Голи во седло

1,874

Насловот на колумната е позајмен од култниот филм од 1969 од ерата на Вудсток, се разбира, оние на кои е посветено ова писание, немаат ама баш никаква сличност со актерите Џек Николсон и Денис Хупер. Инаку, насловот е алузија на една морална голотија која очигледно кај лажните еко активисти ја има во изобилие.

Затоа на почетокот да се потсетиме на едно популистичко ветување кое го пласираше Костадин Ристоманов, еден од корифеите на лажните еко активисти, пред локалните избори во 2021. Благодарение токму на гласовите кои ги „врзуваше“ со манипулациите дека новиот рудник Иловица ќе биде штетен по здравјето, животната средина и земјоделските површини во Струмичката котлина, тој стана член на Советот на Општина Ново Село. Овој тогаш тазе избран советник вети дека веднаш после изборите ќе купи комунално возило за собирање отпад, така што финансискиот план ќе го реализира така што однапред ќе се откаже од месечните паушали кои му следуваат во наредните четири години како општински функционер. Демек, обидувајќи се да создаде перцепција дека не се бори за функционерски привилегии туку за да биде претставник на жителите кои му ја дадоа довербата. Еве влегуваме во последната година од мандатот, а од вакво возило сѐ уште нема ни трага ни глас.






Меѓу другото, од свиркачи, до мене стигнуваат информации дека освен што неговата фирма своевремено ги опремувала објектите на рудникот Бучим, за што и самиот говори на ТВ гостување, постојат и други аргументи кои упатуваат на одредени сознанија дека камиони наводно организирани токму од него, или можеби во сопственичка релација со негова фирма, наводно превезувале одреден материјал ископан од Бучим на обработка во Бугарија. Инаку, камионите имале бугарски регистарски таблички. Но, за тоа понатаму. Сега прво ќе говориме за нешто друго.

Лажните еко активисти упорно тврдат дека нивна цел е заштитата на земјоделските површини кои според нив, доколку се изгради рударскиот комплекс Иловица ќе бидат трајно уништени. Со тоа постојано ги ставаат во заблуда земјоделците, свесно креирајќи перцепција дека македонското земјоделие ќе страда поради новиот рудник. Арно ама, кога ќе сакаат самите да прават бизниси тогаш без око да им трепне користат земјоделско земјиште на пример за производство на струја. И за тоа не чувствуваат потреба да ги информираат жителите на Струмичката котлина, туку со политика „мижи-бутај“ си тераат бизниси, ама пред медиуми полни им се устите за некаква принципиелност и лажна грижа.

Еве серија прашања до Костадин Ристоманов:

– Дали фирмата РИКО ГРАДБА извоз-увоз ДООЕЛ Ново Село е твоја сопственост?

– Дали Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на 23 јануари 2023 издала лиценца на оваа компанија за изградба на фотонапонска електроцентрала ФЕЦ „РИКО ГРАДБА СОЛАР“?

– Дали оваа фотонапонска централа од 1MW користи обработливо земјоделско земјиште лоцирано на место викано „Зајчарка“?

– Дали е точно дека за пренамена на ова земјоделско во градежно земјиште неопходна е одлука на Советот на Општина Ново Село, каде советник си ти? Односно, бидејќи соодносот на бројот на советници меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ седум наспрема седум, клучен за мнозинството си ти, кој во еден период беше и претседател на советот.

– Ако е ова точно, дали се иззема од гласањето, бидејќи во спротивно си презел дејствија кои се школски пример за конфликт на интереси?

Очекувам одговори веднаш или ќе бидам принуден јас да објавам документи. Јавноста има право да ја знае вистината, на еден или на друг начин. Особено што јас лично постојано сум вербално напаѓан од вашата група со констатации дека сум платен од концесионерот на рудникот Иловица, дека немам личен кредибилитет да пишувам или говорам на темата. Трпам навреди и закани од секаков тип, затоа сега е време наместо да се занимаваат со обиди за мое дискредитирање, конечно да дадат отчет, не пред мене, туку пред јавноста која упорно ја туркаат во заблуда и очигледно ја злоупотребуваат за личен аир.

Конечно, да употребам и политички аргументи, кои многу често ги користи идеологот на лажните еко активисти, кои се повикува на волјата на жителите на Струмичката котлина. Во Изборната единица 4, во која е лоциран потенцијалниот рудник Иловица, партијата која промовира антизападни и антинато ставови, на чиј лидер истиот тип му се восхитува ем од идеолошки причини ем затоа што е против нови рудници, освои еден пратеник, повторувам еден пратеник. Другата партија, која до сега беше и централна власт, но на локално ниво сѐ уште раководи со најголемата општина во Струмичката котлина, која потпадна под влијанието на овие лажни екологисти, за чие создавање има и путер на главата, освои 5 пратеници. Останатите две партии од кои едната која најавува формирање на ново министерство за рударство освои 13 пратеници, а другата која јавно прокламираше дека рударството треба да се развива, но висината на надоместоците за концесиите треба да се преиспитаат, освои 1 пратеник. Парафразирано, изборните резултати се 14:6 во полза на оние кои се расположени за дебата за развивање на модерното рударство за ползување на природните богатства за долгорочен економски развој.

П.С. Во интерес на објективно и непристрасно запознавање на јавноста со вистината чувствувам за неопходно да потенцирам дека немам никакви лични причини вербално да се пресметувам со противниците на изградбата нови рудници. Но, поради мојата професионална определба, сметам дека имам општествена обврска да укажам дека постојат одредени сознанија и околности кои укажуваат на потенцијален конфликт на интереси во причините и мотивите за ширење на страв и паника од мала група самонаречени лидери на отпорот против новите рудници. Особено што прифаќањето на нивните притисоци од страна на некои политички фактори создава потенцијал за отштета во милијарди евра тешки износи, кои ќе ги плаќаме сите, без разлика дали сме ЗА или ПРОТИВ изградба на новите рудници.

Поврзани содржини