Граѓаните „удрија“ на јакнење на имунитетот, маркетите експресно се празнат и се полнат (ГАЛЕРИЈА)

Во разговор со нив, како и со граѓаните, дознавме дека најмногу се купуваат намирници овошје и зеленчук со цел подобрување на имунитетот, како превенција од Ковид-19.

1,534

На скопските пазари може да се забележи намалена развдиженост, како последица на зголемените мерки за заштита на граѓаните од страна на Владата поради коронавирусот.

Плусинфо ги посети Зелен пазар, како и пазарчињата во Ѓорче и во Аеродром, при што можеше да се забележи намалена раздвиженост за што потврдуваат и пазарџиите, кои работат нормално, како и пред воведувањето на мерките.






Во разговор со нив, како и со граѓаните, дознавме дека најмногу се купуваат намирници овошје и зеленчук со цел подобрување на имунитетот, како превенција од Ковид-19.

– Бележиме пад на продажбата, затоа што граѓаните најверојатно ги почитуваат препораките и не се движат на места на кои има поголема фреквенција на луѓе. Луѓето сѐ повеќе купуваат овошје и зеленчук, затоа што сакаат да се заштитат самите себеси, но и тие околу нив. Иако ретко, може да се забележат и луѓе кои носат маски и ракавици – вели за Плусинфо еден од пазарџиите.

Од луѓето кои ги затекнавме на пазарите, можевме да дознаеме дека покрај потребните намирници, сѐ почесто купуваат и производи за зајакнување на имунитетот.

– Дојдов да купам тоа што ми е потребно за ручек, а покрај тоа зедов и лимон, портокали и цитрони. Потребно е во ова време да се внесуваат повеќе витамини, затоа што му се потребни на нашиот огранизам – рече една скопјанка.

За разлика од пазарите, сликата е поразлична во маркетите, каде што може да се забележи поголема раздвиженост на луѓе и празни рафтови.

Продавачите во некои од маркетите кои ги посетивме ни рекоа дека од појавувањето на првиот случај на коронавирус во нашата земја, значително е зголемена продажбата на одредени производи.

– Граѓаните купуваат најмногу брашно, масло, вода, конзервирана и замрзната храна, шеќер, јајца, како и средства за одржување на хигиената, како личната, така и на домот – ни рече продавачка во еден супермаркет во Скопје.

Пред повеќето маркети можеа да се забележат повеќе возила кои служат за дотур на роба, токму на производите кои најмногу се трошат, со цел маркетите да бидат подготвени во попладневните часови кога фреквенцијата на луѓе значително е зголемена, за разлика од претпладне.

Исто така, дознаваме дека забележан е пораст во „он-лајн“ купувањето, услуга која ја нудат неколку маркети. Сѐ повеќе граѓани се одлучуваат преку интернет страните на маркетите да си ги нарачаат потребните производи, да ги платат со картичка и подоцна да им бидат доставени во нивните домови.

Оваа услуга, може да се каже дека е идеална за сите оние кои стравуваат да се движат меѓу луѓе, а притоа да го купат сето тоа што им е потребно.

Поврзани содржини