ГОЛЕМА ИСТОРИСКА ЗАМКА СЕ КРИЕ ВО ИЛИНДЕН-ПРЕОБРАЖЕНИЕ? Востанието е автохтоно македонско

Одбележувањето на Илинденското востание во Бугарија за прв пат се организира по директива на Тодор Живков, содржана во одлуките на Политбирото на Бугарија од 1968 година. Тогаш е направен конструктот меѓу Илинденското и Преображенското востание, два потполно одделни историски настани.

1,948

Никаква врска или паралела не може да се пронајде помеѓу Илинденското и Преображенското востание, велат историчари за Плусинфо.

Испровоцирани од преписката водена меѓу министерот на надворешни работи Бујар Османи и неговиот претходник на функцијата Никола Димитров, во која првиот го обвинува вториот дека уште во 2019 се согласил Илинденското востание да се преименува во Илинден-Преображение востание.






Проф д-р Ѓорѓи Чакарјаневски вели дека во конструкцијата Илинден-Преображение востание се крие исклучително опасна историска замка, во која нашите историчари и политичари едноставно не би смееле да паднат.

– Илинденското востание е автохтоно востание и историски му припаѓа на македонскиот народ, како и на другите народи што зеле активно учество во него – додава Чакарјаневски.

По директива на Тодор Живков

Неговиот колега проф д-р Тодор Чепреганов, пак, додава дека тезата за тоа дека Илинденското востание е дел од Преображенското е всушност конструкт на бугарските историчари, направен по директива на комунистичкиот лидер на Бугарија, Тодор Живков.

– Одбележувањето на Илинденското востание во Бугарија за прв пат се организира по директива на Тодор Живков, содржана во одлуките на Политбирото на Бугарија од 1968 година. Тогаш е направен конструктот меѓу Илинденското и Преображенското востание, два потполно одделни историски настани. Илинденското е подигнато на 2 август во 1903 година, додека Преображенското кон крајот на септември. Илинден е значајен за Македонците, додека востанието подигнато на Преображение е во традицијата на Тракијците, бидејќи е подигнато и водено на територијата на Тракија – вели Чепреганов.

Тој додава и дека долги години по задушувањето на Илинденското востание, никој во Бугарија не чувствувал никаква припадност кон него.

– Македонците од Бугарија почнале да го одбележуваат Илинденското востание во 1922 година, со чествувања и панихида за сите загинати. Првиот Бугарин кој учествувал во одбележувањето е градоначалникот на Варна во 1939 година. Се работи за две посебни востанија и не смее да се прави никаква историска паралела меѓу двете – дециден е Чепреганов.

Министерска кавга

Инаку, кавгата на актуелниот и поранешниот министер беше иницирана од Османи, со неговиот пост на Фејсбук. Тој кажа дека со Бугарија, Македонија има потпишано само еден Протокол, во кој Димитров се согласил да го прифати бугарското гледање на историјата и поистоветувањето на двете востанија.

„Досега имаме потпишан само еден Протокол, потпишан токму од мојот претходник, во кој има неколку јасни обврски кои за жал, само сме се обврзале, но и не сме ги реализирале: Правата е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата „Илинден Преображение – востание“, создавајќи со тоа рамка во која Комисијата се очекува да делува, што, пак, создава тешкотии во нивната работа, но воедно и веќе создала преседан во односите со Република Бугарија, дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата. Второ, потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како „Илинден-Преображение“.

Димитров исто така на Фејсбук, потенцираше дека Проколот бил потпишан во други околности, кога немало вето од Бугарија и кога се воделе рамноправни преговори.

„Мафтате со протокол потпишан во јуни 2019 кога нема вето, туку црно на бело потврда на бугарската поддршка на нашите евроинтеграции напишана во истиот документ. Дали го разбирате воопшто контекстот и разликата што ова ја прави? Во тоа време, протоколот беше навистина билатерален, а се работеше без уцена. Притоа, манипулирате за клучни делови од тој протокол, повторувајќи бугарска теза што очигледно ви е блиска: дека наводно сме преземале обврска историчарите да ги надминат најделикатните теми во одреден рок, игнорирајќи ја клучната кованица во текстот – настојување да се постигнат реални резултати. Како што добро знаете, политиката може да охрабрува, да настојува, да прави добра атмосфера (како што тогаш имало), но не може и не смее да обврзе или да наметне решение врз комисијата за историски прашања. Повеќето од членовите на комисијата се истите луѓе, слободно јавноста нека ги праша дали во мое време биле обврзани или притиснати за било што. Во тоа време тие навистина настојуваа да дојдат до резултати, се’ додека бугарската страна не почна да го минира процесот. Понатаму, во македонската верзија на документот се разбира Илинденското востание е Илинденско востание и никако поинаку. Интересно што полесно сте нашле некоја бугарска верзија, отколку македонската“, гласеше одговорот на Димитров.
Поврзани содржини