Градски парк не е пазар да продава кој што сака и каде сака
Градот веќе втора година по ред распишува јавен повик за доделување на една од точно определените локации за оваа намена, така што нема да бидат узурпирани пешачките патеки во двата дела од паркот.
Убавото време скопјани честопати го минуваат во Градскиот парк, каде покрај зголемената фреквенција на луѓе, може да се забележат и мобилни продавачи на пијалоци, пуканки, крофни. Со цел да воспостави ред меѓу нив, Градот веќе втора година по ред распишува јавен повик за доделување на една од точно определените локации за оваа намена, така што не би биле узурпирани пешачките патеки во двата дела од паркот.
– Од минатата година Градот донесе неколку одлуки со кои воведе ред за локациите и површината на која ќе може да работат мобилните продавачи, по реакциите на посетители дека се узурпираат патеките во стариот дел на Градски парк со натрупување на подвижни приколки – велат од Град Скопје за Плусинфо.
На просторот на Градскиот парк предвидена е 21 локација за поставување на подвижни апарати и подвижни објекти, наменети за продажба на сладолед, направи за продажба на пијалоци и други производи, направи за приготвување на пуканки, шеќерна волна и крофни и слични производи.
– Поставување на подвижни апарати и објекти во првиот и во вториот дел од паркот, на локации каде што се вкрстуваат правците на движење на посетителите на паркот, ќе овозможи да се зголеми посетеноста, а со тоа и безбедноста на паркот – додаваат од Градот.
Самото распределување на локациите, потребните документи и процедури и останатите услови се содржат во јавниот повик кој го распиша Град Скопје, додека дозволите се доделуваат за временски период од 1 март до 31 ноември. Во јавниот повик се поставени сите критериуми кои мора да ги исполнува барателот на дозволата за поставување на урбаната опрема.
– Еден од условите во јавниот повик е изгледот на подвижните објекти да не го нарушува амбиентот на Градскиот парк и да нема негативно еколошко влијание врз околината. Треба да се користи агрегат за напојување со електрична енергија, со ниска бучавост, да не користат озвучување, а ќе бидат обврзани и отпадот да го фрлаат во посебни корпи, а не во кантите што се поставени во паркот. Со одобренијата ќе биде регулирано работното време, дотурот на роба – ни одговорија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека на овие предвидени локации, како што стои и во јавниот повик, не е дозволено продажба на сѐ и сешто и дека ќе бидат контролирани од инспекциските служби на Град Скопје.
– На овие локации не се продаваат сувенири, бижутерија, книги и слично, а висината на надоместокот за нивно користење е утврден согласно законските прописи. Овој јавен повик и одлука важи само за овие локации во Градскиот парк (прв и втор дел) и тие се контролираат од страна на нашите инспекциски служби за тоа дали ја поседуваат соодветната дозвола и дали се придржуваат до поставените услови од јавниот повик – информираат го Градот.