📷 📽️ ГЛОБАЛНИ ПРОМЕНИ ВО ТУТУНСКАТА ИНДУСТРИЈА Иновации и предизвици за производите без чад

Иновациите во производите без чад носат нови предизвици за глобалните регулатори, додека компаниите се борат за прифаќање на алтернативи кои можат да го намалат пушењето и да го подобрат јавното здравје.

564

Во светот се појавува голема дебата околу потребата за регулирање на производите без чад, кои претставуваат потенцијално поздрави алтернативи на традиционалните цигари.

Компании како „Philip Morris International“ (PMI) ја нагласуваат важноста од отворањето на пазарите за иновации кои имаат за цел да ја намалат штетата од пушењето, особено во земјите каде што сѐ уште доминираат традиционалните тутунски производи. На панелот кој се оддржа во Нојшател, Швајцарија водечките претставници на „PMI“ ја истакнаа потребата од нови регулативи кои ќе овозможат поширока употреба на овие алтернативни производи.






Претставниците на „PMI“, како што се Масимо Андолина, Христос Харпантидис и Васалис Гацелис, ја нагласуваат важноста на научните докази и отвореноста на владите кон новите технологии кои овозможуваат подобар избор за возрасните пушачи. Нивните заложби се базирани на примери од земји каде што ваквите производи веќе придонеле за значителен пад на пушењето, како што се Шведска, Јапонија, Нов Зеланд и Италија. Сепак, во некои држави, како што е Австралија, регулативите продолжуваат да го ограничуваат пристапот до овие алтернативи, што резултира со спротивен ефект – појава на шверц и насилни дејства.

Како тече регулативата низ светот?

Потпретседателот за надворешни работи на „PMI“, Христос Харпантидис, претседателот на компанијата во Источна Европа, Азија и Австралија, Васалис Гацелис, и претседателот на компанијата за регионот на Европа, Масимо Андолина, ја истакнаа големата важност од отвореноста на земјите кон иновациите и свесноста на општествата за придобивките од производите без чад.

Андолина наведе неколку примери како владите ширум светот треба да преземат конкретни мерки со цел да ги регулираат производите без чад.

– Би спомнал две работи кои може да ги земат како принципи, со цел да ги донесат тие одлуки. Првата од нив е да погледнат во науката и втората е одат на места и опкружување каде луѓето избираат да поминуваат време. Ако политичарите ги следат овие два основни принципа, тогаш луѓето ќе имаат можност да бидат информирани, да ги пробаат овие производи, да се грижат за себе и да прават подобри избори. Загрижувачки е што политичарите и регулаторите сакаат да ги ограничат луѓето да имаат пристап до подобри работи – рече Андолина.

Има повеќе земји во светот што ја забранија потрошувачката на никотин во уреди без чад – иако потрошувачката на традиционални цигари е легална. Од друга страна има земји кои имаат регулирано потрошувачка. Таквите места станаа точки за пример во текот на целиот настан.

– Нов Зеланд има сосема поинаков пристап кон забраната на електронските производи за пушење. Распространетоста на пушачите опадна двојно побрзо откако беше регулирана забраната за производи како што се вапените и продолжува со цел да се елиминира потрошувачката на традиционалните цигари – истакна Гацелис.

Тој ги сподели проблемите со регулативите во Австралија и рече дека особено во Мелбурн се појавиле тутунски банди, кои се пресметуваат меѓусебно, палејќи ги продавниците за тутун при што ја загрозуваат безбедноста на многу луѓе. Но, како што додае, овие групи не ги интересира ништо друго, освен тоа како да ја зголемат својата заработка.

– Одминувајќи подалеку од развојот на замените за цигари, имаме за цел да постигнеме иновации кои можат да придонесат за здравјето и за благосостојбата на луѓето. Знаеме дека процесот не е лесен, но ќе продолжиме со иновациите врз основа на напредокот што го постигнавме во изминатите 10 години. Ќе создадеме подобра иднина – рече Василис.

Христос Харпантидис, виш потпретседател за надворешни работи на PMI, се осврна на ризиците од појава на шверц по забраната на електронските уреди за пушење.

– Забраната не функционира. Незаконските добивки од трговија ​​одат само за криминалните организации. Има повеќе земји со чувствителни општества кои се грижат за луѓето и токму затоа треба да се фокусираат на јавното здравје. Верувам дека овие напредоци ќе бидат постигнати – коментира тој.

– За мене, како Европеец, забраната е многу тешка работа за разбирање. Мора да разговараме, бидејќи многу губиме во однос на јавното здравје. Ако ги забраните алтернативите, ги туркате луѓето кон цигари или кон недозволени производи – додава тој.

Говорниците истакнаа дека мора да се искористи целосниот потенцијал на иновациите и политиките засновани на докази за да се вложат колективни напори за елиминирање на пушењето цигари. Во земјите кои прифатија производи без чад, како што се Италија, Јапонија, Нов Зеланд, Шведска, Британија и САД, забележен е пад на пушењето цигари. Во меѓувреме, во земјите кои забрануваат или строго ги ограничуваат производите без чад, како што е Австралија, Сингапур, Турција и други, стапките на пушење се намалуваат со многу побавно темпо, и во некои случаи, се зголемуваат.

Компаниите се прилагодуваат на новите трендови за поздрав начин на живот

Во последните години, многу компании инвестираат значителни средства во развој на нови производи кои се усогласени со растечките барања на потрошувачите за поздрави производи кои се користат во секојдневнието.

– Производителите на безалкохолни пијалаци значително ги зголемија своите инвестиции во пијалаци без шеќер. Овие производи се резултат на детален процес на тестирање и истражување, со цел да се задоволат потребите на потрошувачите за пониски калорични опции. Други вложуваат во развој на храна без сол и со помалку масти, развивајќи производи кои не само што се вкусни, туку и здрави. Слична е стратегијата и на „Philip Morris International“. Компанијата се прилагодува на промените во пазарот, инвестирајќи во развој на производи со помалку никотин или без никотин, со цел да ги задоволи потребите на пушачите кои сакаат да направат поздрав избор – рече Диего Табоада од тинк-тенкот Авенир Свис.

Во глобалната борба за подобро здравје, компаниите не само што следат трендови, туку и активно учествуваат во создавањето подобри производи. Тие се посветени на истражување и иновации, со цел да им понудат на потрошувачите производи кои не само што се исти како оргиналните, туку и придонесуваат за подобро здравје и благосостојба.

Производите без чад не се без ризик и се наменети само за возрасни пушачи

Потпретседателот за меѓународни комуникации на компанијата Томазо Ди Џовани, истакнува дека „IQOS“ има 95% помалку токсични компоненти од традиционалната цигара.

– Нашето мото е „Ако не пушите, не почнувајте. Ако пушите, престанете. Меѓутоа, ако не престанете, заменете го со подобра алтернатива“. Ве молиме запомнете дека производите без чад не се без ризик и се наменети само за возрасни пушачи кои одлучуваат да продолжат да користат тутунски производи или други никотински производи. Денес, производите без чад и без согорување сочинуваат 38% од фактурите на „Phillip Morris International“. И, според нашите проекции, во наредните години овие нови производи ќе претставуваат 75% од приходот на компанијата – рече Ди Џовани.

Тој додаде дека време е да се даде приоритет на науката и на иновациите и да се прифати намалувањето на штетите од тутунот преку обезбедување алтернативни производи за пушачите кои не се откажуваат од подобри алтернативи. Патот кон иднината без чад не може да чека повеќе.

– Во не толку далечна иднина, светот го замислува времето кога пушењето ќе застари, каде побарувачката за цигари ќе исчезне, а пушачите или се откажале од тутунот и никотинот целосно или се префрлени на подобра алтернатива – заклучи директорот на „PMI“, Ди Џовани.

Поврзани содржини