ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НЕГОТИНО БИЛ МЕТА НА ЗАКАНИ Обид за изнуда и уцени за 3.000 евра, Обвинителството бара продолжување на притворот
Обвинителот побара продолжување на мерката притвор, бидејќи постои опасност осомничениот да избега, дел од неговото семејство живее во странство. Дополнително, тој веќе е осудуван за слични дела, присилба и демнење на истиот градоначалник, поради што Обвинителството ќе бара укинување на условната казна.
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против лице кое со закани и обиди за изнуда се обидело да добие 3.000 евра од градоначалникот на Неготино. Осомничениот му се заканувал и нему и на неговото семејство, испраќајќи пораки полни со страв и притисок, со што го загрозил неговиот и мирот на граѓаните.
Според истрагата, на 2 септември обвинетиот упатил сериозна закана дека ќе го нападне градоначалникот и членовите на неговото семејство, барајќи пари за да „се смири ситуацијата“. Кога заканите не вродиле со плод, тој продолжил да испраќа вознемирувачки пораки во периодот од 4 до 18 септември, дел и на официјални адреси на општината, МВР и до новинари.
„Собраните докази недвосмислено укажуваат дека обвинетиот сериозно го загрозил чувството на безбедност на градоначалникот и неговото семејство. Ваквото однесување е крајно недозволиво и ќе се санкционира со полна сила на законот“, информираат преку соопштение од Обвинителството.
Обвинителот побара продолжување на мерката притвор, бидејќи постои опасност осомничениот да избега, дел од неговото семејство живее во странство. Дополнително, тој веќе е осудуван за слични дела, присилба и демнење на истиот градоначалник, поради што Обвинителството ќе бара укинување на условната казна.
Случајот предизвика силна реакција во јавноста, бидејќи станува збор за повторени закани кон избрано лице.
 
			