ГРАЃАНИ, А НЕ БУГАРИ ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ! Може ли и во Преамбулата да победи концептот на граѓански суверенитет?
Бугарија и Бугарите имаат едно сосема поинакво гледање на создавањето на македонската нација, на македонскиот јазик и на македонска држава – за нив тоа е „Коминтерновска творба“, „Титова измислица“ итн. Тие промовираат и една своја „вистина“ за улогата на фашистичката влада на Бугарија во текот на Втората светска војна. Тешко е да се помири таа нивна приказна со наративот во Преамбулата, кој зборува и за АСНОМ, што ќе рече за раѓањето на нашата држава во виорот на борбата против фашизмот. Има ли, сепак, решение што ќе ги задоволи Бугарија и ЕУ?
Изненаден сум, а малку и разочаран, од неподносливата леснотија со која политичарите од власта изразуваат одлучност да се промени Преамбулата на македонскиот Устав, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски сега изразува спремност да разговара за тоа прашање.
Проектот што го заговара владата на СДСМ и на ДУИ, под притисок на меѓународната заедница, е Бугарите (а веројатно и Црногорците и Хрватите) да бидат „внесени“ во Преамбулата. Мицкоски вели дека би разговарал не само за оваа промена, туку и за барањата на Албанците да се избрише условот 20-процентна застапеност на етничката заедница чиј јазик ќе биде во рамноправна службената употреба со македонскиот.
Под претпоставка неговиот исказ да е точно цитиран, Мицкоски рекол:
„Јас сум подготвен за сѐ да зборувам. Ајде аргументите да ги ставиме на маса. Ако ја смениме Преамбулата, ќе бидеме ли во 2030 година членка на ЕУ, ќе потпише ли некој дека ќе бидеме членка како што ни ветуваат, ќе донесе ли Европскиот парламент заклучок и резолуција со кој се признава посебноста на македонскиот јазик?“
Можат ли Бугарите да се најдат во нашата „приказна“?
Во моето разбирање на политиката, Уставот е најважната книга што мора да ја прочита, да ја разбере и да ја научи еден политички лидер. И секако, еден пратеник во Собранието. Уставот за политичарот е како Библијата, Талмудот или Куранот за свештеникот. Доброто познавање на Уставот и на политичкиот систем за политичар од висок ранг е мерка на неговата функционална писменост.
И затоа, и премиерот и лидерот на опозицијата мора да знаат дека Уставот и неговата Преамбула немаат апсолутно никаква врска со било каков и било чиј потпис дека ќе сме станеле членка на ЕУ до 2030 година, а уште помалку со некаков заклучок или резолуција на Европскиот парламент со кој би се признала посебноста на македонскиот јазик. Поставувањето такви услови за евентуални промени во конститутивниот акт е исто толку нелегитимно и несериозно каква што е уцената Македонија да го смени Уставот за да ги почне преговорите со ЕУ.
Освен тоа, премиерот, лидерот на опозицијата, министрите и пратениците треба да сфатат дека не е можно во Преамбулата на македонскиот Устав да се „додадат“ Бугарите, со „допишување“ на списокот на сите други народи чии делови живеат во Македонија и сега се набројани. Таквата промена на Уставот ќе бидат спротивна на суштината на Преамбулата, која во основа е еден наратив за тоа како е создадена македонската држава, од кого и со каква идеја и вредности.
За да се најдат Бугарите во оваа „приказна“, Преамбулата мора суштински, би рекол дури и драматично да се промени, на начин што за македонскиот народ е целосно неприфатлив.
Еве за што станува збор.
АСНОМ и Бугарите не одат заедно!
Преамбулата вели дека „граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“ ја конституираат Република Северна Македонија како самостојна, суверена држава „во согласност со традицијата на Крушевската Република и правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“.
Како што е општо познато, Бугарите не се спомнуваат во ниту еден од овие документи. Освен тоа, Бугарија и Бугарите имаат едно сосема поинакво гледање на создавањето на македонската нација, на македонскиот јазик и на македонска држава – за нив тоа е „Коминтерновска творба“, „Титова измислица“ итн. Тие промовираат и една своја „вистина“ за улогата на фашистичката влада на Бугарија во текот на Втората светска војна – во Македонија таа била во „ослободителна“, „обединителна“ и „административна“ мисија…
Наспроти ова, општо е познат и признат фактот дека после првите обиди за државотворење во Крушевската република, македонската држава е создадена токму кон крајот на Втората светска војна, на заседанието на АСНОМ на 2 август 1944 година. Во најзначајните документи на АСНОМ се спомнуваат „борбата против подлиот фашистички окупатор“, „гигантскиот антифашистички фронт“ итн. Тоа не е ниту случајно ниту чудно, бидејќи цела модерна Европа почива на темелите на антифашизмот.
Значи, ако сакаме кусиот текст на Преамбулата, заедно со Бугарите во неа, да не биде контрадикторен и да има некакво разумно значење, мора да се случи едно од следниве две нешта:
Или Бугарија ќе усвои декларација со уставно-правно значење, евентуално анекс на Договорот за добрососедство, во кој темелно ќе го редефинира своето разбирање на Македонија и на Македонците во насока на целосно признавање на нивната самобитност – и тоа ќе биде документот на кој експлицитно ќе се повика новата Преамбула на македонскиот Устав (заедно со повикувањето на традицијата на Крушевската република, на документите на АСНОМ и на Охридскиот рамковен договор);
Или во Преамбулата, едноставно, ќе се избрише АСНОМ.
АСНОМ и Бугарите не одат заедно!
Како се најде Охридскиот рамковен договор во Преамбулата?
Да се разбереме, ова не е никакво терање инает, никакво потрага по casus beli. Не, за ова се повикувам токму на досега извршените промени во текстот на Преамбулата на Уставот.
Да ве потсетам. Во поранешните верзии на овој текст не се спомнува Охридскиот рамковен договор. А сега го има. Знаете ли зошто? Има зошто, има сериозни причини за тоа.
И во Преамбулата и особено во нормативниот дел на Уставот – на пример, во членот 7, во кој „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ се определува како втор службен јазик рамноправен со македонскиот, или во одредбата од членот 8 во кој „соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“ се рангира како „темелна вредност на уставниот поредок“ – Албанците добиваат посебен уставен статус во Македонија. Тие стануваат рамноправни со Македонците и многу „порамноправни“ од Турците, Србите, Власите и од другите. Тоа не е случајно, туку е резултат на имплементацијата на мировниот договор од 2001 година. Ете затоа било нужно овој договор да се наведе во Преамбулата, за новиот статус на Албанците да биде консеквентно уставно-правно решение.
Зошто им текна на Бугарите да влезат во Уставот?
Секој функционално писмен политичар во Македонија мора да знае (или да научи, ако не знае) како е дојдено до ова комплицирано набројување на македонскиот народ и на делови од други народи во нашиот Устав.
Во 1990-1991 година, при осамостојувањето на Македонија и во дебатите за содржината на новиот Устав, се поведе жестока полемика кој ќе биде носител или „титулар“ на суверенитетот во новата држава и дали ни е потребен „национален“ или „граѓански“ Устав. Компромисот се најде на тој начин што во нормативниот дел Уставот стана целосно „граѓански“, а потребата на Македонците да го „раскажат“ создавањето на првата „национална држава на македонскиот народ“ се задоволи во Преамбулата.
Но, се разбира, тој воведен текст во Уставот немаше да има некакво разумно значење и немаше да комуницира со реалноста, ако во него не беа спомнати и „другите“ националности, кои беа формално, па во значајна мера и суштински рамноправни со Македонците во СР Македонија, како федерална единица на поранешна Југославија. Тие ентитети подоцна беа означувани како националности или народности, беа именувани и на крајот беа рангирани според критериумот на бројноста, а станаа и „делови од други народи“. И македонската „нација“ стана „народ“, а во нормативниот дел на Уставот, сите тие ентитети се дефинирани како „етнички заедници“ и така изедначени.
Бугарите, се разбира, на ниту еден начин не беа дел од тие континуирани и комплицирани промени. На нив сега им текна дека сакаат да бидат „запишани“ во македонскиот Устав. Тоа е ново барање. Го нема ни во Договорот за добрососедство што го потпишаа Зоран Заев и Бојко Борисов.
Сите мора да сме свесни дека со евентуалното внесување на Бугарите во Преамбулата, со формулацијата „дел од друг народ“, како и со нивната застапеност во Комитетот на етничките заедници (предвидена е и таква промена во нормативниот дел од Уставот, иако за тоа се зборува само со половина уста), тие ќе добијат еднаков статус не само со „новодојденците“ Хрватите и Црногорците, туку и со сите други – со Србите, Бошњаците, Власите, Ромите, Турците и соодветно, со Албанците.
Ако, пак, остане формулата според која правото нејзиниот јазик да биде втор службен јазик го има етничката заедница со 20-процентна застапеност во населението, теоретски и практично е можно следната стратешка цел на Бугарија и на Бугарите да биде токму тоа, 20-процентна застапеност во Македонија. Таа ќе им донесе целосно рамноправен статус и со Македонците и со Албанците.
Овој концепт е слепа улица
Лично мислам дека тука некаде потекнува и амбицијата на Албанците да се искористи оваа прилика, за конечно да се напушти концептот на 20-процентна застапеност како основа за нивниот посебен статус, промовиран во Охридскиот рамковен договор. Тие не се чувствуваат комотно со тоа решение и сигурно ќе настојуваат да се оди кон целосна номинална рамноправност со Македонците – во Преамбулата, според таа идеја, веројатно би требало да пишува „македонскиот народ, албанскиот народ и делови од други народи“, кои потоа поименично би се набројале, заедно со Бугарите, се разбира.
Не треба човек да е многу умен за да сфати дека вака конципираната Преамбула на Уставот и промените во нормативниот дел уште повеќе би ги нагласиле етничките наспроти граѓанските слободи и права. И врз таа основа латентните меѓуетнички конфликти ќе се заоструваат. На крајот на краиштата, ако Албанците го подигнат својот статус од „дел од друг народ“ во „народ“, еднаков со македонскиот, тогаш на тој ентитет природно ќе му припадне и правото на самоопределување до отцепување.
Да се разбереме, не бркам вештерки и не ширам паника. За мене секој политичар и секоја заедница има право да предлага било какви промени во конституцијата, вклучувајќи ги и промените кои значат дисолуција на заедницата Се додека за тоа се разговара демократски и спокојно, без оружје в рака, за мене тоа е легитимна дебата. Но, бездруго сум уверен дека ова за што зборуваме сега е слепа улица. И затоа, можеби е дојдено време овој притисок да го разбереме како шанса Преамбулата на Уставот да се промени на начин што во неа конечно ќе надвладее концептот на граѓански суверенитет, во секој поглед.
Ако се менува Преамбулата, може ли вака?
Без многу експликации, ова е текстот на Преамбулата што јас би го предложил:
„Граѓаните на Република Северна Македонија, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Северна Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Северна Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор, ја конституираат Република Северна Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Северна Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој… (Устав)“
Да бидам искрен, по мој вкус би било уште едно дополнително едитирање на овој текст, но се трудам да бидам рационален и да размислувам за можното. Затоа, би рекол дека во овој момент е суштинско од текстот да се исфрлат сите наброени етнички заедници и да не се додаваат нови. И веднаш да одговорам на потенцијалната критика дека на таков начин би биле „исфрлени“ и Македонците од Уставот – тоа не е точно. Македонците се „појавуваат“ и експлицитно и имплицитно во повеќе одредби во нормативниот дел на конституцијата. На пример, најважно, таму каде што се дефинира службениот јазик во државата.
Дали Бугарија и ЕУ би биле задоволни од една ваква промена на Преамбулата на македонскиот Устав?
А кој би бил аргументот против, ако се приклониме кон концепт каков што е застапен и во бугарскиот Устав и поради што не сме можеле да бараме реципрочна промена во него?
Освен тоа, доколку Софија сака дополнителни гаранции за правата на бугарското малцинство во Македонија, би можеле да предложиме двете држави да усвојат декларации за заштита на правата на Бугарите во Македонија и на Македонците во Бугарија, на реципрочна основа. А може, се разбира, ова прашање да се регулира со анекс на Договорот за добрососедство.
Другарки и другари од власта, дами и господо од опозицијата, размислете и за оваа идеја, но и за сите дилеми што ги посочив во врска со евентуалното отворање на Уставот. Во Македонија има неколку добри познавачи на уставното право и на политичките системи. Разговарајте со нив, купете си малку ука. Уставот, сепак, не се менува секој ден.