Главниот штаб за управување со кризи попладне ќе го разгледа планот за кризна состојба
Според ЦУК, донесената Одлука за кризна состојба на територијата на цела држава е во насока на заштита на јавното здравје во услови на пандемија, безбедноста на населението и за спречување на ковид-19.
Главниот штаб за управување со кризи денеска во 16 часот ќе одржи седница на која, како што е најавено, треба да се разгледа Нацрт-акцискиот план за борба против пандемијата што го изготвува Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Согласно Одлуката за кризна состојба, Главниот штаб за управување со кризи синоќа во ЦУК веќе одржа седница. По конструктивна и куса дискусија беше утврдена рамка на активности на институциите во контекст на усвојување акциски план, соопштија оттаму.
Со Главниот штаб раководеше в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, а присуствуваа претставници на субјектите кои се дел од Системот за управување со кризи, назначени согласно Законот за управување со кризи – министерствата за внатрешни работи, за здравство, за транспорт и врски, за одбрана и за надворешни работи и раководителот на Групата за процена, како и раководителот на Итна медицинска помош во Скопје, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, како и претставници на Армијата, Агенцијата за разузнавање, дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Според ЦУК, донесената Одлука за кризна состојба на територијата на цела држава е во насока на заштита на јавното здравје во услови на пандемија, безбедноста на населението и за спречување на ковид-19.