ГЛОБАЛНИТЕ НАФТАШИ ТРИЈАТ РАЦЕ Падот на Mадуро отвора пат за големи профити
Следните 24 до 48 часа ќе бидат од клучно значење. Доколку видиме знаци дека венецуеланската војска застанува зад опозицијата, тоа ќе биде голема победа за глобалните пазари. Но, ако се создаде впечаток дека земјата оди кон нови конфликти или граѓанска војна, реакцијата ќе биде спротивна – оценува економскиот аналитичар Фил Флин за Си-Ен-Ен.
Венецуела „лежи“ врз огромни резерви од околу 303 милијарди барели црно злато, што, според проценките на официјални американски извори, претставува околу една петтина од светските резерви на нафта, наведува Си-Ен-Ен.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, е фатен и изнесен од земјата по денешниот напад врз Каракас, главниот град на оваа јужноамериканска држава, што ја турка земјата во сериозна неизвесност – заедно со нејзините огромни нафтени резерви. Токму тие резерви, оценува американскиот медиум, ќе имаат клучна улога во иднината на Венецуела.
Бидејќи берзанското тргување не се одвива за време на викендите, краткорочното влијание на нападот врз цените на нафтата засега останува во доменот на претпоставките и во голема мера ќе зависи од развојот на настаните во следните неколку дена.
Социјалистичката влада на Мадуро беше непријателски настроена кон глобалната нафтена индустрија и дозволи домашната инфраструктура сериозно да пропадне. Веднаш по нападот врз Каракас не е јасно каква иднина ја чека Венецуела, ниту дали нејзината следна влада ќе продолжи да ја занемарува уништената национална нафтена индустрија или ќе се обиде да го искористи нејзиниот потенцијал преку попријателски односи со меѓународниот пазар.
– За нафтата, ова има потенцијал да биде настан од историско значење. Режимот на Мадуро и претходно на Хуго Чавес (покојниот социјалистички претходник на Мадуро) во суштина се однесуваа кон венецуеланската нафтена индустрија како разбојници – изјави за Си-Ен-Ен Фил Флин, висок пазарен аналитичар во компанијата „Прајс Фјучерс Груп“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека по апсењето на Мадуро – американската воена акција во Венецуела е завршена.
Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, е дел од социјалистичкиот режим кој дојде на власт во 1999 година, и доколку таа го преземе кормилото на државата, краткорочно тешко дека ќе има значајни промени. Сепак, симнувањето на Мадуро отвора можност за вакуум на власта, што може да ја фрли венецуеланската политика во длабока неизвесност.
Си-Ен-Ен потсетува дека САД не ја признаваат власта на Мадуро, туку за легитимен претседател го сметаат Едмундо Гонзалес, кој по последните избори – чии резултати беа оспорувани – побегна во странство. Гонзалес е поддржан од Марија Корина Мачадо, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година.
– Следните 24 до 48 часа ќе бидат од клучно значење. Доколку видиме знаци дека венецуеланската војска застанува зад опозицијата, тоа ќе биде голема победа за глобалните пазари. Но, ако се создаде впечаток дека земјата оди кон нови конфликти или граѓанска војна, реакцијата ќе биде спротивна – оценува Флин.
Венецуела располага со најголемите докажани резерви на нафта во светот, но нејзиниот потенцијал далеку ја надминува реалната продукција. Земјата, која се наоѓа на крајниот север на Јужна Америка, дневно произведува околу еден милион барели, што претставува само 0,8 отсто од светското производство на сурова нафта.
Тоа е повеќе од 50 отсто помалку во споредба со периодот кога Мадуро ја презеде власта во 2013 година. А пред социјалистите да дојдат на власт во 1999 година, Венецуела произведувала околу 3,5 милиони барели дневно.
Пропаѓањето на националната нафтена индустрија е последица на меѓународните санкции кон венецуеланската влада и длабоката економска криза. Но, значајна улога одиграле и недоволните инвестиции и лошото одржување, покажуваат податоците на Американската администрација за енергетика.
Енергетската инфраструктура на Венецуела со години пропаѓа, а нејзиниот капацитет за производство на нафта значително се намалувал со текот на времето. Поради тоа, пишува Си-Ен-Ен, цените на нафтата нема да излезат од контрола – дури и ако венецуеланското производство целосно запре по нападот врз Каракас. Едноставно, земјата не произведува доволно нафта за тоа да има големо влијание врз пазарот.
Цените на нафтата и оваа година се под будно око, поради стравувањата од прекумерна понуда. Земјите од ОПЕК го зголемија производството, но побарувачката опадна бидејќи глобалната економија сè уште се бори со инфлацијата, како последица од ценовниот шок по ковид-пандемијата во 2020 и 2021 година.
Цената на американската нафта накратко порасна над 60 долари за барел кога администрацијата на Доналд Трамп почна да запленува венецуелански танкери, но потоа повторно падна под 57 долари. Оттаму, доколку инвеститорите заклучат дека нападот е лоша вест за снабдувањето со нафта, реакцијата на пазарот веројатно нема да биде особено силна.
– Психолошки, ова може да има одреден поттик, но венецуеланската нафта лесно може да биде заменета со комбинација од понуда од други глобални производители – вели Флин.
Нафтата што Венецуела ја има во своето подземје е тешка, „кисела“ нафта, која бара специјализирана опрема за експлоатација и високо ниво на техничка оспособеност за преработка. Меѓународните нафтени компании ги имаат тие капацитети, но санкциите им го ограничуваат секое деловно ангажирање во земјата.
САД, како најголем производител на нафта, располагаат со лесна, „слатка“ нафта, погодна главно за производство на бензин. Венецуеланската нафта, пак, е клучна за производи како дизел, асфалт, гориво за фабрики и тешка механизација. Токму поради санкциите кон венецуелската нафта, на светскиот пазар постои недостиг на дизел.
Враќањето на таа нафта на глобалниот пазар делумно би им користело и на САД: Венецуела е географски блиску, а нејзината нафта е релативно евтина – поради густата, леплива структура што бара значителна преработка.
Повеќето американски рафинерии можат да преработуваат венецуеланска тешка нафта и тие работат значително поефикасно со неа отколку со домашната американска нафта, истакнува Флин.
– Ако ова навистина продолжи без проблеми – а засега изгледа како прецизно изведена акција – и ако на американските компании им биде дозволено да се вратат и да ја обноват венецуеланската нафтена индустрија, тоа би можело да биде пресвртница за глобалниот пазар на нафта – заклучува Флин.