ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ ФИНТИ Во приватни возила точат гориво со општински пари и тераат кампања

Потпретседателката на Антикорупциска Катица Николовска вели дека ги следат сите дојави за точење гориво од општински пари во изборни цели, ги евидентира, нотира, и согласно надлежностите на Комисијата, ќе се оценува дали има потреба од отворање на предмет, постапување и соодветно санкционирање.

963

Некои градоначалници трошат средства од буџетот на општините за набавка на гориво, кое се точи во приватни возила, кои се во функција на изборните активности, информира потпретседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Катица Николовска на јавната дебата за претстојните локални избори.

– Знаејќи дека ДКСК воспостави механизам да следи дали службените возила се користат за потребите на изборите, некои од градоначалниците трошат општински пари за набавка на гориво, кое се точи во други приватни возила, кои се користат во партиски активности, коишто се почнати предвреме – потенцира Николовска.






Таа вели дека Антикорупциска ги следи сите дојави за точење гориво од општински пари во изборни цели, ги евидентира, нотира, и согласно надлежностите на Комисијата, ќе се оценува дали има потреба од отворање на предмет, постапување и соодветно санкционирање.

– Сите дојави кои ќе пристигнуваат до нас во текот на овој изборен процес, понатаму ќе претставуваат иницијатива да креираме нови механизми за следење на сите средства, не само со кои располагаат општините, туку и другите институции, да ги направиме транспарентни во делот на трошењето на буџетски пари во предизборниот и изборниот процес – истакна Николовска.

Од ДКСК сметаат дека донекаде успеале да го решат проблемот со користење на службени возила за партиски активности, останува уште да се најде начин да се спречи користењето на горивото платено со општински пари а користено за приватни возила.

 

Поврзани содржини