ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БИТОЛА ПОВТОРНО МОЖЕ ДА ПОСТАВУВА ДИРЕКТОРИ НА УЧИЛИШТА Вратени ингеренциите на општината пред новата учебна година
Министерството за образование и наука ги укина Решенијата за одземање на вршење работи од надлежност на Градоначалникот на општина Битола заради непречено одвивање на воспитно-образовниот процес и работите во областа на образованието, како и успешно започнување на учебната 2024-2025 година. Вака е постапено по барање на градоначалникот на општина Битола со цел да се овозможи непречено и законито вршење на работите од областа на средното и основното образование.
Tогашниот министер Јетон Шаќири ги одзеде надлежностите на Градоначалникот на Општина Битола, за именување и разрешување директори на основното општинско училиште „Александар Турунџев“ од селото Кукуречани, на средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ Битола и на основното општинско училиште „Св. Климент Охридски“ Битола.
„Ингеренциите на градоначалникот беа одземени од поранешната централна власт само во делот на ангажирање на наставен кадар, именување и разрешување на в.д. директори, додека материјалните трошоци за гориво, превоз на ученици и друго за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу еден милион евра, не беа во интерес на поранешниот министер за образование и истите останаа во надлежност на општината и во училиштата каде се одзедоа ингеренциите“, се наведува во соопштението од МОН.