ГОЛЕМ ПОРАСТ НА СВЕТСКИТЕ БЕРЗИ Во септември се очекува драстично намалување на каматите на американската централна банка
Откако курсот на еврото во однос на американскиот долар достигна највисоко ниво во последните 13 месеци, како резултат на слабеењето на доларот поради економските индикатори во САД и зголемените шанси за забавување на зголемувањето на каматните стапки, многу работи веќе се сменија на светскиот финансиски пазар и на светските берзи.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела падна за 1,7 проценти, достигнувајќи 100,68 поени, што е најниско ниво во последната година. Во исто време, курсот на доларот во однос на еврото се намали за 1,5 проценти, при што еврото достигна цена од 1,1190 долари, а во еден момент, првпат по 13 месеци, го надмина нивото од 1,12 долари.
Американската валута ослабе и во однос на јапонскиот јен, за 2,2 проценти, па нејзиниот курс падна на 144,37 јени. Падот на индексот на доларот втора недела по ред е последица на убедувањето на инвеститорите дека американската централна банка (ФЕД) на состанокот во септември ќе ги намали клучните каматни стапки, првпат по повеќегодишно затегнување на монетарната политика.
Инфлацијата во САД се намалува од месец во месец, економскиот раст постепено се забавува, а пазарот на труд, според последните податоци, не е толку силен како што се мислеше.
Поради ова, речиси е сигурно дека ФЕД следниот месец ќе започне со олеснување на монетарната политика. Ова го најави и претседателот на ФЕД, Џером Пауел, во своето обраќање во петокот, на традиционалниот состанок на централните банкари во Џексон Хоул. „Доаѓа време за прилагодување на монетарната политика,“ рече Пауел. „Инфлацијата значително опаѓа. Пазарот на труд повеќе не е прегреан, а вкупните услови се помалку затегнати од оние пред пандемијата. Синџирите на снабдување се нормализирани“, додаде тој.
Инвеститорите сега се речиси целосно сигурни дека ФЕД во септември ќе ги намали каматите за 0,25 процентни поени. Има и такви кои сметаат дека е можно и поостро намалување за 0,50 процентни поени.
Оптимизмот во врска со можноста за намалување на каматните стапки од страна на американските федерални резерви (ФЕД) предизвика значителен пораст на светските берзи во последните денови. Порастот на индексите на глобалните берзи се толкува како директна послецдица на очекувањата одлуките на ФЕД да ја ублажат напнатоста на пазарите, што би можело да доведе до поголема доверба кај инвеститорите.
Истовремено, светските берзи се соочуваат со комплексни предизвици. На азиските берзи, на пример, се чувствува страв од потенцијални економски последици од ситуацијата на Блискиот Исток. Инвеститорите во Азија се внимателни, поради опасноста од поголема нестабилност, што може да предизвика ранливост на пазарите.
Покрај тоа, моменталните глобални трендови покажуваат дека позитивната реакција на берзите во врска со очекувањата за намалување на каматите во САД може да биде ограничена доколку ситуацијата на Блискиот Исток се влоши. Инвеститорите внимателно следат настаните и се подготвени за можни промени во нивните инвестициони стратегии доколку глобалните ризици продолжат да се зголемуваат.
Во контекст на овие глобални трендови, фокусот на инвеститорите останува на економската политика на САД и можноста за промени во каматните стапки. Намалувањето на каматите од страна на ФЕД би можело да помогне во стабилизирањето на финансиските пазари и да донесе поголем економски раст, но истовремено, глобалните ризици и неизвесности ќе продолжат да играат важна улога во формирањето на инвестициските одлуки.