ГО „ИЗГУБИВТЕ“ МИРИСОТ ОД ПРЕЛЕЖАНА КОРОНА? Витаминот А и лимонот можат да помогнат
Земањето на А витамин преку капки или природно преку зеленчукот и млечните производи може да ги стимулира нервните завршетоци и нашите „миризливи“ патишта, откриле научници од Источна Англија. Но, треба уште да се истражува.
Капките за нос со витамин А можат да го излечат губењето или променетото чувство за мирис кај некои луѓе кои имале ковид-19, велат британските истражувачи. Ако и ова не помага, додавањето на лимон или чили можат донегде да ги разбудат нервите одговорни за вашиот осет, а научниците сè уште работат на конкретно решение за оваа нуспојава, пишува Би-Би-Си.
Научници од Универзитетот во Источна Англија спроведуваат 12-неделен експеримент врз луѓе кои го имале овој проблем. На некои намерно ќе им бидат дадени расипани јајца или моќен мирис од рози, а ќе им биде скениран мозокот додека ги мирисаат. Скенот треба да покаже дали и колку витаминот А ги може да ги врати во живот „мирисните нервни патишта“.
За што инаку е добар витаминот А, наречен ретинол?
Иако треба да го земаме во пропишани количини, витаминот А може да помогне при:
- имунолошкиот систем – одбрана на телото од болести и инфекции
- вид, особено визија при слаба светлина
- кожата и поставата на некои делови од телото, вклучувајќи го и носот
Каде се наоѓа? Освен во морковите каде го има многу, ретинолот го има и кај млечните производи и кај разни видови на зеленчук.
Имав коронавирус, сега храната ме тера да повраќам
Не е само короната таа што прави месото да има вкус на бензин по прележувањето, а водата од чешма да има чуден мирис на мочуриште. Сите типови на грип и тешки прележувања можат да создадат ваков ефект.
И додека повеќето луѓе природно го враќаат во рок од неколку недели, многумина останаа со континуирани нарушувања на мирисот. Лина Алнади (29) од Лондон, на приемр, развила парозмија по Ковид, што значи дека мирисот на многу вообичаени работи не ѝ се изгубил, но се променил за неа.
– Губењето беше катастрофално. Драматично влијаеше на мојата исхрана. Имаше многу храна со која едноставно не можев да се соочам со јадење. Беше навистина вознемирувачко – вели Лина сеќавајќи се на јадењето јајца кои ѝ мирисале на изгорена гума.
Делот над носот е оној кој испраќа сигнали до мозокот
Водечкиот истражувач, професор Карл Филпот, од Медицинскиот факултет Норвич на УЕА и Универзитетот за болница Џејмс Пеџет, NHS Trust, рече:
– Сакаме да откриеме дали има зголемување на големината и активноста на оштетените патишта за мирис во мозокот на пациентите кога се третираат со капки за нос витамин А – вели Карл.
А потоа додава:
– Бараме промени во големината на миризливата „сијалица“ – област над носот каде нервите на мирисот се спојуваат и се поврзуваат со мозокот. Ќе ја разгледаме и активноста во областите на мозокот поврзани со препознавање мириси – заклучува тој.
Трикови за помиризлив живот
Проблемот за Лина станал поголем кога едноставните работи како туширање или четкање на забите исто така станале непријатни поради искривеното чувство за мирис. Но, ситуацијата постепено се подобрува и Лина пронашла неколку трикови кои помагаат.
– Додавањето лимон или чили во храната може да направи да мирисаат подобро – вели таа.
– Исто така, експериментирав и направив списоци со безбедна храна што не би ме натерала да повраќам. Морав да бидам креативна во врска со тоа за да се уверам дека јадам доволно од вистинските работи за да останам здрава.