Говор, претседателе Пендаровски, говор!

Шефот на државата сè уште има можност да востане на време. Народот очекува политичките лидери во Крушево да демонстрираат единство.

9,401

Не е проблем тоа што претседателот Стево Пендаровски решил да ја менува тридецениската традиција на прославата на најголемиот македонски празник Илинден. Традицијата и треба да се менува, да се дополнува, да се збогатува.

Искрено, бев воодушевен кога разбрав за намерата на Пендаровски на прославата заедно, на едно место, да ги собере водечките политички лидери. Си реков, тоа е одличен гест, израз на волјата за толку потребното национално помирување и за обнова на оптимизмот во поделеното македонско општество.

Колку што ме воодушеви таа идеја, толку ме разочара одлуката на шефот на државата да не одржи говор во Крушево.

Та може ли една ваква значајна промена на концептот на прославата да помине молчешкум? Личи ли собир на кој можат заедно да присуствуваат Зоран Заев, Христијан Мицкоски и Али Ахмети да помине без говор?

Сепак не. Една обична свадба не може да помине без говор, а камоли настан со вакво значење.

Пораките за обединување, за премостување на длабоките јазови што го поткопуваат македонското тло, за енергично свртување кон европската иднина и за добрососедство – сите тие заслужуваат прецизна елаборација во еден храбар, силен, државнички говор, кој треба да биде круна на прославата на Илинден.

Разбирам дека Пендаровски сака да ја намали опасноста од непријатни сцени за време на прославата. Особено ако се чувствува обврзан во својот говор да каже Република Северна Македонија, а да го избегне нашето историско име Македонија. Но, треба да се охрабри и да разбере дека евентуалните свирежи од публиката и скандирањата “Никогаш северна, само Македонија” се цена што вреди да ја плати за да ја изврши својата благородна мисија.

На крајот на краиштата, држел говор или не, тој пак би можел да се соочи со непријатни сцени во Крушево.

Пендаровски демонстрираше личен интегритет и државничко поведение во повеќе прилики. И затоа мислам дека нема да се налути ако забележиме дека тој сепак не е поголем претседател од Киро Глигоров. А легендарниот Глигоров, да потсетам, доживеа на Мечкин Камен да биде не само исвиркан, туку и исплукан. Ама буквално исплукан. Тој инцидент сепак не ја намали неговата големина.

Освен тоа, говорот за Илинден е уникатна можност Пендаровски да ги употреби и новото службено име на нашата татковина, ама и нејзиното историско име, најмалку во контекст на реферирање на историските настани. И секако, говорот е извонредна шанса да се спомнат атрибутите на нашата државност (кои не се забранети), како и другите народи кои живеат во нашата татковина, а се спомнати и во прогласот на Крушевската република.

Уште една идеја за Пендаровски. Илинденското востание е поврзано со Преображенското востание, настан на кој акцент става бугарската историографија. Без оглед на извесни разлики во гледиштата во Скопје и во Софија на двете востанија и без оглед на неспорно доминантното значење на Илинденското, недвосмислен факт е дека двете се израз на еден заеднички обид за ослободување од османлиското ропство. Сигурен сум дека овој 2 Август е извонредна прилика Пендаровски тоа да го каже и на тој начин да упати и една силна пријателска порака кон Бугарија.

Го објавувам овој кус текст на 1 август, околу пладне. Пендаровски сè уште има време да ја смени својата одлука и додека пишувачите на говори го подготват неговиот илинденски настап, тој има доволно време по телефон лично да ги покани Мицкоски и Заев да дојдат на Мечкин Камен. Така ќе ја покаже својата големина како татко на нацијата.

Има еден афоризам кој вели вака – сите наши востанија се или преуранети или задоцнети. Би рекол дека Пендаровски сè уште има можност да востане на време.

Поврзани содржини