Градот убав нема пак да никне
Скопје, навистина, од симбол на солидарноста стана симбол на неуспехот, на узурпацијата, на неукоста, на некултурата… И вистината мораме еднаш да му ја кажеме на овој град: ние не можеме да му помогнеме!
Не е баш лесно со ваков наслов да му ја честитате 61-годишнината од повторното раѓање на градот во којшто живеете цел живот. Тоа е исто како да речете дека Скопје е град роден без среќа и фрлен на буниште, дека е град за којшто никој не се грижи, а најмалку неговите граѓани, дека е ова и дека е она… односно дека е сѐ негативно што прво ќе ви падне на памет и – нема да згрешите. Зашто Скопје, навистина, од симбол на солидарноста стана симбол на неуспехот, на узурпацијата, на неукоста, на некултурата… И вистината мораме еднаш да му ја кажеме на овој град: ние не можеме да му помогнеме!
Да, Скопје е град без среќа односно попатно, од онаа 1963 година, некаде ја загуби и среќата. Но Скопје не е несреќен град само поради природните катастрофи што го следеле низ историјата, уште од онаа далечна 518 година. Овој град секогаш некако ги преживувал тие удари на природата, но последниве неколку децении не успеава да се справи со изживувањата на луѓето. Тие се неговиот пораз, неговата несреќа, неговата вистинска катастрофа. Од сите оние страотно провинциски политиканти кои глумеа градоначалници од не така далечната 1986 година наваму (Тодоровски, Талевски, Николовски, Кекеновски, Пенов, Костовски, Трајановски, Шилегов), до денешнава катаклизма викана Арсовска залегната баш ко кметица во градоначалничката фотелја. Тоа е една ужасна збирштина на неуки луѓе на кои градот сигурно се сеќава со тивок, прикриен бес, тоа беа некултурни минувачи со лични интереси кои му заседнуваа на вратот и го тормозеа до невидени граници. Поточно – безгранично!
Ни го сакаа градот, ни ја разбираа неговата „филозофија“, уште помалку ги интересираше неговата судбина. Тие беа ставани на градоначалничкото место да задоволуваат некакви партиски интереси – меѓу коишто и некои налудничави! – а патем и да чепнат нешто за себе. Градот, од една страна, ја губеше душата, а од друга му товареа толпи дојденци од сите македонски свирипичина. А тие остануваа засекогаш, и тие и нивните потомци, идентични на нив. И го менуваа градот по свое, сакаа да го направат паланка како нивната природна средина, онаа од кадешто дојдоа. Но тогаш, која е смислата да одиш на едно место ако сакаш да го направиш исто како она коешто си го напуштил? И зошто воопшто си го напуштал?
Поновата историја на Скопје бележи три големи трагедии: земјотресот во 1963 година, „Скопје 2014“ и Данела Арсовска. Од првата беше на пат да се опорави, да прерасне во модерен европски град по мерка на човекот, граѓанинот. Зачудувачки но таа трагедија во извесна смисла почна да се претвора во негова среќа. Градот како да доби нова енергија, полет што толку му беше потребен за да го извлече од неговата деветнаесетвековна летаргија. Низ него почна да тече нов живот, светски дух и култура што дотогаш беше непозната. Виде и нови лица, ја виде елитата на светската политика и интелигенција. И знаеше да биде благодарен.
Но сето тоа, со еден налудничав удар, повторно беше срамнето со земја. Не само метафорички туку на моменти и буквално, зашто она „Скопје 2014“ се покажа пострашно и од природна катастрофа. Неговата малоумна намера да го натера Скопје да „заличи на светските метрополи“ – како што ни сугерираше провинцискиот ум на тогашната „министерка“ за (не)култура – го претвори градот во втор Дизниленд, во „пачворк“ од „стилови“, идиотски скулптури и анахрони споменици. Јавно гордеејќи се со жалната амбиција насила да се наликува на нешто друго дотогаш несвојствено на овие простори и македонските историски дијагонали, тогашната политикантска „елита“ го силуваше градот и по вертикала и по хоризонтала. Таканаречениот проект „Скопје 2014“ всушност беше/е вулгарно, непромислено, ригидно државно загадување на јавниот простор обединувајќи во себе уште цела низа пропратни реални злосторства во повеќе области (уметноста, историјата, архитектурата, урбанизмот, споменичката пластика, културата, образованието итн.).
Пред таков варварски налет Скопје немаше шанса, се предаде. И тоа беше победа на провинцијализмот и неговото разбирање на естетиката и целосно напуштање на модернистичкиот дух на Тангеовото и нашето Скопје, како и на современите тенденции во архитектурата, уметноста, меморијалната скулптура, урбанизмот итн. Тоа, едновремено, беше и пораз на сите напори за „достигнувањето на светот“ во културата и уметноста по онаа 1945 година, на сите генерации македонски уметници, архитекти, урбанисти, историчари на уметноста, естетичари и, секако, граѓаните на Скопје. Таквата деестетизација на историјата, уметноста, архитектурата и јавниот простор Македонија немаше водено дотогаш.
Зрак на надеж за Скопје како да се појави во онаа 2017 година со промената на власта. Новата власт, лажлива во секој поглед а особено во ветувањата дека брзо ќе се справи со деструкцијата на „Скопје 2014“ во централното градско подрачје, ниту за милиметар не ги помести нештата во полза на градот. Имаше поважни работи – да ги наполни сопствените џебови!
А потоа дојде и третата голема трагедија, овојпат во „ликот и делото“ на „градоначалничката“ Арсовска, самонаречената „најдобра менаџерка во Европа“, низ чијшто простотилак и крајно неуко „менаџирање“ градот дефинитивно беше целосно препуштен на неговата судбина. Со таа и таква „персона“ во срцето на градот само се дополни градоначалничката листа на суетни провинциски ликови без елементарно познавање на градскиот живот и неговите бројни аспекти, на потребите и желбите на граѓаните но и закономерностите во развојот на градот, на современите политики во раководењето со „метрополи“ од форматот на Скопје итн. Градот полека ги завземаше сите неславни први места во Европа и светот, почнувајќи од загаденоста, нечистотијата, несреќните граѓани итн.
Во овие 61 година Скопје како да ги проживеа повеќето фази на еден град за коишто зборува, на пример, еден Богдан Богдановиќ. Налик на онаа негова прогресија: полис-метрополис-мегалополис-некрополис! Да, Скопје пред првата трагедија во 1963 година можеби одговараше на Аристотеловата „дефиниција“ дека градот треба да биде толку голем за човечкиот глас да може да стаса од едниот крај на градот до другиот. Кензо Танге очигледно се обидуваше таа „дефиниција“ сепак малку да ја прошири па на граѓанинот да му даде можност и за квалитетно совладување на малку поголеми растојанија, со визија за развој и современо урбано живеење. Но потоа дојдоа варварите и решија да прават „метрополис“ и „мегалополис“. И го направија – најгрдиот на свет. И да ѝ го остават на „најдобриот менаџер во Европа“ од Скопје да прави – некрополис!
За жал, на повидок е и четврта и можеби најголема трагедија што ќе го снајде овој некогаш убав град: и граѓаните полека креваат раце од него! Како да чувствуваат дека не можат да му помогнат на својот град да ги преживее ваквите катастрофи. Затоа и велам дека Скопје ги проживеа повеќето историски фази, но не ги преживеа!
Остана град без иднина и некрополис без граѓани. Во очекувањата, сосема незаслужени, да биде Европска престолнина на културата, Скопје остана Европска престолнина на кичот!
Извор: Теодосиевски уметност