ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШТО ДЕЛЕЛ ШЛАКАНИЦИ СОСЛУШАН ВО ПОЛИЦИЈА Против Митовски ќе биде поднесена соодветна пријава, најави МВР
Освен градоначалникот на разговор е повикан и сведок на настанот, информира полицијата.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашо Митовски е повикан на службен разговор во полициска станица во Крива Паланка во врска со пријавата на полицискиот службеник Кристофер Стоевски, кој тврди дека бил физички нападнат од градоначаникот поради застој на сообраќајот на паркинг на ноќен локал.
„Во врска со пријавата од К.С. во ОВР Крива Паланка дека на 14.01.2023 бил физички нападнат од С.М., преземени се мерки и активности за расчистување на случајот и во полициска станица е извршен службен разговор со С.М., како и со сведок на настанот. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок против С.М“ – се вели во соопштението на МВР.
Случајот прва го објави ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение, во кое побара случајот да не се забошотува, и праша зошто во службениот билтен инцидентот е заведен како да е од непознат (Н.Н.) сторител. Потоа и самиот Стоевски на Фејсбук го опиша инцидентот, кој се случил додека тој не бил на службена должност. Полицаецот вели дека на излегување од ресторанот Воденица 3, после забава, имал помала незгода со друго возило, поради што се создал застој на излегување на возилта од паркингот. Градоначаникот Митовски, кој бил во колоната, бил нетрпелив, агресиван, а според Стоевски и под дејство на алкохол. Митовски му удрил две шлаканици на Стоевски, но тој, како што пишува, не возвратил на насилството, туку го пријавил случајот во полициска станица.