ГРАЃАНИ СЕ ЖАЛАТ НА НЕПРИЈАТЕН МИРИС ВО СКОПЈЕ Депонијата Дрисла сè уште гори, властите со засилени активности

Мирисот од Дрисла повторно го загушува главниот град, надлежните предупредуваат на претпазливост, се работи и на Вардариште.

195

Граѓани од Скопје вечерва се жалат дека силен непријатен мирис се шири низ главниот град. Причината е промената на правецот на ветрот, кој дува од депонијата Дрисла кон градот.

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, активностите за затрупување на критичниот дел од депонијата продолжуваат и вечерва, а дополнително ќе бидат засилени во раните утрински часови.






– Се работи на агресивно затрупување на делот каде што е најголемото чадење. Гаснењето со вода не даде резултати, па затоа мораше да се примени овој метод – изјави Ангелов .

Тој информираше дека утре ќе следуваат активности и на дивата депонија Вардариште, за што јавноста ќе биде дополнително известена.

Центарот за управување со кризи денеска соопшти дека во централниот дел на Дрисла сè уште гори голема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се шири и во пошироката околина.

Ангелов додаде дека постојат индиции за намерно подметнат пожар, бидејќи во текот на летото, кога температурите биле високи, не дошло до самозапалување на депонијата.

Пожарот на Дрисла избувна вчера околу 15:15 часот, а поради сериозноста на ситуацијата, кризна состојба е прогласена на целата територија на државата. Надлежноста за управување со депонијата ја презема Главниот штаб за управување со кризи.

Поврзани содржини