ГОЛОБ ПОБЕДИ ВО СЛОВЕНИЈА Речиси изедначен резултат имаа двете главни партии

Резултатите ја ставаат Словенија пред сложен процес на формирање влада, бидејќи ниту левиот ниту десниот политички блок не успеаја да обезбедат 46 пратенички места, колку што се потребни за мнозинство во 90-члениот парламент.

102

Либералната партија на словенечкиот премиер Роберт Голоб освои најмногу гласови на парламентарните избори одржани вчера, но ја загуби владејачката мнозинска позиција заедно со коалициските партнери од левиот блок, покажуваат првичните официјални резултати.

Движењето „Слобода“ (ГС) на Голоб освои 28,54 отсто од гласовите и 29 пратенички места, откако беа пребројани речиси сите гласови, соопшти државната изборна комисија. Опозициската Словенечка демократска партија (СДС), предводена од десничарскиот поранешен премиер Јанез Јанша, освои 28,17 проценти и 28 мандати.






Резултатите ја ставаат Словенија пред сложен процес на формирање влада, бидејќи ниту левиот ниту десниот политички блок не успеаја да обезбедат 46 пратенички места, колку што се потребни за мнозинство во 90-члениот парламент.

И покрај тоа, Голоб најави дека ќе се обиде да формира нова влада, истакнувајќи во обраќањето до поддржувачите во изборната ноќ дека неговата партија добила обновен мандат и дека следуваат тешки коалициски преговори.

Голоб е на власт во Љубљана од 2022 година, предводејќи коалиција составена од неговото движење ГС, Социјалдемократите (СД) и Левица. Социјалдемократите освоија 6,7 проценти од гласовите и шест мандати, додека Левица, која на овие избори настапи во коалиција со Зелената партија „Весна“, доби 5,6 проценти и пет пратенички места.

Јанша најави дека може да го оспори тесниот изборен резултат, наведувајќи дека ќе се пребројуваат сите гласови, пренесе агенцијата СТА.

Традиционалниот коалициски партнер на СДС, конзервативната Нова Словенија (НСи), освои 9,3 проценти од гласовите и девет мандати. Новата партија Демократи, предводена од поранешниот сојузник на Јанша, Анже Логар, освои 6,7 проценти и шест пратенички места.

Јанша трипати бил премиер – од 2004 до 2008, од 2012 до 2013 и од 2020 до 2022 година – и ја предводи СДС од 1993 година. За време на неговите владини мандати, често беше критикуван за авторитарни тенденции, обиди за ограничување на медиумските слободи и толерирање на полициско вознемирување на опозициски демонстранти, наведува агенцијата.

Во последните две недели од кампањата, изборниот процес беше засенет од обвинувања за корупција, пласирани преку лажни видеоснимки.

На анонимна интернет-страница беа објавени видеа во кои поранешни политичари и адвокати од кругот на Голоб зборуваат за наводна корупција во владиниот блок.

Независниот неделник „Младина“ ја идентификуваше израелската лобистичка агенција „Блек Кјуб“ како извор на кампањата.

Оваа група е основана од поранешни високи офицери од израелските воени и разузнавачки служби, а според наводите, нејзини претставници неколкупати ја посетиле Љубљана и се сретнале со Јанша во седиштето на СДС.

Словенечката разузнавачка служба СОВА во голема мера ги потврди овие медиумски извештаи.

Јанша негира дека ја ангажирал „Блек Кјуб“, но призна дека во партиското седиште го примил поранешниот израелски генерал Гиора Еиланд, советник на агенцијата.

Министерката за надворешни работи од редовите на Социјалдемократите, Тања Фајон, оцени дека станува збор за „напад врз демократијата во Словенија“.

Поврзани содржини