Гранде Пандев утре за последен пат во македонскиот дрес!
Среќен сум што се збогувам на еден ваков начин, на едно големо натпреварување. Среќен сум што се повлекувам на ваков начин. Може да кажам дека подобро збогување од дресот на еден дуел против Македонија, на Европско првенство не можев и да посакам - вели капитенот на Македонија.
Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев на официјалната прес-конференција во пред средбата со Холандија соопшти дека ова за него ќе биде последен натпревар во националниот дрес.
– Да, ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Ова е крај на мојата кариера во репрезентативниот дрес. Не знам како ќе биде во Италија, но играње на два фронта, и во Италија и во репрезентативниот дрес е преголем товар и затоа дуелот со Холандија е дефинитивен крај. Мислам дека оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на репрезентативниот фудбал, и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. Им посакувам на овие момци уште многу успеси во иднина, и сигурен сум знаејќи ги нивните квалитети дека уште многу пати во иднина сите ќе не радуваат – истакна емотивно Пандев, притоа дополнувајќи:
– Среќен сум што се збогувам на еден ваков начин, на едно големо натпреварување. Среќен сум што се повлекувам на ваков начин. Може да кажам дека подобро збогување од дресот на еден дуел против Македонија, на Европско првенство не можев и да посакам. Има емоции но знам како да се носам со нив. Среќен сум што Македонија играше на едно големо натпреварување и дај боже утре сето тоа да го заокружам со еден позитивен резултат.
По соопштувањето на одлуката на Горан Пандев за крај на репрезентативната кариера, селекторот Игор Ангеловски нагласи дека сите фудбалери сега имаат дополнителен мотив за уште подобро издание и за позитивен резултат на крајот од настапите на ЕВРО 2020.
Против Холандија сега можеби ќе менуваме нешто но сето тоа и во функција на желбата со позитивен резултат да го завршиме првенството. Сега, со најавата за повлекување на Горан од репрезентативниот дрес, имаме уште еден мотив плус за позитивен резултат. Горан поради повредата која ја чувствуваше пред мечот со Украина, кој го одигра со две инјекции, не тренираше изминативе два дена. Но, може да кажам дека утре ќе игра. И сите верувам ќе играат за него“ – рече Ангеловски.
Натпреварот против Холандија, утре со почеток од 18 часот, ќе биде 122. за 37-годишниот Пандев од неговото деби во националниот дрес во 2001 година во мундијалските квалификации против Турција.
Пандев ќе се збогува со националниот дрес како фудбалер со најмногу настапи и најдобар стрелец со во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал со 37 голови, вклучувајќи го и историскиот прв на Европските првенства, што го постигна против Австрија на 13 јуни во рамки на првото коло од групата Ц на ЕУРО 2020.