МОЖЕ ДА СЕ РАЗЛАДИТЕ НА 250 ЧЕШМИЧКИ НИЗ СКОПЈЕ Тимовите на Црвениот крст на готовс пред горештините

Од Градот велат дека согласно Договорот за кризна состојба со Црвениот крст, при екстремно високи температури предвидени се мобилни тимови (од 5 до 7 тима) на пунктови кои ќе делат вода за пиење, ќе мерат крвен притисок и ќе им нудат соодветна помош на граѓаните.

161

Во пресрет на летото и најавените екстремно високи температури, од Град Скопје информираат дека граѓаните немаат потреба од грижа, затоа што речиси сите чешми и фонтани од кои тече питка вода, а се во централното градско подрачје и се во функција, ќе можат да се разладат.

– На територијата на Град Скопје има повеќе од 250 чешми за пиење вода од кои 77 се нови, поставени близу детски игралишта, паркови и на останати јавни места каде има поголема фреквенција на граѓани – нè информираа градските служби.






Оттаму додаваат дека согласно Договорот за кризна состојба кој Градот Скопје го има со Црвениот крст при екстремно високи температури, предвидени се мобилни тимови (од 5 до 7 тима) на пунктови кои ќе делат вода за пиење, ќе вршат мерење на крвен притисок и ќе нудат соодветна помош за граѓаните.

– Овие пунктови ќе бидат поставени на јавни места како автобуски постојки и во близина на болници или пазари, каде има поголема фреквенција на граѓани. Од страна на Црвениот крст предвидено е да се врши транспорт на граѓани поради изнемоштеност, пакети за ранливи категории граѓани, а дополнително пунктовите за бездомници ќе бидат приспособени на потребите од топлото време – велат од Град Скопје.

Службите на Градот ја следат состојбата со најавените високи температури и ќе дејствуваат согласно препораките на надлежните институции.

Како што веќе пишувавме, поради најавените високи температури за време на летните месеци, здравствените власти ги предупредуваат граѓаните да бидат внимателни.

Раководителката на Итната медицинска помош (ИМП) при Здравствен дом Скопје, д-р Милица Бубало, вели дека во периодот што следи не очекува зголемена работа и истовремено ги советува граѓаните на што да посветат внимание.

– Искрено сметам дека граѓаните добро ги знаат препораките на здравствените служби кога станува збор за заштита од топлото време, ги почитуваат и ќе ги почитуваат. Поради тоа не очекуваме зголемена работа за овој период. Нормално дека ќе има случаи каде што ќе треба да интервенираме, но се надеваме дека ќе бидат во помал број – вели д-р Бубало.

Раководителката на ИМП апелира до граѓаните при топло време да не излегуваат во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна памучна облека, да носат шапка на главата и очила, како и да го заштитат тилот, да консумираат доволно количество течности, кои нема да бидат ни премногу ладни, ни премногу топли, да консумираат свежо приготвена храна и да избегнуваат алкохолни пијалаци и тешка храна.

Од Управата за хидрометеоролошки работи пред официјалниот старт на летото информираа дека нè чека многу топло време во трите претстојни месеци, а за кога се очекува надминување на просечните температури дури и до 3 степени, а најголемо отстапување се очекува во јули.

– За територијата на Република Северна Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до 3 степени Целзиусови, речиси на целата територија. Најголемото позитивно отстапување на температурата на воздухот за оваа сезона се очекува да биде во јули – велат од УХМР.

Поврзани содржини