ГРАД СКОПЈЕ ОТСТАПИ СТАН ВО КОЈ ЌЕ СЕ СМЕСТУВААТ ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Шелтер центарот ќе го раководи искусна организација
Подготвени се сите неопходни услови за објавување на јавен повик за организација со докажано искуство, која ќе управува со центарот и ќе обезбеди специјализирани услуги од областа на социјалната заштита.
Градот Скопје отстапува сопствен стан, кој ќе служи како шелтер центар за заштита на жртвите од семејно насилство.
На вчерашната седница на Советот на градот Скопје беше донесена одлука со која се доделува право на користење стан во сопственост на градот. Овој простор ќе стане безбеден дом и сигурно прибежиште за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Во него, жртвите ќе добијат итно сместување, стручна поддршка, советување и помош сѐ до стабилизација на ситуацијата и пронаоѓање трајно решение.
– Ова е конкретен чекор кој го докажува нашиот сериозен и одговорен пристап кон заштитата на најранливите. Со ова, градот Скопје ќе го воспостави првиот сопствен шелтер центар за жртви на родово базирано насилство, како дел од приоритетните политики за превенција, поддршка и создавање систем кој навистина штити. Оваа иницијатива претставува важен чекор напред во градењето средина во која жените и децата ќе можат да добијат шанса за нов почеток, без страв и притисок – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на вчерашната седница.
Подготвени се сите неопходни услови за објавување на јавен повик за организација со докажано искуство, која ќе управува со центарот и ќе обезбеди специјализирани услуги од областа на социјалната заштита.
– Започнуваме со одговорно, транспарентно и посветено делување. За нас секоја спасена жена, секое заштитено дете и секое спречено насилство е заедничка победа – рече тој и се заблагодари на советниците кои го поддржаа овој предлог, но и на оние кои не го поддржаа.