Го згрешија знамето на логото за 30 години независност, па владата се правда дека не било тоа сонце!?
Сонцето на логото кое е речиси идентично со сонцето од државното знаме има повеќе краци од она на знамето на државата. Владата тврди дека логото не го содржи државното знаме. Тогаш, чие знаме треба да стои на 30 годишнината на независна Македонија?
Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 се симболите обединети на традиционалната црвена основа со кои се потенцира нашата државност на дизајнот на логото што ќе се користи по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата, а кое денеска го промовираше владата. Веднаш по промоцијата на социјалните мрежи граѓаните реагираа дека биле погрешени краците на македонското знаме, односно дека еден е средишниот крак од нашето сонце , но на логото е претставено со два крака.
По реакциите, од владата попладнево на Твитер објавија дека на логото воопшто не се работело за сонцето од државното знаме.
– Логото за јубилејот „30 години независност“ е составено од повеќе елементи, меѓу кои и сонцето. Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон – велат од Влада.