ГРАДЕЛЕ БЕЗ ДОЗВОЛА И ФАЛИСИФИКУВАЛЕ ДОКУМЕНТИ Кривична пријава за седуммина и две фирми од Гостивар

Наместо да градат според издаденото одобрение и основниот проект, тие направиле отстапувања од дозволеното.

161

Полицијата поднесе кривична пријава против седум физички и две правни лица од Гостивар поради сомневање за бесправно градење, фалсификување исправа, несовесно работење во службата и злоупотреба на службена положба и овластување.

Според информациите од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, меѓу пријавените се А.С. (27), А.С. (27) и нивната мајка А.С. (47), кои како инвеститори во текот на 2021 и 2022 година изведувале градежни работи на сопствена катастарска парцела во Гостивар. Наместо да градат според издаденото одобрение и основниот проект, тие направиле отстапувања од дозволеното.






Во случајот е опфатен и Б.А. (54), управител на фирма за геодетски работи од Гостивар. Тој изработил геодетски елаборат што не се совпаѓал со основниот проект и, според сомневањата, составил лажна исправа која ја употребил како да е валидна документација на правното лице за проектирање, инженеринг и консалтинг.

Кривична пријава е поднесена и против И.Б. (33), управител на градежна компанија од Гостивар, кој изготвил Завршен извештај за технички прием на објектот. Во извештајот било наведено дека градбата е реализирана согласно одобрението и проектот, иако, според истрагата, тоа не било точно.

Меѓу осомничените е и С.Е. (48), кој и покрај тоа што знаел дека овластен градежен инспектор констатирал надградба надвор од одобрението и дал рок за отстранување на неправилностите, на 3 октомври 2022 година ја проследил документацијата по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности. Врз основа на таа документација, градбата била регистрирана и бил издаден имотен лист.

Пријавен е и градежниот инспектор В.Р. (42). Тој првично изготвил записник во кој навел дека објектот не е изграден според одобрението и наложил отстранување на недостатоците во определен рок. Сепак, подоцна не извршил контролен инспекциски надзор, со што, според наводите, му овозможил на инвеститорот да го стави објектот во употреба и покрај утврдените неправилности.

Со кривичната пријава се опфатени и двете компании од Гостивар поврзани со случајот. Истрагата треба да утврди колкава е одговорноста на секој од пријавените во постапката за изградба и легализација на спорниот објект.

Поврзани содржини