„ГОСПОДИНОТ КЕШ“, РУМЕН РАДЕВ, СОЗДАВА УСТАВНА КРИЗА ВО БУГАРИЈА? Изгледа долго ќе чекаме Бугарите да влезат во Софија

Претседателот Румен Радев влезе во клинч со вториот најмоќен бугарски политичар во овој момент, после Бојко Борисов. Станува збор за Олигархот Делјан Пеевски, кој јавно го нарекува шефот на државата „Гопсодинот Кеш“. Радев ја потфрли новата привремена влада, изборите за 20 октомври се одложени и сега политичката криза во оваа земја уште повеќе се продлабочува.

4,853

Од денеска, среда, 21 август, бугарскиот претседател Румен Радев ја продолжува уставната процедура за именување привремена влада на Бугарија. За таа цел, Радев ќе оствари средби и разговори со лицата утврдени во Уставот кои можат да бидат именувани за привремен премиер.

Премиерот по службена должност се именува од редот на претседателот на Народното собрание, гувернерот или заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Комората за ревизија и народниот правобранител или неговиот заменик.






Актуелниот привремен премиер и претседател на Ревизорската комора, Димитар Главчев, веќе се изјасни дека е подготвен повторно да ја преземе функцијата, иако беше со намера да се откаже. Тој тоа го соопшти неколку минути пред номинацијата на Горица Гранчарова Кожарева за привремен премиер. Но, нејзиниот обид да формира влада пропадна откако претседателот Радев одби да го потпише указ, поради присуството на министерот за внатрешни работи Калин Стојанов во новата влада.

Ја именува Грнчарова Кожарева, па ѝ „раскина“

Бојко Бирисов од ГЕРБ ја поздрави номинацијата на заменик-претседателката на Ревизорската комора Горица Гранчарова Кожарева за вршител на должноста премиер од страна на Радев, но потсети дека таа била блиска до Бугарската социјалистичка партија (БСП).

По петтите по ред избори во последниве две години, во Бугарија на 9 јуни, стана јасно дека пак нема да биде избрана политичка влада. Најмногу гласови доби коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, освојувајќи 68 од вкупно 240 мандати во бугарското Народно собрание. Движењето за права и слободи (ДПС) освои 47 мандати, а листата „Промените продолжуваат“ – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) освои 39 мандати. Партијата „Препород“ освои 38 мандати, а жестоко паднаа Бугарската социјалистичка партија (БСП) на 19, „Има таков народ“ на 16 и „Величие“ на 13 мандати.

По одлуката на претседателот Румен Радев да не го потпише указот со кој ќе се одобри формирање на преодна влада, парламентарните избори во Бугарија, кои беа закажани за 20 октомври, се одложени на неодредено време.

Олигархот Пеевски е болката на Румен Радев

Радев објасни дека нема да именува преодна влада на чело со Горица Кожарева, бидејќи таа инсистирала Калин Стојанов да остане на местото министер за внатрешни работи. А Калин Стојанов е спорна фигура поради неговата наводна поврзаност со Делјан Пеевски, олигархот кој поради обвинувања за корупција е под санкции на САД и на Велика Британија.

Делјан Пеевски е претседател на Движењето за права и слободи (ДПС). Тој Радев го нарекува „господинот Кеш“.

– Уставот на Бугарија беше погазен. Мислам дека министерот Калин Стојанов си ја врши работата крајно професионално. Изминатите предвремени избори се одржаа многу добро – изјави олигархот.

Делјан Пеевски, освен што е еден од најмоќните бугарски олигарси, сега е и клучен политичар, откако во јуни ја доведе ДПС до второто место на парламентарните избори, освојувајќи 47 од 240 пратенички места. ДПС, партијата што ја презеде во почетокот на 2024 година, традиционално ги претставуваше етничките турски и муслимански малцинства во Бугарија. Затоа сега е во тек операција почесниот претседател на ДПС Ахмед Доган и вториот претседавач Џевдет Чакаров да си ја преземат назад, со неизвесен исход.

САД и Велика Британија не го „обичаат“ Пеевски

САД воведоа санкции против Пеевски, обвинувајќи го за корупција и трговија со влијанија со цел „да се заштити од јавен надзор и да изврши контрола врз клучните институции и сектори“. Велика Британија исто така воведе санкции, велејќи дека Пеевски бил „вклучен во обидите да изврши контрола врз клучните институции и сектори во бугарското општество преку поткуп и користење на неговата медиумска империја“.

Како аргумент за тоа дека Калин Стојанов е човек на Пеевски се наведува веста дека пред една недела полицијата наводно противзаконски ја изгасила сатиричната интернет страница која го исмејувал Пеевски, при што министерот за внатрешни работи одбил да наведе легитимна причина за тоа.

Додека Бугарите не влезат во Софија, никој нема да го притиска Скопје за уставните промени

По одбивањето на бугарскиот претседател Румен Радев да назначи нова преодна влада и по одложувањето на закажаните избори за 20 октомври, политичката криза во Бугарија се продлабочува и веќе сега многу аналитичари велат дека таа прераснува и во уставна криза.

Претседателот на Бугарија, Радев, го повика парламентот брзо да најде начин за назначување привремен премиер и влада, но со големата уставна реформа на крајот на минатата година, тој ја загуби моќта еднострано да одлучува кој треба да биде привремен премиер. Во моментов, претседателот може да избере од 10 однапред дефинирани опции за назначување привремен премиер – претседателот на Народното собрание, гувернерот или подгувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Националната канцеларија за ревизија и народниот правобранител или нивни заменици.

Незгодата, меѓу другото и во тоа што долготрајната политичка криза остави празни некои од овие позиции. Во Бугарија нема народен правобранител или заменик-народен правобранител, а назначувањето лице од раководството на Народната банка на политичка функција е во спротивност со правото на ЕУ.

На Бугарија ѝ e пoтребна стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од Европската Унија, да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во шенген-зоната.
Истовремено, Софија ги губи и позициите во односите со Македонија, бидејќи е јасно дека до расчистувањето на политичката ситуација во Бугарија, никој нема сериозно да ги притиска властите во Скопје итно и безусловно да ги прифатат уставните измени што ги подготви претходната македонска влада.

 

Поврзани содржини