ГЛАВЕН ПИЛОТ ВО МВР ЛЕТАЛ СО ФАЛСИФИКУВАНА ДОЗВОЛА? Со години управувал со полициски хеликоптер
Според информациите од МВР, со леталото во тој период биле превезувани и високи политичари и министри.
Полициски инспектор вработен во Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија со години управувал полициски хеликоптер со фалсификувана дозвола. Според информациите, со леталото во тој период биле превезувани и високи политичари и министри.
Одделот за внатрешна контрола при МВР поднесе кривична пријава против Н.А., главен пилот во Одделот за воздухопловни единици, поради сомнение за кривично дело „Фалсификување исправа“ по член 378 став 3 од Кривичниот законик.
Според пријавата, во периодот од 27 февруари до 10 април 2023 година, како началник на Одделот за воздухопловни единици, осомничениот незаконски впишал во својата дозвола за член на екипаж овластување за инструктор на хеликоптер од типот TRI BELL 206, иако не ги исполнувал условите. Наводно, овластувањето било прикажано како стекнато на 26 февруари 2020 година.
Фалсификуваното овластување го користел како валидно пред Воздухопловната полициска единица во Брник, Словенија, како и во две управни постапки пред Агенцијата за цивилно воздухопловство, со цел да биде впишано и во неговата цивилна дозвола.
Случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошната постапка.