, кој поврзува луѓе, идеи и можности, преку кој се зборува за доверба, соработка, економска соработка, развој на културата и туризмот – рече Мицкоски.
Тој порача дека денешниот чекор е повеќе од билатерална политика и е дел од поголема слика, како што рече, слика во која целиот Западен Балкан се движи во иста насока кон Европската Унија. Оваа заедничка гранича точка, додаде, не е само премин помеѓу двете држави, туку премин кон европските вредности на соработка, интеграција и на слободно движење.
Косовскиот премиер Албин Курти посочи дека по подолг период ангажманот и посветеноста резултирале со проект од голема важност за граѓаните на Северна Македонија и на Косово.
– Основањето заеднички гранични премини се повеќе од гранична инфраструктура и тие претставуваат нови точки на соработка и сервис кои ги поврзуваат уште повеќе нашите народи и ги зајакнуваат нашите добрососедски односи – рече Курти, посочувајќи дека концептот на преминот е доказ за поголема довреба меѓу двете држави.
Отсега па натаму, додаде, граѓаните ќе бидат проверувани само при влез во земјата, а податоците ќе се разменуваат во реално време преку современиот технолошки систем.
– Само во 2024 година над 5 милиони граѓани ги поминале трите гранични премини меѓу двете држави, што укажува на врската меѓу нашите граѓани, но и потребата за слободен и брз проток на луѓе и стока – наведе Курти.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити истакна дека нашиот заеднички повик од граничниот премин е – интеграција сега.
-На ова место Блаце каде пред 26 години беше тестирано човештвото и определбата на луѓето за слободата, иднината и за обединувањето денеска почнуваме нова историја за развој и напредок. Со инаугурацијата на таканаречениот One stop shop систем за управување на границата бележиме значителен момент за подобрување на протокот на луѓето и материјалните добра како еден голем чекор кон Европската Унија – рече Меџити.
Со ова, додаде, правиме уште еден голем чекор во реализацијата на проектот „Европа без граници“.
-Интеграцијата не е само политички процес, тоа е наша визија за иднина без меѓусебни ѕидови и граници кои делат, туку со мостови кои не поврзуваат – рече Меџити и додаде дека Балканот заслужува да биде дел од Европската Унија и тоа не како товар, туку како додадена вредност.
Граничниот премин Блаце е еден од најфреквентните во државава и годишно го користат преку 4,3 милиони патници. Тој е значаен за македонските и косовските граѓани, но и за меѓународниот транзит на луѓе и стоки.